Достапни линкови

Основци посегнуваат по алкохол


Во Битола во просек годишно од болести на зависност и алкохолизам се лекуваат околу 200 лица, од кои 20 проценти жени, а имало и околу десетмина ученици.

Се повеќе се спушта возрасната граница на лица што се навлекуваат на алкохолизам, предупредуваат од Здружението на клубови на лекувани алкохоличари. Експертите посочуваат дека и во Битола има случаи ученици од основните училишта да посегнуваат по алкохол, најчесто по пиво или жесток пијалак.

Според последното испитување, возрасните пијат ракија и вино, она што се произведува на нивното поднебје, а младите, најверојатно, поради силните кампањи, пијат пиво. Можеби за еден возрасен човек едно пиво не е ништо, но за едно 12 или 13-годишно дете е голем проблем.

„Многу рано, дури и во осмолетка почнуваат со пиење, за жал, со жестоки, јаки алкохолни пијалаци. Според последното испитување, возрасните пијат ракија и вино, она што се произведува на нивното поднебје, а младите, најверојатно, поради силните кампањи, пијат пиво. Можеби за еден возрасен човек едно пиво не е ништо, но за едно 12 или 13-годишно дете е голем проблем. Се јавуваат примери на агресивност во училиштата, тепачки, расправии, а повеќето од нив се предизвикани од алкохол“, изјави Павлина Васкова, претседател на Здружението на клубови на лекувани алкохоличари.

​Според податоците што за изминатите години здравствените установи ги доставувале до Советот на општина Битола, се случувало во просек годишно од болести на зависност и алкохолизам да се лекуваат околу 200 лица, од кои 20 проценти жени, а имало и околу десетмина ученици. Во Битола веќе подолго време функционира и Клубот на лекувани алкохоличари кој преку психо-социјални методи им помага на зависниците да не му се вратат на алкохолот.

„Kлубот во Битола функционира повеќе од 20 години. Резултатите се евидентни со оглед на фактот дека низ нашиот клуб во текот на овие години поминале повеќе од 650 апстиненти. Имаме и апстиненти кои се повеќе од 20 години без алкохол, редовни членови, луѓе што помагаат апстиненцијата да се одржува и кај другите зависници“, вели психијатарот Љупчо Алексовски.

Според официјалната статистика, во Македонија има до 80.000 зависници од алкохол. Се смета дека 70-90 проценти од случаите на семејно насилство се поради проблем со алкохолот, а 80 проценти од сообраќајните несреќи се предизвикани од алкохолизирана состојба на возачи или пешаци.

„Бидејќи овој проблем е голем и на ниво на општина Битола, се повеќе млади навлегуваат во оваа опасност на 21 век, тоа е дрогата и алкохолот, па Советот на општина Битола го помага овој клуб и финансиски со цел успешно работење , лекување, но и превенирање“, вели доктор Соња Трпезанова, советник и помошник директор во битолската болница.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG