Достапни линкови

Ахмети му ја врати „бомбата“ на Заев


Лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети.

Лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети.

Претседателот на СДСМ, Заев, потврди дека ДУИ им испратиле документ за употреба на јазиците. Досега закон е носен, па менуван во 2008 и во 2011 година од тогашните коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Доцна синоќа ДУИ до СДСМ испратиле документ за употребата на јазиците потврди денеска претседателот на СДСМ Зоран Заев. Тој додаде дека лично не го видел документот што содржи, но работна група составена од Оливер Спасовски, Радмила Шеќеринска и Рената Дескоска го разгледуваат материјалот.

„За нас е прифатливо сè што е во рамките на Уставот и потребите на граѓаните Албанци или од која било малцинска заедница. Предлогот да е уставно издржлив и уставно издржан и да ги одразува практичните потреби на граѓаните”, рече Заев.

ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците во заедничката платформа, пак, бараат и промена на Уставот во кој ќе се утврди дека „македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија“.

Но, за промена на Уставот е потребно двотретинско мнозинство, така што очекувањата се дека сè ќе се решава со законско измени. Засега содржина на нацрт документите кои си ги препраќаат ДУИ и СДСМ не се открива.

Според универзитетскиот професор Мерсим Максути може да се зголеми употребата на јазикот и само преку закон. Не треба да се употребува во средини каде што не живеат Албанци, туку онаму каде што се над 20 отсто, додава тој.

„Треба да се донесат измени за да може да се употребува секаде -во Влада, во Уставен суд, судовите, администрацијата, комуникацијата на локалната со централната власт каде што градоначалници се Албанци да можат да комуницираат“, вели Максути.

Два пати употребата на јазиците беше регулирана при формирањето на владините коалиции меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Прво во 2008 година беше донесен Законот за употреба на јазиците во кој се предвидува јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните, покрај во Собранието, да се употребува и во комуникација на граѓаните со министерствата, со народниот правобранител, во судските и во управните постапки, во извршување на санкциите, при изборниот процес и референдум, при издавање лични документи, водење матична евиденција, примена на полициски овластувања и во други области. Во него се предвидува и пратеник кој зборува јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Македонија, на седница на Собранието и на седница на работното тело, кога претседава со седница на работно тело на Собранието да зборува и на тој јазик, а и собраниските материјали да ги добие и на неговиот јазик и писмо.

Со измените во 2011 година, исто така донесени при коалицирањето меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ законот од 2008 година се прошири, па јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Собранието на Македонија може да го употребуваат и избраните или именуваните лица од Собранието.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG