Достапни линкови

Во Скопје не се дише, ама не престанува да се гради


Голем дел од загадувањето во Скопје е од градежна прашина. Екологистите велат дека градежното загадување е три до четири пати поголемо отколку во развиените земји. Скопје сепак изгледа како градилиште.

Додека официјално се објавени податоци дека градежните активности емитираат една петина од вкупното количество загадувачи во воздухот во урбаните средини во земјава, општинските власти засега не излегуваат со мерки со кои ќе се намали загадувањето од градежниот сектор.

Скоро 19 илјади одобренија за градење се издадени на ниво на цела Македонија во период од седум години: над 13 илјади одобренија за висока градба, над две илјади за ниска градба и околу три ипол илјади за реконструкција.

Ова се податоци од Државниот завод за статистика, според кои од вкупниот број издадени дозволи, општините во Скопје издале над 5.600 одобренија за градење.

Тоа значи дека од 2010 година сите општини во Скопје одобриле изградба на над 21 илјада станови, со вкупна површина од скоро еден ипол милион квадратни метри.

Во текот на цела 2016 година во главниот град се издадени вкупно 886 одобренија за градење, односно за над 3.900 станови со површина од над 260 илјади метри квадратни. Најмногу одобренија издала Општина Центар – 181, а потоа следува Карпош со 150 дозволи.

Само во октомври 2016 година во Скопје биле издадени вкупно 128 одобренија за градење.

Бројката е рекордна и покрај загриженоста на јавноста за високото загадување. Во однос на 2016-та, единствено бројките се повисоки во 2012 година, кога скопските општини издале 791 градежна дозвола за изградба на 3917 станови со површина од над 270 илјади метри квадратни.

Град Скопје во минатиот месец објави План за подобрување на квалитетот на воздухот, според кој, уделот на градежните активности врз квалитетот на воздухот е 19 проценти.

Но, можно е придонесот во аерозагадувањето од страна на градежниот сектор да се движи околу 25 отсто, вели Никола Нешкоски, инженер за животна средина од невладината организација „Еко лоџик.“

„Со тоа што тоа е од три до четири пати повеќе од просекот во развиените земји. Тоа било во 2010 година, а знаеме колку таа година била послаба во однос на 2016 со градби и со интензитет на градење, така што, според мене, може да се очекува дека сите градежни работи што се одвиваат на територија на Град Скопје можеби придонесуваат и повеќе во аерозагадувањето“, вели Нешкоски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во Скопје во изминативе седум години во просек се граделе по 3.000 станови годишно, односно по 250 месечно.

Ако се претпостави дека во еден стан може да домуваат по четири лица, тоа значи дека за тој период е создаден капацитет за околу 80 илјади луѓе.

Од јануари 2010 до ноември 2016 година Општина Карпош издала 970 одобренија за градење, Општина Илинден - 760, Општина Центар - 727, Општина Кисела Вода – 518, Општина Бутел – 480, Гази Баба – 439, Ѓорче Петров – 410, Сопиште – 399, Аеродром – 269.

Градежните активности создаваат и градежен отпад. Според тоа, додава Нешкоски, градежниот отпад често се исфрла и на илегални депонии.

„Илегалните депонии ги имаме илјадници на територија на Македонија. Во Скопје конкретно илегални депонии имаме во секоја општина, во близина на урбаните средини, така што не треба да не изненадува од каде ни доаѓа добар дел на аерозагадувањето што е директен резултат на градежниот сектор“, вели Нешкоски.

На прашањето дали Град Скопје ја разгледува можноста за запирање на градежните работи во месеците кога концентрациите на загадувачи во воздухот се високи, оттаму велат дека градот нема надлежност да издава градежна документација и да врши надзор над работењето на градилиштата, преку градежните инспекции, а со тоа и да налага запирање на градежните работи во месеците кога концентрациите на загадувачи во воздухот се високи.

„Согласно Законот за Град Скопје, менаџирањето на реализацијата на деталните планови, издавањето на градежната документација и правото за запирање на градежните активности се изворна надлежност на општините“, велат од Град Скопје.

Законот за локална самоуправа предвидува дека сите општини во Скопје се надлежни за заштита на животната средина и природата и за мерки за заштита и за спречување на загадувањето на водата, воздухот, земјиштето, за заштитата на природата и заштита од бучава.

Дека со изградбата на голем број згради во Скопје се намалија јавниот простор и зелените површини и дека прашината од градежните работи имаат голем удел во аерозагадувањето, покажуваат и резултатите од истражувањето „Скопје расте“ на тимот на невладината „Реактор.“

Истражувањето е изработено во 2013 година од архитекти и експерти за урбан развој, во кое се покажува зголемениот број на станбени единици во градските четврти Дебар Маало и Буњаковец.

Резултатите покажале дека во 1990 година во овие населби имало 21,6 отсто зелени површини, а со оглед на градежното темпо до 2020 година би останале само 4,5 проценти зелена површина.

Според Законот за локална самоуправа, граѓаните можат непосредно да учествуваат во одлучувањето за прашањата од локално значење преку граѓански иницијативи, совет на граѓани, референдуми, претставки и предлози.

Граѓаните имаат право на советите на општините да им предложат да донесат одредени акти или да решат одредено прашање под нивна надлежност.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG