Достапни линкови

Чадловска - Диригентот дава печат на делото


Бисера Чадловска, диригент во Македонската опера и балет.
Бисера Чадловска, диригент во Македонската опера и балет.

Бисера Чадловска, диригент во Македонската опера и балет, е добитник на наградата „Георги Божиков“ што Сојузот на композиторите на Македонија им ја доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна изведба на дела на македонски композитори. Ова е прво и засега единствено нејзино големо признание кое го добива за континуирана изведба на творби од домашни автори во текот на 2015 година.

По деценија и половина присуство на домашната музичка сцена маестра Бисера Чадловска конечно ја доби и првата награда. И, тоа не било која туку „Георги Божиков“, признанието што Сојузот на композиторите на Македонија им го доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна изведба на дела на домашни автори во текот на една календарска година.

Среќна поради таквиот след на настаните, таа знае да каже дека наградата е всушност показ за она што си го направил. За она што во текот на една година како творец си го оставил зад себе.

Наградата мене ми е поттик во иднина уште повеќе да работам на творештвото на нашите композитори, на нивните дела бидејќи ако ние не ги изведуваме први кој во светот би се потегнал тоа да го стори место нас.
Бисера Чадловска, диригент.

„Не ни претпоставував дека во минатата 2015 година имам изведено повеќе македонски дела, но во СОКОМ тоа педантно го евидентирале, го избројале и ...од таму изненадувањето. Наградата мене ми е поттик во иднина уште повеќе да работам на творештвото на нашите композитори, на нивните дела бидејќи ако ние не ги изведуваме први кој во светот би се потегнал тоа да го стори место нас.“

Диригентката дополнува дека нема некоја посебна агенда што би ја следела во одбирот на делата, туку дека излегува оти некако повеќе македонското творештво ја наоѓало нејзе. Дури неочекувано. Дека притоа пристапите во подготовката и при изведбата се различни зошто станува збор за различна музика.

„Многу често тие дела прв пат треба да се изведат и тогаш ти треба да дадеш видување за тоа како треба да прозвучат. Ова е особеноважно бидејќи тие не се никогаш нити снимени нити изведени пред публиката. Нити некој ги знае или, пак, ги слушнал предтоа.Тоа што во моментот додека се изведува делото ти ќе го направиш со оркестарот станува печат на самата творба. На самото дело.“

Од таа страна е многу интересно бидејќи уметникот може да си дозволи соработка со композиторот. На моменти дури и да импровизира или да смисли нешто ново. Да додаде или одземе. Ете во тоа се состои различноста во пристапите. Тоа е тој пристап кон современите творби, дефинитивно поразличен од оние кон класичните дела. Затоа сега сакам да соработувам со нашите композитори и тоа ми е многу важно бидејќи токму таквиот начин на комуникација доведува до подобра, повпечатлива изведба.

Уметницата истакнува дека своите интимни желби за работа понекогаш ги презентира во својата матична куќа – МОБ и потоа се случува да добива одреден проект за да го сработи. Вели дека понекогаш неочекувано се втурнува во авантури што не ги започнала. Како пример за тоа ја издвојува „Змејовата невеста“ ( на композиторот Стојан Стојков – добитник на наградата „Панче Пешев“, највисокото професионално признание кое СОКОМ го доделува на музички творци со цел да се истакнат најзначајните достигнувања во домашното музичко творештво и музикологијата) која ја првично ја диригирал нејзиниот колега Саша Николовски Ѓумар, за да потем ја превземе самата како матичен диригент на операта. Од друга страна за концертот на домашни дела на Денови на македонска музика што лани го потпиша Оркестарот на МОБ одбирот бил нејзин, со плус една композиција од Панде Шахов која морала премиерно да биде изведена на манифестацијата бидејќи била меѓу победниците на конкурсот за нови творби од домашни автори на Министерството за култура.

Чадловска е и диригент со Оркестарот во првиот македонски лиценциран мјузикл „Чикаго“ што со голем успех се прикажува на сцената на Македонскиот народен театар. Од таму не чуди кога вели дека лично е презадоволна од сработената и дека ужива во секоја нова претстава.

„Иако работата врз „Чикаго“ беше макотрпна и навистина вложивме огромни напори да го сработиме мјузиклот, да дојдеме до финалниот производ...не можете и да претпоставите како сето тоа изгледаше...Но ете, за среќа, сè се заврши успешно. Публиката тоа многу добро го прифати, мјузиклот едноставно освојува и јас сум презадоволна од секоја нова изведба. Оркетарот е составен од една многу талентирана група на млади луѓе, студенти од Факултетот за музичка уметност кои одлично си ја завршија работата и кои прогресираат со секое идно посегање во партитурите. Во целата таа приказна морам да споменам дека голем придонес дадоа и нивните професори.“

Родена 1978 година во Скопје, Бисера Чадловска е единствената жена диригент во Македонија. Нејзиниот творечки пат најнапред ја одвел во нижото и средно музичко училиште „Илија Николовски Луј“, а потем се запишува на Факултетот за музичка уметност, на отсекот за оркестарско диригирање во класата на професор Фимчо Муратовски. По дипломирањето во 2001 година ќе се најде на пост-дипломски студии по симфониско и оперско диригирање на Државната музичка академија во Софија, соседна Бугарија. Во МОБ ќе почне да работи како хор-мајстор, потоа напредувајќи, својата прва премиерна изведба ќе ја има со „Таен брак“ од Доменико Чимароза, операта со која што ќе биде отворено Скопско лето во 2005 година. Следува и нејзиниот студиски престој во Темишвар, Романија, по што диригентката преку бројните изведби започнува да се докажува како врвен уметник кој денес стои безмалку зад целокупниот репертоар на Операта и балетот во својата матична куќа -МОБ.

Во репертоарор на Бисера Чадловска се наоѓаат дел од најпознатите и најкомплексни дела од оперската и балетска литература, оперите „Травијата", „Риголето", „Севилскиот бербер", „Кармен", „Волшебната флејта", „Лилјакот", „Кавалерија Рустикана", „Паљачи", „Моќта на судбината", „Свртување на штрафот", „Јованче и Марика", „Набуко", „Турандот", „Веселата вдовица", „Војвотката на чардашот", „Рита", кантатата "„Кармина бурана"...како и балетите „Жизел", „Есмералда", „Шехерезада", „Дон Кихот", „Лебедово езеро" и „Рајмонда".

Чадловска деновиве ќе потпише уште по една изведба на балетот „Лебедово езеро“ и на мјузиклот „Чикаго“, а потем од септември го очекува превземањето на нејзината дамнешна желба – операта „Турандот“.

Таа потенцира дека како и сите други македонски уметници би сакала да се види како стои пред оркестрите на некоја од сцените во светот, но дека тоа е тешко остварливо бидејќи во земјава немаме промотори.

„Се е тоа поврзано со некои приватни контакти кој некој ги има, а некој не. Нашата држава нема ниту менаџерска ниту концертна агенција, а ниту Министерството може посилно да се заложи за тие размени. Така да тоа навистина тешко оди. Јас не сум од тие кои измислуваат дека секој ден се некаде и дека постигнуваат незнам какви успеси. Се случува да појдам некаде, но многу ретко“, вели Чадловска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG