Достапни линкови

И зимоска ќе дишеме високо загаден воздух


Јавноста сè уште чека властите да ги подготват студиите за да се утврди кој загадувач со колкав процент учствува во загадувањето на воздухот. Грејната сезона почнува, а Скопје и Тетово и годинава ќе се соочат со аерозагадување, десетици пати над законски дозволените граници.

Во периодот што следува, неизбежни се високите концентрации на загадувачи во воздухот во Скопје и во другите населени места, бидејќи властите и годинава задоцнија со подготовката и спроведувањето на потребните акции и мерки за намалување на аерозагадувањето, посочуваат еколошките организации.

Во пресрет на грејната сезона, кога стотици илјади домаќинства ќе почнат да се греат со најевтините енергенси, реални се очекувањата на долгите денови со високо ниво на аерозагадување, особено во Скопје и во Тетово. Состојбата не е можно да биде поинаква, велат претставниците на граѓанските организации, бидејќи надлежните институции и натаму не успеваат да ги изработат најавените студии за јавноста прво да ги добие точните податоци за тоа кој загадувач со колкав процент учествува во загадувањето, а потоа да се спроведат потребните решенија.

„Тие студии коишто ги најавуваат веќе неколку години, сè уште не се подготвени и повторно ќе дојде истиот проблем како и лани, дали загадувањето е од сообраќајот и мерки ќе нема затоа што сообраќајците ќе речат дека не е загадувањето од нив. Така што мислам дека времето е поминато“, вели Александра Бујароска од невладината организација Фронт 21/42.

Граѓанските организации во однос на загадувањето секоја година со ист концепт апелираат до граѓаните и до надлежните институции: да ги остават автомобилите, да не се греат на дрва и други штетни материи, индустријата да ги почитува законските одредби, да се внимава со урбанизацијата. Но, велат, апелите тешко ја менуваат состојбата.

„Разликата помеѓу нашите предлог мерки и она што вистински треба да се направи е бидејќи уште не знаеме кој е вистинскиот загадувач и во колкав процент учествува во загадувањето. Знаеме дека е сообраќајот и затоа нашите мерки се насочени кон сите извори на загадување, но луѓето ќе ве прашаат од каде знаете. Со тоа се соочуваме секоја година, луѓето викаат загадувањето не е од нашите автомобили, загадувањето е од индустријата. Додека ги немаме тие факти и податоци, на граѓаните е многу тешко да им кажете да ги сменат нивните навики“, вели Бујароска.

Македонија и натаму го игнорира проблемот со аерозагадувањето и покрај доказите дека неодговорноста како општество нè чини илјадници човечки животи годишно, силно оптоварување на здравствениот систем и загуби од стотици милиони евра. Експертите велат дека едни од приоритетните мерки се субвенционирање на енергетски сиромашните домаќинства, регулирање на индустријата и на сообраќајот во централниот дел на градот, зголемување на зелените површини.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG