Достапни линкови

Хан бара институционално решение на кризата


Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн во посета на Македонија.
Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн во посета на Македонија.

Во Собранието попладнево се во тек средбите на еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници со партиските лидери. Првите луѓе на ДУИ, Беса и Алијансата за Албанците рекоа дека се бара институционално решение на кризата.

На институционално решение на кризата инсистирале еврокомесарот Јоханес Хан и европратениците Едуард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекештајн на попладневите средби со партиските лидери.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети по средбата со нив, рече дека Хан и европратениците изразиле огромна заинтересираност и побарале изнаоѓање можности како да се надмине кризата и земјата да се врати во нормална ситуација, а институциите да функционираат.

Ахмети побара сите политички чинители да реагираат за кризата од политичка да не се претвори во етничка. На новинарско прашање дали и без даден мандат од претседателот Ѓорге Иванов ќе гласаат за влада, тој не одговори конкретно и рече дека ја дале поддршката за СДСМ и дека ќе стоеле зад тоа.

Претседателот на движењето Беса Биљаљ Касами, пак, по средбата изјави дека Хан не понудил конкретен предлог, нагласувајќи дека не постои тиранска платформа туку само декларација на политичките партии на Албанците.

„Комесарот Хан нè поддржува во нашите постапки кои водат кон формирање влада, која во моментов има поддршка од 67 пратеници, како и да се избере претседател на Собранието, како и уште еднаш од претседателот Иванов да се побара да го додели мандатот и да почнат преговорите за состав на новата влада за да може таа влада да ја реализира програмата за враќање на државата на евроинтеграциските процеси,” рече Касами.

Нема ништо ново од кога беше последниот пат,продолжува кризата и за жал добива поголем замав, а единствен излез е институционалниот, рече Зијадин Села од Алијансата за Албанците по средбата со еврокомесарот.

„Претседателот на државата нема право на лично мислење, туку само да го спроведува Уставот. Иванов може да има не само еден туку стотици лични ставови. Како претседател на државата тој нема право на личен став за мандатот, туку е должен да го даде на оној што ќе обезбеди мнозинство од најмалку 61 пратеник,” рече Села.

Претпоследен на средба во Собранието пристигна претседателот на СДСМ Зоран Заев, а потоа, според агендата се очекува и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, со кого состанокот е предвидено да заврши во 21.15 часот. Како што се брифира, Хан нема да даде изјава, туку подоцна вечерва ќе испратат заедничко писмено соопштение со европратениците.

Засега Хан единствено се огласи на Твитер. На почетокот на првата средба во Скопје со претставниците на Беса напиша итно е потребна нова влада за да спроведе реформи. Нема време за губење! Патот за Скопје кон ЕУ е отворен по последниот состанок на Советот на ЕУ. Но часовникот отчукува. Потребно е лидерство наместо тактика. Економијата трпи.

Инаку претпладнево непосредно пред европските дипломати да слетаат во Скопје од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов објавија дека тој нема да се сретне со Хан. Иванов кој од вчера е во Унгарија, како што соопштија од неговиот кабинет, ќе стигнел доцна вечерва.

„Претседателот Иванов своите ставови веќе му ги соопшти на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на нивната последната средба на 10 февруари 2017 година и тие остануваат непроменети. Претседателот Иванов јасно и недвосмислено порача дека нема да определи мандат, без претходна јавна осуда и отфрлање на платформата од Тирана“, се вели во соопштението од Кабинетот на Иванов.

Toj терминот за средба им го отстапи на претставниците на Иницијативата „За заедничка Македонија“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG