Достапни линкови

На раце носат материјали да ја обноват планинарската кула


Планинари од Планинарското друштво „Argentus mount“ од Тетово на раце носат материјали и ја обновуваат кулата на Титов Врв на Шар Планина
Планинари од Планинарското друштво „Argentus mount“ од Тетово на раце носат материјали и ја обновуваат кулата на Титов Врв на Шар Планина

Кулата на највисокиот врв на Шара била изградена со камења во далечната 1957 година, но запоставена од институциите. Планинарите сега ја обновуваат.

Планинарско-еколошкото друштво Аргентус Монт од Тетово е на добар пат да ја реализира дамнешната иницијатива за обнова на планинарската кула на највисоката точка на Шар Планина, Титов Врв на 2.747 метри надморска височина. Кулата била изградена со камења во далечната 1957 година, но запоставена од институциите. Со цел да се спречи нејзино целосно распаѓање, планинарите започнуваат самите да собираат градежни материјали, прозорци и врати.

„За неколку месеци успешно пронајдовме донатори за 22 прозорци, врата метална, монтажно скеле, песок и други градежни материјали. Пролетта 2015 година со ратрак извршивме во три наврати успешно транспортирање на обезбедените градежни материјали до кота 2.600 метри надморска височина. Потоа своерачно планинарите од нашето планинарско друштво од 2.600 метри ги транспортираа сите тие однесени материјали до планинарската кула на Титов Врв“, вели Зија Јонузовски, секретар во друштвото.

По поставување на прозорците и вратата, во текот на годината уште од сега се обезбедени услови за престој во кулата. Следува најголемиот предизвик, носењето на најтешкиот материјал – песокот, за да започне реконструкцијата на ѕидовите од Кулата.

„Малку е макотрпна работата, бидејќи имаа товар. Човек планинар со еден ранец му е тешко, а да се натовариш со алат, со прозорци, малку е потешко, ама човек ако има волја сè се заборава само да се постигне таа цел - акција која сме ја замислиле“, раскажува планинарскиот водич во Друштвото, Тони Јовановски, кој и самиот учествувал во дел од работите на Кулата.

И планинарите од останатите друштва покажале солидарност во иницијативата. Во повеќето искачувања кон Титов Врв дел од нив помагале во носење на материјалите.

„Во неколкуте акции околу транспортот на песокот, ние успеавме да транспортираме околу 500 килограми. На изненадување, без да знаеме, многу луѓе планинари кои отишле ни имаа транспортирано таму самоиницијативно. Се работи за вреќи кои беа од по 40-тина килограми“, вели секретарот Јонузовски.

Кулата ќе биде отворена за сите кои ќе дојдат на Титов Врв и симболика на планинарството во Македонија, велат во Друштвото.

„Ние се обидуваме пак да ја доведеме планинарската кула да биде симбол на планинарството во Македонија. И не само симбол, откако ќе ја оспособиме таа да биде употреблива за секој човек кој ќе покаже сила, волја, желба да отиде до Титов Врв, да може да престојува во неа, да ноќева. Понатаму да престојуваат и различни експедиции, научно-истражувачки, метеоролошки, воено полициски итн. Кулата ќе биде со отворен клуч, односно без клуч, вратата ќе биде постојано отворена“, истакнува Јонузовски.

Планинарската кула е висока 10 метри. Походите до Титов Врв, планинарите најчесто ги започнуваат од Попова Шапка, а траат 4 до 5 часа во еден правец.

XS
SM
MD
LG