Достапни линкови

logo-print

Партиите, кога се на власт, акумулираат огромна моќ и влијаат врз зголемување на поделеноста меѓу граѓаните, која може да ги загрози и нацијата и државата.

Во Македонија се случуваат протести на кои повторно до израз дојдоа поделбите на политички план. Професорот на Филозофскиот факултет во Скопје, Ристо Солунчев, вели дека тешко е да се бара конкретна вина кај човек или група и оти веројатно сите сносиме вина за поделеноста на граѓаните во општеството. Меѓутоа, одговорноста, како што наведува Солунчев, е кај власта и на неа и одговара поделено општество и таа создава квази сплотеност за сопствени цели. Тој истакнува дека во земјава владее апсолутна корупција и оти најмал проблем е корупцијата на власта, но проблем е што народот и граѓаните на треба да бидат корумпирани.

Работата е како де не може власта да го корумпира народот. Овој народ е апсолутно корумпиран. Зборуваме од сегментот да му дадете 15 илјади денари плата и да биде среќен со тоа.

„Работата е како де не може власта да го корумпира народот. Овој народ е апсолутно корумпиран. Зборуваме од сегментот да му дадете 15 илјади денари плата и да биде среќен со тоа, па од највисок степен бизнисмени и фирми да им дадете зделки да градат мостови, споменици итн. Сето тоа е корупција. И тоа оди во насока на тоа дека буквално од луѓето да создавате егоисти“, вели тој.

Солунчев, кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа, укажува дека проблемот е што корумпирањето што го прави власта оди во насока на создавање личности кај кои нема желба за вистинољубивост. Тој забележува дека на тие луѓе не им е битно дали е некој корумпиран или не и оти тие мислат само на себе и своето семејство.

„Проблемот е што тој тип вистинољубивост да дознаеш што правел оној што ти си го ставил на власт, се изгуби. Потребата да дознаеш што се случува се вика вистинољубивост. Мојот народ ја изгуби таа карактеристика и е на граница да се ничкоса на потчовечко суштество, бидејќи во него нема желба за вистинољубивост“, вели Солунчев.

Во анализата на состојбата на поделеност во општеството, социологот Ѓорги Тоновски вели дека тоа се случува кај нас поради системот на политички партии кои, кога стануваат власт, ја имаат апсолутната моќ. Според него, поделеноста на општеството веќе добива критични размери и започнува да влегува внатре во националното ткиво, доведувајќи го во прашање натамошниот развој и иднина на државата и нацијата. Поделеноста, како што оценува Тоновски, сега се одразува на планот на идејната припадност на граѓаните. Тој нагласува дека особено загрижува што поделеноста е и вештачки предизвикана и оти во неа се втурнати огромен број луѓе кои се врзани со клиентелизам.

„Проблемот е во тоа што во овој момент сè уште не се наѕира излезност од оваа состојба, бидејќи поделеноста на граѓаните ги оптоварува односите во општеството и ја одзема прогресивната енергија која треба да се искористи за развој на Македонија“, вели Тоновски.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG