Достапни линкови

Македонија и Белорусија со најголем пад во индексот на корупција


илустрација
илустрација

Македонија на листата на Индексот на перцепција на корупцијата 2016 година се наоѓа на 90 место, а од 2015 до минатата година има пад од 24 места. Од Транспаренси Интернешнел Македонија велат дека проблемот со корупцијата во земјата ескалира.

Македонија е меѓу осумтте земји и територии во светот кои имаат најголем пад во рангирањето на Индексот на перцепција на корупцијата 2016 година. Македонија е во друштвото на Мозамбик, Мавританија, Тринидат и Тобаго, како и Мексико, Тајланд, Суринам и единствената друга земја од Европа, Белорусија.

Македонија на листата се наоѓа на 90 место, а од 2015 до минатата година има пад од 24 места. Ништо подобро не стои Македонија и со земјите од регионот. Само Косово е подолу на листата, иако има подобрување во нивото на корупција.

Од Индексот на корупција на Транспаренси интернешнал
Од Индексот на корупција на Транспаренси интернешнал

Од Транспаренси Интернешнел Македонија велат дека проблемот со корупцијата во земјата ескалира.

Според Дона Димов од организацијата, Македонија забележала историски и глобално најголем пад на ранг листата.

Индексот, како што појаснува таа, всушност говори за тоа како бизнис заедницата и реномираните експерти го оценуваат нивото на корупцијата во јавниот сектор.

„Според ова излегува дека - Да во Република Македонија имаме состојба во која што, борбата со корупцијата е на многу ниско ниво. Значи се соочуваме со ситуација во која практично одговорните лидери во државата не реагираат и не спроведуваат мерки кои ќе можат да придонесат за надминување на состојбата, односно за ефикасна борба против корупцијата“, смета Димов.

Во пишана изјава за медиумите претседателот на Транспаренси Интернешнел Македонија Слаѓана Тасева оценува дека падот на земјата е фрапантен.

„Владата на Република Македонија, која повеќе години водеше политика заснована на клиентелизам и интереси, не само што ги занемаруваше сите укажувања за ескалација на проблемот со корупцијата, туку со воспоставувањето на системот на заробена држава го оневозможи работењето на институциите задолжени за борба против корупцијата. На овој начин се создаде силно изразен систем на заштита на корумпираните и систем во кој наспроти правото владеат интереси“, порачува Тасева.

Според неа, тој систем мора да се замени со систем во кој ќе владее правото, а институциите ќе бидат ефикасни и ќе преземат сериозни мерки за справување на корупцијата како проблем од висок приоритет. Во индексот опфатени се 176 држави и територии, а највисоко на листата се наоѓаат Данска, Нов Зеланд, Финска и Шведска. Најниско рангирани пак се Сомалија, Јужен Судан и Северна Кореја.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG