Достапни линкови

ЕУ јасно порача, тешко дека ќе биде послушана


„Не си играјте со оган“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:00 0:00

„Не си играјте со оган“

Од соопштението на еврокомесарот Јоханес Хан и европратениците јасно се чита кои следни постапки сугерира Унијата да се направат и кој е одговорен за тензиите, сметаат упатените. Но, според нив, тешко е да се процени дали сето тоа ќе има ефект.

Соопштението на еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратениците Кнут Флекештајн, Иво Вајгл и Едуард Кукан има јасна порака - да не се свртува вниманието од изборниот процес и да не се поттикнува национализам за да се спречи реализирањето на волјата на народот. Ова, според упатените, е една од пораките што се чита од соопштението на европските политичари кои вчера со часови во Собранието одделно разговараа со речиси сите лидери на парламентарните партии.

Покрај тоа што повторно побараа од претседателот Ѓорге Иванов итно да ја преиспита својата позиција, а релевантните институции да овозможат брзо формирање новата и цврста коалиција, тие упатуваат и други пораки за меѓуетничките тензии.

„Особено бараме од сите да се воздржат од какви било акции и изјави кои може да ги потпалат меѓуетничките тензии или да ги поткопаат добрите меѓусоседски односи. Никој не треба да биде во искушение да си игра со оган“, наведоа во заедничката изјава европските политичари.

Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, соопштението пред сè, е адресирано до претседателот, но од него исто така се чита дека и на нив им било јасно кој стои зад тензиите.

„Разврската почнува од претседателот, но исто така им се укажува и на другите чинители во креирањето на политичката криза да бидат повоздржани и дека сите се свесни кои се тие“, вели Муслиу.

По тричасовната средба со Хан и европратениците на делегацијата од ВМРО-ДПМНЕ предводена од партискиот претседател Никола Груевски, пратеникот Антонио Милошоски зборуваше за двете познати опции на партијата - нови избори или претседателот на СДСМ Зоран Заев да ја отфрли платформата на партиите на Албанците, а за возврат да добие поддршка од нив. Во соопштението од партијата испратено подоцна наведуваат дека им предочиле на европски гости дека одговорност за понатамошниот развој на состојбата носат сите политички чинители, вклучувајќи ги претставниците на меѓународната заедница.

Секој останува на своето и по средбите со Хан
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:57 0:00

Дали ќе има ефект евентуална реакција на Европската унија е тешко да се каже во овој момент, бидејќи, како што вели универзитетскиот професор и поранешен министер за надворешни работи Денко Малески, ситуацијата во Македонија е испреплетена со изборниот процес и личните судбини на одредена група политичари. Државава е фрагилна и Брисел се плаши од притисоци и од санкции, бидејќи може да донесат понатамошни внатрешни нарушувања, смета Малески.

„Што се однесува до поединечни санкции сигурно имаат на располагање и можеби и ќе ги применат, но и кога се ставаат и поединечни санкции на водството на една држава тоа се одразува и врз целата држава, врз нејзиниот меѓународен статус, прогрес, углед, економијата итн“ вели Малески.

Дека веќе е загрозена европската иднина на Македонија, според Милошоски, посочил и самиот Хан на средбата со нив. Еврокомесарот и пратениците пак, во соопштението наведуваат и дека „негативната реторика чија цел е меѓународната заедница и граѓанските организации е целосно контрапродуктивна и оти таа ги поткопува меѓународната позиција на земјата и кредибилитетот на оние кои го користат“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG