Достапни линкови

Одвикнување од зависностите - шанса за нов почеток


Нарконон центар Македонија
Нарконон центар Македонија

Програмата на Центарот за згрижување и лекување нарко-зависници Нарконон во Македонија досега успешно ја поминале 116 луѓе. Програмата не предвидува земање на медикаменти, односно лекувањето е со помош терапија на природна база.

Кога дојдов тука бев лице кое беше заглавено во светот на дрогата, очајот и темнината. Лице кое очајно сака да излезе од тој ужасен свет. Ја имав изгубено волјата за живот. Не знаев како е да се биде среќен. Не знаев ни што е тоа среќа.

Ова е дел од приказната на Марјан Цветаноски, млад човек кој за среќа успеал да ја победи дрогата со помош на стручниот тим во Центарот за рехабилитација Нарконон Балкан. Успешната приказна на Цветаноски ја поминале уште 116 други студенти, како што ги нарекуваат зависниците во овој центар за нивно згрижување и лекување. Центарот е сместен во село Конопиште во Кавадарци и има капацитет да прими 15 луѓе. Она што оваа институција ја разликува од другите слични е тоа што програмата не предвидува земање на медикаменти, односно лекувањето е со помош терапија на природна база, објаснува Радомир Јокиќ, супервизор на Нарконон програмата.

„Пред самиот почеток на програмата постои делот на апстиненција, каде се пијат одредени витамини, минерали, се пијат напитоци, имаат 24-часовна грижа, а лицето полека полека се одвикнува од зависноста. По завршувањето на овој дел почнува официјално Нарконон програмата. Првиот дел е прочистување на телото преку сауна, потоа се одредени комуникациски вежби кои го носат лицето во реалноста и вистинскиот свет, со цел да ја види во ново светло, а не така како што ја замислува во својот свет“, објаснува Јокиќ.

Потребни се од четири до пет месеци за да се заврши програмата за одвикнување од зависностите, објаснуваат од Центарот. Рехабилитацијата не завршува откога ќе се исчисти телото и направат вежбите. Целта на Нарконон програмата е луѓето да останат ослободени од дрога за цел живот.

„После овие вежби има курсеви кои се поврзани со самодисциплина, со лична етика и што единката треба да направи за да остане цел живот ослободена од дрога. Значи постојат одредени чекори кои единката мора да ги преземе понатаму во текот на програмата, но и после неа со цел да се ослободи од дрогата. Таа треба да процени кои луѓе е потребно да ги има во својата околина и да биде способна да си одбере вистински пријатели со кои заедно ќе си ја гради иднината“, вели Јокиќ.

Не постои стопроцентна гаранција за успешноста на терапијата, вели тој. Таа зависи од единката која се одлучила да дојде во Центарот и да побара помош. Доколку лицето направи сè од програмата и успее да го смени својот начин на живот, преку информациите што ги учи, тогаш сметаме дека лицето би требало и е способно никогаш повеќе да не зема дрога во животот, истакнува Јокиќ.

Бројот на зависници постојано расте и тешко е да се определи точниот број. Од Центарот велат дека старосната граница на зависниците се намалува и евидентен е сè поголемиот број млади кои посегнуваат по дрога или алкохол. Она што загрижува е што расте статистиката на загрозени луѓе поради појавата на нови лекови, дроги и супстанци кои никогаш порано не биле познати за јавноста, а кои пак прават многу повеќе штета од веќе познатите дроги.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG