Достапни линкови

logo-print

САД со осуда на македонската влада за корупција


Во новиот годишен извештај на американскиот Стејт департмент се обвинува македонската влада за неуспех целосно да го почитува „владеењето на правото“. САД предупредуваат и на „забрзано кршење“ на човековите права во светот.

Најзначајните проблеми со човековите права во Македонија, како што оценува Стејт департментот во вчера објавениот извештај, произлегуваат од високото ниво на корупција и од неуспехот на владата целосно да го почитува владеењето на правото, вклучително и континуираните напори за ограничување на слободата на медиумите, мешање во судството и селективно гонење на сторителите.

„Политичкото мешање, неефикасноста, протекцијата и непотизмот, пролонгираните процеси, кршењето на правото на јавно судење и корупцијата го карактеризираа судскиот систем.

Во текот на минатата година објавувањето неовластено пресретнати комуникации снимени од разузнавачките служби на владата, наводно, откри докази за политичко мешање во работата на јавната администрација и медиумите, како и корупција на високо ниво.

Во септември Собранието едногласно одобри формирање специјално обвинителство за да го испита наводното криминално однесување на владини претставници откриено во скандалот со прислушувањето“, се наведува во Извештајот за човековите права на Стејт департментот.

Политичкото мешање, неефикасноста, протекцијата и непотизмот, пролонгираните процеси, кршењето на правото на јавно судење и корупцијата го карактеризираа судскиот систем.

До неговото објавување дојде ден откако претседателот Ѓорге Иванов објави прекин на кривичните постапки против политичари и владини претставници кои се осомничени за вовлеченост во прислушувањето на илјадници луѓе.

Оваа одлука на Иванов предизвика насилни протести во Скопје и критики од меѓународната заедница.

Неколку часа пред вчерашното објавување на извештајот портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби изјави дека Вашингтоне „длабоко загрижен“ од најавата на Иванов да им прости на лицата кои се предмет на истрага во врска со скандалот со прислушувањето.

„Ако се имплементира оваа одлука ќе ги штити корумпираните службеници и ќе им ја ускрати правдата на граѓаните на Македонија“, оцени Кирби.

Американскиот државен секретар Џон Кери во извештајот за човековите права на Стејт департментот, објавен вчера наведува дека Вашингтон гледа „тренд на забрзување кај државните и невладините актери за затворање на просторот за граѓанско општество, за задушување на медиумите и слободата на интернет, маргинализирање на опозициските гласови, и во повеќе екстремни случаи, убивање луѓе или протерување од нивните домови“.

Кери исто така ги осуди владите за непочитување на слободата на изразување со „затворање новинари за пишување критични текстови“ или таргетирање невладини организации за промовирање на наводно „странски идеологии“.

Во годишниот извештај за човековите права, Стејт департментот оценува дека „авторитарните влади“, реагираат против јакнењето на моќта на „граѓанското општество низ целиот свет“, бидејќи тие се плашат од јавноста и се чувствуваат загрозени од страна на луѓе кои доаѓаат заедно на начин што не можат да го контролираат“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG