Достапни линкови

„И фабриките имаат душа“ на Скопје филм фестивал


Филмот / фотоесеј „И фабриките имаат душа“ на Јане Алтипармаков и Наташа Гелева, своето прво поголемо претставување ќе го има во рамките на македонската селекција на престојниот 19. Скопски филмски фестивал.

„И фабриките имаат душа“ е филм/фотоесеј замислен и реализиран од Јане Алтипармаков и Наташа Гелева. Неговата цел е да се покаже дека фабриката не е само простор исполнет со студена машинерија и технолошки процеси, туку и своевиден паралелен свет, кој функционира и дише како жив организам.

Во смисол дека фабриката е жив организам којшто не функционира само механички туку и по некоја логика на живо суштество. А од друга страна има душа бидејќи и самите работници којшто со генерации работеле во тој простор оставиле многу, многу тежина од секаков аспект.
Јане Алтипармаков.

Говорејќи за делото Алтипармаков вели дека филмот го започнале како еден вид експеримент. Како проверка на некои нивни фасцинации со просторот. Како обид да се сними просторен, амбиентален филм.

„Многу интересно ни се виде да се искомбинира таа желба со еден социјален, философски, езотеричен аспект...Во смисол дека фабриката е жив организам којшто не функционира само механички туку и по некоја логика на живо суштество. А од друга страна има душа бидејќи и самите работници којшто со генерации работеле во тој простор оставиле многу, многу тежина од секаков аспект. И од духовен, но како што споменав и од социјален аспект. Така да, ова е еден вид естетски-социјален есеј. “

Гелева, пак, истакнува дека секогаш ја фасцинирале фабриките како простор бидејќи и нејзината мајка работела во една од нив. Како и секој уметник таа во авантурата со играта на светлината влегла инспирирана од делата на Крис Маркер, Ѕига Вертов ...

„Со оглед на тоа дека ние опериравме со насловот „И фабриките имаат душа“ разбирливо е што повеќе има фотографирано машинерија. Се обидував да избегнувам да фотографирам работници затоа што акцентот беше ставен на фабриката. Инаку снимавме во „Макстил“ и за тоа ни беа потребни специјални дозволи. Затоа на три пати за време на викендите одевме таму и неуморно работевме по неколку часа. За среќа се погоди во тие денови да имаме добро светло. Светлосните снопови паѓаа низ одделни процепи од халите ...и јас навистина сум задоволна од сработеното. Инаку, фотографиравме во боја за да можат до израз да дојдат црвените тонови на огнот. Можев да видам различни форми во играта на огнените јазици , та дури во еден момент ми се причини како да видов череп на човек.“

Јане дополнува дека, колку што е тој информиран, кај нас досега речиси и да немало овој тип на остварувања. Вели дека може да се присети само на еден постар филм на Столе Попов - „Оган“, но дека и тој е сниман со класична филмска камера и дека не е направен вака есеистички. Од друга страна, истакнува дека на Запад се повеќе и повеќе се прават некои такви комбинации на музички-амбиентални филмови и фото-есеи. Како пример го наведува филмот што пред некое време го видел а во кој се користени инструменталите на Дејвид Боуви од „берлинската фаза“ и во кој е прикажана германската метропола низ очите на авторот, дело што датира од 2013-та што би подразбирало дека тие со Гелева се движат паралелно со некои нови трендови во современиот светски филмски израз.

Конечно „И фабриките имаат душа“, проектот во кој е користена авторска музика на Игор Василев (НОВОГРАДСКА) со монтажата на Дарко Стефановски, таа заумна комбинација од фотографии, атмосферична музика и монтажни ефекти, го привлече вниманието и на Јан Харлан, близок роднина и продуцент на големиот филмски автор Стенли Кјубрик.

Алтипармаков и Гелева го запознале на една од работилниците на „Синедејс“ и тогаш имале можност да му ја претстават првичната верзија. На Харлан му се допаднала идејата, му се допаднале визуелизациите, заложбата да се раскаже филм преку звук и слика. Го бендисало инсистирањето да нема класична нарација преку слика и затоа разбирливо еден од неговите совети бил да вметнат класична и оригинална музика. Затоа се решиле за едно „балетизирано раскажување“ и го побарале Игор Василев НОВОГРАДСКА, кој што е познат не само како музичар и диџеј, туку и како композитор на театарска и филмска музика кој зад себе ја има соработката и со еден автор како Милчо Манчевски.

„НОВОГРАДСКА инспириран од филмот креираше едно многу убаво парче кое токму на аудио начин ја доловува онаа наша желба да ја прикажеме душата на фабриката. И преку тој спој, на некој таков визуелен балет, излезе оваа официјална верзија на фото-есејот што сега ќе ја прикаажеме на Фестивалот, а на која Јан Харлан се потпиша како проект-координатор бидејќи на крајот беше задоволен од продуктот и потоа во ноември 2013 дојде да го промовираме во Отвореното графичко студио на Музеј на град Скопје.

Се надевам дека таа среќа, таа позитивна искра што ни ја донесе тој човек со неговите познанства и со неговата работа ќе продолжи и понатаму во развојот на оваа идеја и дека ќе се одрази врз дистрибуцијата на филмот. Сега за сега, ние сме задоволни бидејќи „И фабриките имаат душа“ беше прикажан на повеќето македонски алтернативни манифестации и филмски фестивали, а веќе за септември годинава имаме покана да го претставиме и во Италија. “

​Кон ова само уште и информацијата дека во рамките на „Скопје филм фестивал 2016“ својата македонска премиера ќе ја има и шведскиот филм „Затнати усти“, работен по сценарио и режија на Карл Абрахамсон, во кој Јане Алтипармаков се појавува како камерман и асистент. Станува збор за дебитанско класично црно-бело филмско остварување ( психолошки трилер со надреалистички елементи) на режисерот и музичар Абрахамсон инспирирано од филмовите на Дејвид Линч. Улогите во него ги толкуваат Лин Шпаренборг, Теа Шалдева, Стојан и Вера Николиќ и други, а предвидено е авторот да одржи и работилница за време на Фестивалот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG