Достапни линкови

Груевски и Иванов ја водат Македонија во изолација


Архивска фотографија: Претседателот Ѓорге Иванов му го врачува мандатот на претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски
Архивска фотографија: Претседателот Ѓорге Иванов му го врачува мандатот на претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски

Меѓународните претставници постојано апелираат претседателот Ѓорге Иванов да ја смени одлуката, но нема индиции дека тој ќе го додели мандатот. Истовремено ВМРО-ДПМНЕ ја заострува реториката кон западните земји и организации. Сето ова ја носи државата во меѓународна изолација, велат аналитичарите.

Засега нема никаков сигнал од претседателот Ѓорге Иванов дека и по последните директни прозивки од еврокомесарот Јоханес Хан итно да ја преиспита својата позиција, ќе го стори тоа и ќе ја смени одлуката за доделување мандат.

Хан е само последниот од странските политичари што апелираше за таков развој на настаните. Претходно тоа го побара и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, претставници на САД, НАТО и други западни земји.

Но, Иванов одлучи и да не се сретне со Хан во Скопје, што според аналитичарите упатува на тоа дека не само ВМРО-ДПМНЕ и владејачката гарнитура, туку дека државава се води кон меѓународна изолација.

Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири, кога се зборува за трендот на ВМРО-ДПМНЕ се зборува и за целата земја, бидејќи, како што вели, тоа е партија што диктира процеси во државата. Не случајно се бараат реформи со кои ќе се одвои партија од државата, додава тој.

„Изолацијата на ВМРО-ДПМНЕ значи и изолација на државата, затоа што претседателот Иванов функционира на таков начин што повеќе води сметка за интересите на партијата што го кандидираше отколку за интересите на државата“, вели Незири.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, по изборите што се одржаа на 11 декември почна да испраќа соопштенија од средбите со амбасадорите на западните земји со кавгаџиски тон. И по средбата со Хан соопштија дека му зборувале за „директното мешање на надворешни фактори во создавањето на кризата, за неприфатливата улога и мешањето на неколку амбасадори во процесот на формирање на Владата“, разочараноста што Европската Комисија не ја осудила платформата, намерата на одредени центри да се скрши и по можност, како што пишуваат, да се елиминира ВМРО-ДПМНЕ.

Единствената карта што и остана на партијата сега, вели Митко Гаџовски, политикологот на Факултетот за општествени науки, е да игра на подигнување на тензиите и убедување на луѓето дека земјата може сама без да има потреба од меѓународни партнери. Тоа не е точно, нагласува тој, додавајќи дека досега во земјава се влезени милијарди евра странска помош за развој.

„Целта на тоа што го прави ВМРО-ДПМНЕ е да се врати како некаков фактор, односно како застапник на ставовите на луѓето што се пред Собранието, а кои всушност ги презентираат ставовите на ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека сакаат да се претстават како фактор што би ги прекинал протестите, меѓутоа за возврат би добил нешто друго“, вели Гаџовски.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, постојано негира дека стојат зад секојдневните протести од кои се извикуваат антизападни пароли. Но, од друга страна, тие бараат од странците да го земат предвид тоа незадоволство на народот кој секоја вечер, четврта недела по ред, маршира низ повеќе градови.

„Не си играјте со оган“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:00 0:00

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG