Достапни линкови

Притисокот на меѓународната заедница насочен кон Иванов


Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини во Собранието на Македонија. Ја придружува амбасадорот на ЕУ, Жбогар
Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини во Собранието на Македонија. Ја придружува амбасадорот на ЕУ, Жбогар

Аналитичарите очекуваат и натаму да продолжи силниот притисок врз претседателот Иванов да го додели мандатот на партијата која обезбеди парламентарно мнозинство, бидејќи секое одолговлекување ги подига тензиите.

Во Македонија продолжуваат дипломатските посети на личности од меѓународната зедница кои на разговори со домашните политички субјекти укажуваат на кој начин да биде надмината политичката криза и да се формира влада. Аналитичарите очекуваат дека како најназначајно дипломатите и натаму ќе го покренуваат прашањето претседателот Иванов да го додели мандатот на партијата која обезбеди парламентарно мнозинство, посочувајќи му дека секое одолговлекување само може да ги подига тензиите. Алберт Муслиу вели дека претставниците на ЕУ и САД имаат поширока лепеза на механизми околу начините на кои може да се надмине кризата, но оти во овој момент излезните решенија се бараат во рамки на Уставот.

„Работата не е заглавена до мерка дека не може да се досреди. Протестите ги дигат страстите и стравот кај граѓаните. Но ако дипломатите го потпомогаат процесот тоа е во смисла на укажување на сите страни, или претседателот да го даде мандатот на носителот на новото мнозинство или евентуално новото мнозинство преку парламентот да го разреши ова прашање,“ изјави Мислиу

Други решенија на политичката криза во моментот нема на повидок, вели Мислиу, дополнувајќи дека тие не се потребни ниту се можни. Според него секое разрешување на пост-изборната ситуацијата мора да оди преку Парламентот.

И универзитетскиот професор Нано Ружин вели дека очекува во наредниот период да има отворени разговори на претставниците од ЕУ и САД, како најзаинтересирани субјекти за кризата во Македонија со Иванов и другите политичари и да се бара решение

"Засега како најзначаен легален субјект тие гледаат во претседателот Иванов, но тој за жал нема репутација на човек кој може да ја реши кризата затоа што е премногу партиски ориентиран кон ВМРО ДПМНЕ кои ја генерираа кризата. Освен Иванов тука се исто така и останатите политички субјекти пред се со ДУИ и со СДСМ и ВМРО ДПМНЕ со можност да се бара некое ново решение", вели професор Ружин.

Но, како што нагласи тој, ако државата натаму продолжи да се движи во поголема политичка криза и ако има поголеми инциденти , во еден период за жал може да станеме дел од дневниот ред на ЕУ и НАТО како во 2001.

Во нов обиди за деблокирање на демократските процеси во земјата дојде Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер кој се среќава со претседателот Ѓорге Иванов и со претставници на парламентарните партии. Во колумна за Утрински весник тој оценува дека институциите на земјата мора да најдат начин да продолжат понатаму врз основа на резултатите на декемвриските избори, формирајќи влада согласно демократските принципи и стандарди и во согласност со владеењето на правото.

Ова е време кога политичките лидери треба да преземат одговорност и да покажат дека постапуваат согласно долгорочниот интерес на земјата, а не само во интерес на нивната партија, порача Генералниот секретар на ОБСЕ

Претходно шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини која беше во Македонија изјави дека е загрижена и порача во земјата да не си игра со оган со предизвикување меѓуетнички тензии.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG