Достапни линкови

logo-print

Анимакс Скопје Фест 2016 на пат „За нагоре“


Анимакс Скопје Фест, филмски фестивал 2016, постер

Анимакс Скопје Фест, филмски фестивал 2016, постер

Педесет анимирани филмови, од кои 8 наменети за детската публика, ќе бидат прикажани на шестото издание на меѓународниот филмски фестивал за анимиран филм Анимакс Скопје Фест, што под мотото „За нагоре“ и во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, од 1 до 4 декември, ќе се одржи во Кинотека на Македонија.

Во деновите на висока заситеност со отровите од вербалната предизборна војна, на искрените трагачи по културни дејанија наменети за прочистување на духот и оние кои ја преферираат едукацијата, ќе им се случи и шестото издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм Анимакс Скопје Фест, првиот и единствен од овој вид кај нас. Во перидот од 1 до 4 декември, во Кинотека на Македонија, ќе бидат прикажани 50 анимирани филмови одбрани од пријавените рекордни 1.527 анимации од 85 земји во светот, меѓу кои најголем број од САД, Англија и Франција, но и од Германија, Индија, Иран, Шпанија, Русија, Бразил и други.

Така публиката и особено вљубениците во анимацијата во официјалната програма ќе имаат можност да проследат дела на автори како Александар Станковски („Акт“), Веиџиа Чен од Кина („Моите изгубени нешта“), Стефан и Андреј Скарлатеску од Романија („Благодарност“), Олга и Татјана Полиеткови од Русија („Дедо ми беше црешово дрво“), Иранецот Арио Сафазадеган („Црвено“), Бенџамин Бартелеми од Франција („Слон на месечина“), Јагмур Алтај од Турција ( „Зајачка крв“), Гал Хаклај од Израел ( „Жртва“), Макс Хатлер од Германија („Гнило“) и други.

„Ако во првите години, бидејќи бевме анонимни и на почеток на фестивалското живеење, навистина ни беше чест и ги поканувавме со посебни покани авторите да учествуваат на нашиот Анимакс, сега тоа веќе не е практика. Ние сега стоиме на мапата на светските фестивали за анимација, значи луѓето не знаат и не се двоумат да ги испратат своите дела во Македонија, а тоа од своја страна ни отвора простор да се стремиме секогаш кон подобро. За нагоре“, вели Кузман Кузмановски, идејниот творец на случувањето и првиот човек на продуцентската куќа Аурипигмент, организаторите на Анимакс Скопје Фест.

Како и во изминативе години, на последниот ден од Фестивалот, на 4 декември, ќе бидат доделени наградите Златна, Сребрена и Бронзена тула, а за нив ќе одлучува меѓународното жири во чиј состав овојпат ќе бидат Италијанецот Масимилијано Нардули, филмски критичар и програмски директор на неколку значајни европски фестивали, Дарија Викторија Копиец, театарска и филмска режисерка од Полска и нашиот Жарко Иванов, режисер и продуцент на повеќе анимирани филмови, во моментов претседател на Меѓународната организација за анимација и анимирана уметност во Македонија - ASIFA. Исто така ќе биде доделена и Златна тула за најдобар детски анимиран филм, а за победникот ќе гласаат децата во четирите фестивалски денови. Згора на тоа, Град Скопје ќе му додели Специјална плакета Гран При на Николас Бролт од Канада, автор кој на ова издание на Фестивалот ќе ја претстави својата посебна техника на изработка на анимација и фигури со препечен шеќер.

Со тоа практично ќе продолжи и заложбата за едукација на инфицираните од анимацијата која посебно до израз дојде на минатото издание на ова несекојдневно случување кога во Скопје ја имавме исклучителната Диди Родан, која анимации работи со песок.

Кога сме веќе кај овој момент, никако не смее да се заборави дека покрај работилницата на Бролт именувана како „Слатка материја“, за време на Фестивалот, планирани се уште две кои за очекување е да го предизвикаат вниманието. Така Дарија Копиец од Полска, посегајќи по мистеријата во делата на сликарот, графички уметник и илустратор Тадеуш Маковски, ќе ја потпише работилницата во која со децата на возраст од 8 до 17 години, во трите дена, ќе се обидат да создадат краток анимиран филм што ќе биде прикажан на големото платно, а паралелно ќе се одвива и Мак-стрип работилницата зад која стојат Здравко Гиров и Давор Драмиќанин.

„Со работилниците се обидуваме сиот тој анимиран свет да го доближиме до оние коишто се заинтересирани, којшто се љубопитни, којшто прв пат се среќаваат со ова како што велат осма уметност и од друга страна сакаме на веќе професионалните аниматори од Македонија да им претставиме нешто ново, нешто интересно, да разменат искуства, да стекнат пријателства или да ги потврдат, едноставно да изградиме еден топол дом за сите нив како што рековме при промовирањето на Анимакс“, дополнува Кузмановски.

Кон ова само уште информацијата, дека за време на Анимакс 2016 ќе биде промовиран зборникот „Опсесија. Перверзија. Бунтовност. Изопачени соништа на централно-европската анимација“, книга којашто содржи текстови посветени на субверзивните и потиснати мотиви кои се присутни во авторските анимирани филмови што доаѓаат од државите од Вишеградската група и од Италија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG