Достапни линкови

logo-print

Со пенкалото или на него, кампања натопена со малешевска сливова


ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се крстат во пенкалото. Стојанче Ангелов, кога нема пушка берданка, повеќе доверба има во сопствените раце. Ако и тоа не врши работа, тука е господ.

Славниот хрватски иноватор Едуард Славољуб Пенкала е врсник на Даме Груев, роден во Словачка. Станува светски познат во 1907 година, кога го измислува механичкото налив перо, кое го добива неговото име – пенкало. Сигурно не ни сонувал дека стотина години подоцна ќе стане главен лик во кампањата за предвремените избори во Македонија.

Да се биде или не, со пенкалото или на него. Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, на централниот митинг во Скопје, повика на масовна употреба на ова оружје.

„Браќа и сестри, пенкалата во раце, ова е референдум за Македонија. Излегуваме, масовно излегуваме на 11 декември“, рече тој.

На иста линија беше и неговиот партиски шеф Никола Груевски, кој исто така побара вооружување со пенкала.

„Нашето е на 11 декември, со гласот што ќе го дадеме, со гордоста, достоинството, изразени преку пенкалото и изборното ливче“, рече Груевски.

Нивниот социјалдемократски противник Зоран Заев прво се пофали со жонглерски способности.

„Можевме целиот овој период на клоци да ги исшутираме надвор од парламентот и од власта“, рече Заев.

Арно, ама и тој бара употреба на тешка артилерија.

„Со најсилното оружје на 21 век – пенкалото и гласот, гласот на народот“, рече Заев.

Стојанче Ангелов од коалицијата ВМРО за Македонија сепак е за поконкретни работи. Пенкалото не врши работа кога треба да се кршат ќерамиди.

„Дајте ми тенка пушка берданка и остра сабја дамасклија. Ама некогаш, ако нема ниту пушка ниту сабја, имаме раце“, рече Ангелов, па удри по ќерамидите во дворот на неговиот коалициски парнер Љубе Бошкоски во Челопек. Неколку дена подоцна, Ангелов најави продолжување на доброволниот воен рок и демонстрираше пукање со пиштол.

Ако ни пенкалото, ни пушката берданка не се доволни, тогаш на помош се повикува виша сила. И Заев и Груевски ја истакнаа кандидатурата за господин господин.

„Почнаа со икони да шетаат по митинзи. Боже, прости им, икони носат криминалци, луѓе-нелуѓе кои се огрешиле по сите 10 божји заповеди. Милостив е господ, знам дека ќе им прости, но народот и граѓаните нема да им простат, има да одговараат“, рече Заев во Делчево.

„Да сте живи и здрави, бог да биде со вас и со вашето семејство и да ви го отвора патот низ животот, давајќи ви радости, среќа и бериќет“, рече Груевски во Скопје.

Заев во Берово обвини дека опиен од власт, Груевски ги меша поимите конфискација и федерализација.

„Го гледам што зборува по митинзи Груевски, господ да чува и да брани. Се однесува како да има пиено малешевска сливова ракија и тоа без мезе“, рече тој.

Заев најави трезнење за 12 декември. За расол ништо не спомна.

Артан Груби од ДУИ, пак, во телевизиска дебата на Алсат-М ги лоцираше странските служби кои наводно прислушувале во Македонија на невообичаена евроазиска локација. Досега немаше реакција ни од Азербејџан, ни од Казахстан.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG