Достапни линкови

Забрана за вработените во министерствата да даваат изјави за медиуми


Архивска фотографија: Центарот на Куманово, април 2015
Архивска фотографија: Центарот на Куманово, април 2015

На стручњаците во подрачните единици на министерствата им е забрането да разговараат со новинарите, дури и за најбанални неполитички теми.

Во очекување на разрешување на маратонски долгата политичка криза и составување нова влада, во Куманово, во некои подрачни министерства, на вработените им е забрането да даваат службени информации на новинари кои не се од провладините медиуми. Така на пример, на стручњаците не само што им е забрането да изнесуваат бројки, туку и да разговараат на тема која се однесува на конкретна појава, која пак е дел од нивната секојдневна работа со граѓани. Понекогаш, раскажуваат вработените, дека им се ограничува и работа со граѓани, но исплашени од реперкусии, притисоци, па и закана да го изгубат работното место, тие не смеат јавно да зборуваат.

Во Центарот за социјални работи во Куманово лично актуелниот министер не одобри разговор за јавноста да биде запознаена за стресовите кај децата по разводот на нивните родители со нарушени односи. Поточно, поради нетрпеливоста меѓу поранешните брачни партнери децата имаат проблем за средби со родителот со кој не живеат.

Новинарите и за најобични прилози се соочуваат со проблеми, од типот или вработените не смеат да зборуваат и да бидат снимани, или пак, воопшто не смеат да даваат било какви информации.

Новинарката Снежа Петковска вели дека не само во овој период, не ретко се случува тоа да продолжи и во првите сто дена од составување на новата влада.

„Особено во Куманово секојдневно сме во институциите каде што не можеме да дојдеме дури и до една најобична информација, да си ја завршиш својата работна задача, за да прилогот или текстот го напишеш тој работен ден. Без оглед дали се работи за министри или заменици на министри, тие треба да се транспарентни, зашто и тие и ние сме сервис на граѓаните“, вели таа.

Петковска појаснува дека во државните институции сè е централизирано, па за каква било информација вработените, директорите или нивните заменици секогаш бараат одобрување од надлежните во ресорното министерство или пак локалните новинари ги упатуваат на портпароли во Скопје.

Дел од запрашаните граѓани не се запознаени со ваквото однесување на челниците во министерствата, но нивното мислење е дека во декларираната демократија веројатно треба да е поинаку.

„Не би требало да е така како што се однесуваат“, вели еден граѓанин.

Повеќето од граѓаните не се информирани ниту за проблемите за добивање одредени информации кои потоа би биле емитувани во медиумите. Тие велат дека кога тие лично бараат да им се заврши некоја работа не наидуваат на пречки, освен што често пати им се вели дека треба да дојдат друг ден поради технички проблеми.

„Секогаш биле во служба на граѓаните и сега се така. Барам помош во различни институции и нема проблем“, вели друг граѓанин.

Што се однесува до надлежните во одредени сектори во локалната самоуправа, новинарите, како што велат, многу ретко им се случува да бидат одбиени, да се одложи разговорот на неодредено време или пак да добијат образложение дека треба да бараат одобрение од нивниот претпоставен.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG