Достапни линкови

logo-print

Загадениот воздух во Тетово во втор план во кампањата


Архивска фотографија: Загаден воздух во Тетово

Архивска фотографија: Загаден воздух во Тетово

Партиите го ставаат главниот фокус во предизборната кампања на политиката и на економијата. Во такви услови, прашањата за загаденоста е на маргините.

Политичките партии не го ставија загадувањето на воздухот како приоритет во претставувањето на своите заложби пред жителите на Тетово, градот кој со години важи како еден од позагадените дури и во светски рамки. Политичарите главниот фокус пред гласачите, како и во другите градови, и во Тетово го ставаат на политиката и економија. Како ќе се подобрува животната средина се зборуваше сосема малку.

Така, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на митинг само го спомена зборот еколошки проекти. Неговиот главен опонент Зоран Заев од СДСМ критикуваше што досегашната власт не вложува во поквалитетна животна средина.

„Знаете вие најдобро овде во Тетово што значи да се гушите во загадување. Се гушат младите во Тетово, а на 44 километри одовде, во центарот на Скопје, милијарда евра истура за споменици и музеи. Се гуши Тетово, се гуши цела Македонија од криминалното владеење на власта која за 17 дена конечно завршува“, истакна Заев.

Од друга страна, Петре Шилегов од СДСМ кој е носител на листата во едно од обраќањата посочи неколку идеи како да има почист воздух во Тетово.

„СДСМ има план за заштита на граѓаните од оваа еколошката катастрофа. Нудиме поволни кредити за сите фирми кои што ќе ги запазуваат европските стандарди за еколошкото здравје на граѓаните. Меѓу другото и за ХЕК Јегуновце предвидуваме таков посебен третман со цел и да работи комбинатот и луѓето и во исто време да не ја загадува околината во Тетово“, рече Шилегов.

И Владимир Ѓорчев, носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ, во еден од деновите на кампањата зборуваше со кои мерки е можно помало аерозагадување.

„Во насока на заштита на животната средина предвидуваме субвенции за набавка на печки и котли со пелети коишто ќе бидат субвенционирани до 70 проценти, односно до вредност 30 илјади денари. Тоа се сериозни субвенции, а исто така предвидуваме носење на гас до тука во Тетово и тетовскиот крај и во гостиварско со кој значително ќе се намали и загадувањето од големите стопански капацитети и загадувањето во дел од затоплување на домовите. Ќе добиеме поевтин енергенс и подобри фабрики и ќе добиеме поздарва животна средина“, изјави Ѓорчев.

И кај партиите од албанскиот политички блок унапредувањето на животната средина е тема за која помалку се зборува. Од ДУИ истакнаа дека се залагаат за брза гасификација со што ќе се намалат отровните честички во воздухот. ДПА смета дека консензуалната политика ќе придонесе за подобри одлуки во сите сфери, па и околу екологијата.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG