Достапни линкови

Чиј е предизвикот Шар Планина да биде Национален парк?


Нема значајно поместување во таа насока, иако државните институции ја започнале постапката за прогласување на Шар Планина за Национален парк уште пред речиси 20 години.

Невладините организации и слични здруженија чија работа е насочена кон животната средина алармираат дека тие се единствените кои со разни трибини и проектни активности се обидуваат да не замре идејата за прогласување на Шар Планина за Национален парк. Според нив, иако државните институции ја започнале постапката пред речиси 20 години, нема значајно поместување.

Тоа е една болна тема за нас бидејќи се провлекува повеќе од 15 години во Владата и парламентот на Македонија и сè уште не е прогласено за заштитено подрачје.

„Тоа е една болна тема за нас бидејќи се провлекува повеќе од 15 години во Владата и парламентот на Македонија и сè уште не е прогласено за заштитено подрачје. Сите знаме дека ако нешто вреди во Македонија да биде заштитено, тоа е Шар Планина“, вели Диме Меловски од Македонското еколошко друштво.

Професор Љупчо Меловски од Институтот за биологија потсетува дека предлог законот бил доведен на расправа на собраниски комисии, но пред многу години. Потоа политичките структури не ја актуелизирале темата до тоа ниво.

Владата на одржаната седница на 9 февруари годинава го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да изнајде средства за изработка на студија за валоризација на Шар Планина.

„Министерството за животна средина од своето формирање некаде 1997-1998 година ја отпочна ова процедура, меѓутоа таа не отиде далеку. Дојде до парламентот, до комисиите. Не отиде на гласање. Оттогаш од владино ниво подзамреа активностите, но не значи дека стручната јавност и невладиниот сектор не продолжија со активностите“, вели професорот.

Во Министерството за животна средина и просторно планирање на прашањето до каде е постапката одговорија дека најновата процедура е од февруари 2015, но во суштина одговорот е ист како пред речиси една година кога Радио Слободна Европа емитуваше прилог дека прогласувањето на Шара за национален парк е неизвесно. Портпаролот Сашо Секуловски смета дека во текот на годинава ќе има најмногу напредување по ова прашање.

„Владата на одржаната седница на 9 февруари годинава го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да изнајде средства за изработка на студија за валоризација на Шар Планина. Сите напори ќе бидат насочени да се обезбедат средства за изработка на оваа студија, по што постапката се надеваме дека во 2015 би ги обезбедиле средствата и би започнале со изработка на студијата“, истакна Секуловски.

Замислата Шар Планина да се прогласи за заштитено подрачје е поради големиот број препознатливи растенија, како и богатиот животински свет.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG