Достапни линкови

logo-print

Виранов - „(Не)нормален е приказ за секој од нас!


„(Не)нормален“ е насловен кусометражниот игран филм на сценаристот и режисер Ице Виранов чија премиера ќе се одржи во среда, на 26 февруари, во Струмица. Станува збор за комплетно независен проект кој е еден од многуте програмските настани за одбележување на десетгодишниот јубилеј на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“.

Младиот режисер Ице Виранов, во својот нов авторски проект, десетминутниот кусометражен филм „(Не)нормален“, отсликува еден сосема обичен ден во кој треба да се заврши навидум сосема нормална и лесна работа...
(Не)нормален е класична приказна за индивидуата, за граѓанинот загубен во бирократските кругови и замки на системот и за неспособноста на истиот систем да ги разбере неговите потреби.

„(Не)нормален е класична приказна за индивидуата, за граѓанинот загубен во бирократските кругови и замки на системот и за неспособноста на истиот систем да ги разбере неговите потреби. Тоа е приказна за секој од нас. Приказна за нашите животи кои доста често знаат да се изгубат по тие бирократски шалтери чекајќи потпис за признавање на сопствената сторија во нормалност“, истакнува авторот.
Ице Виранов.

Ице Виранов.


Во филмот играат Коста Ангов, Васил Михаил и Марија Челебиева, а како духовна инспирација на сценаристот и режисер Виранов, му биле мотивите од расказите на Муза Павлова и Чарлс Буковски. Притоа тој направил нивна адаптација и склопил прикаска во која на самосвоен начин, како и во случајот со првенецот - дипломскиот ,,Момчето кое спие до пладне“, наизглед се бави со маргинални теми.
И да нема пари јас нема да престанам да работам филмови. Секогаш ќе најдам начин како да се изразам. Ако се нема буџет за долгометражен филм, ќе го сторам тоа преку анимација.

„Јас кога работам главно се инспирирам од текстови, но секогаш главниот мотив ми доаѓа од животот. Од она што мене катадневно ми се случува. Ете и затоа во моментов моите херои се маргиналците, малите луѓе во општеството. За понатаму не можам да кажам , можеби ќе се сменат работиве, но засега ќе ја возам таа линија, што се вели!“

Инаку, „(Не)нормален“ е комплетно независен проект. Него авторот го направил со сопствени средства и со помош од свои блиски пријатели. Од таму, иако како и секој творец си пожелува да му се случи филм со пристоен буџет ( во кој би добил некакви средства од Министерството за култура или Агенцијата за филм), тој не смета дека евентуалното одбивање на неговите апликации може да го поколеба во намерите и натаму да работи на своите подвижни слики.

„И да нема пари јас нема да престанам да работам филмови. Секогаш ќе најдам начин како да се изразам. Ако се нема буџет за долгометражен филм, ќе го сторам тоа преку анимација. Секојпат наоѓам начин како да го кажам тоа што го мислам...преку филм или анимација , сеедно.
Инаку, јас пишувам постојано сценариа и апликации и би било одлично ако може да се работи голем филм. Тоа би бил вистинскиот начин да кажеш како автор што можеш ти лично да направиш на тоа поле.“

Роден 1983 година во Струмица, Ице Виранов дипломирал филмска и телевизиска режија во класата на професорката Румјана Петкова на Универзитетот „Неофит Рилски“ во Благоевград. Моментално работи како независен режисер и аниматор во видео спотови, реклами и на други ТВ проекти.

„Зевање или животот накратко“ му беше прв авторски анимиран проект којшто досега е прикажан на два значајни интернационални фестивали - „Астерфест“ и „Анимакс“.

Кон ова само уште информацијата дека премиерното прикажување на филмот на Виранов - „(Не)нормален“, е еден од низата програмски настани кои оваа година се во знак на одбележувањето на десетгодишниот јубилеј на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ кој, во организација на Тивериополската филмска алијанса, е најавено дека ќе се одржи од 27 до 31 мај во Струмица.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG