Достапни линкови

Андов: Претседателот Иванов не го испочитува Уставот


Мислам дека тука тактички се погреши од страна на трите партии на Албанците во Македонија што некако лошо го поставија целото прашањето на реформите. Настрана каде е подготвена таа платформа, туку и што тоа се постави како документ земи или остави, да нема разговор за тоа, вели првиот претседател на Собранието во независна Македонија Стојан Андов во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Останува неизвесно кога СДСМ и ДУИ ќе се одлучат да го активираат продолжувањето на конститутивната собраниска седница што беше најавено како опција. Кога може да има седница во Собранието кога на улиците се демонстрира расположение дека граѓаните ќе бидат оградата пред Собранието, или има друго мудро решение на кризата?

Продолжувањето на седницата која сега е во тек е можно секогаш во секој момент и би било корисно, што поскоро да продолжи таа седница, да се избере претседател на Собранието и така натаму. Но, за тоа не се пречки демонстрациите. Во минатото колку пати ние сме држеле седница на Собрание, па дури ни влегуваа и во зградата, во 2001 особено тоа беше таков случај. Ние не престанавме ниту во еден момент да работиме.

Причината е што е малку поширока оваа криза. И тоа не е криза само на Собранието и неговата работа, туку централно место е сега што ние не може да избереме влада. А тука меѓу другото е и овој став на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој, ете, има свои причини, ги кажува и одбива да го даде мандатот на Зоран Заев, кој пак има легитимно мнозинство во парламентот и тој спор треба што поскоро да се реши. Кога ќе се реши тој спор, ќе се реши и продолжувањето на работата на Собранието.

По упатеното писмо на Иванов со кое тој бара и повлекување на платформата на албанските партии, какви сигнали се испраќаат кон светската дипломатија? Дали тој со ова испрати дециден став дека нема да се предомисли, иако претставниците на ЕУ и САД упатија остри критики поради неговото одбивање да го додели мандатот на оној кој што му достави потписи за мнозинство во парламентот?

Писмото на претседателот Иванов треба да се гледа попрецизно. Тој не упати писмо до сите светски лидери. На пример, не упати писмо до претседателот на Руската Федерација Владимир Путин. Упати писмо таму каде што има легални основа за тоа, таму каде што ние имаме специјални односи. Да кажеме имаме барање да бидеме примени за полноправно членство во ЕУ. Тој упати писмо до претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск.

Според тоа, таков е изборот на претседателот на нашата држава и оттаму треба да видиме кои се неговите намери. Сигурно прва негова намера е тие инстанци прецизно да ги информира, како што тој ги разбира работите, за тоа што се случува овде и зошто тој не го дава мандатот.

Втора цел е, иако не кажува, сепак да слушне што тие инстанци мислат за неговиот потег. Ако не му е важно што тие инстанци мислат за неговиот потег нема да им се обраќа ним. Зошто тие и инаку знаат што направил и кој е ставот преку дипломатските канали. Според тоа мислам дека на Иванов сега му е важно како ќе реагираат сите тие. И колку што знам, тие горе долу реагираа и му советуваа да му го даде мандатот на оној кандидат кој докажал дека има мнозинство во парламентот.

И очекувам јас со нужни образложенија во скоро време Иванов да ја промени одлуката и да го даде мандатот на Заев, со тоа што ќе си сочува право и ќе бара право кога ќе се бира владата да му се овозможи специјално обраќање во Собранието каде ќе ги каже сите овие негови забелешки. Тоа може да биде солуцијата која би можело да значи да почне да се работи веќе.

Со вашето присуство на политичката сцена посочивте дека никогаш не се случило претседател на државата да условува доделување мандат. Дали одговорност за продлабочување на кризата има само Иванов или и нетранспарентноста за прашањето за платформата на албанските партии во Македонија?

За се има нешто првпат, па и овде сега нас тоа првпат ни се случи да одбие претседателот да даде мандат на лицето кое покажува дека во парламентот има мнозинство. Причината тој сам ја наведе. Тоа е главната причина за него. А за да се разјаснат работите околу тоа колку е тоа точно, колку не е точно, важна причина е што тоа не е сторено сега, тоа е да се објави писмен документ за договорот врз основа на кое е постигнато тоа парламентарно мнозинство, со што ќе се отстранат сите проблеми околу тоа и ќе се докаже оти стравувањата на Иванов не се точни. Тоа е помалата причина. Главна причина е што тој не го почитуваше Уставот по членот 90 што му е исклучива обврска.

Колку прифаќањето, одложувањето или во крајна линија одбивањето на платформата може да влијае врз нарушување на меѓуетничките односи и да иницира поголеми тензии и излегување на ситуацијата од контрола?

Мислам дека тука тактички се погреши од страна на трите партии на Албанците во Македонија што некако лошо го поставија целото прашањето на реформите. Настрана каде е подготвена таа платформа, туку и што тоа се постави како документ земи или остави, да нема разговор за тоа, туку тоа да е диктат. Кога нешто се сака да се постигне како договор има смисла само ако за тоа се разговара и ништо претходно не е готово и не е непроменливо. За се може да се разговара.

Тоа беше таа грешка и таа грешка придонесе за една голема да речам национална мобилизација на Македонците. Мислам дека во цела таа работа има многу фалш работи, многу погрешно разбрани работи погрешно сервирани работи и мислам наскоро кога ќе почнат да се разјаснуваат работите ќе се смири и таа мала нервоза во меѓуетничките односи.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG