Достапни линкови

logo-print

Кампањата само што не почнала, легитимитетот на изборите под прашалник


Архивска фотографија: Гласање на претседателските и предвремените парламентарни избори на 27 април 2014 година

Архивска фотографија: Гласање на претседателските и предвремените парламентарни избори на 27 април 2014 година

Собранието не смогна сили да направи баланс во изборните единици. Нееднаквоста во бројот на избирачи по изборни единици може да го загрози еднаквото право на глас, вели претседателот на ДИК, Александар Чичаковски.

Нееднаквоста во бројот на запишани избирачи по изборни едници може да го загрози еднаквото право на глас и во таа смисла беа поведени неколку иницијативи пред Уставниот суд за да биде оцената уставноста на ова законско решение вели претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски, во интервју за Радио Слободна Европа кое в целост ќе биде објавено в недела. Тој вели дека Собранието до распишувањето на изборите не смогна сили да го реши овој проблем и да направи баланс на изборните единици, иако за овој проблем се информирани надалежните институции министерството за правда и Парламентот.

Чичаковски вели дека Комисијата е надлежана за целосно спроведување на законските одредби, а на Уставниот суд е да оцени дали е загрозено еднаквото право на глас предвидено со уставото во однос на отстапувањето. Тој додава дека се уште е рано да се оцени дали шестата изборна единица која е оспорена пред Уставниот суд ќе го доведе во прашање легитимитетот на изборите.

„Од причина што во изминатиов период од распишувањето на изборите до завршување на јавниот увид, граѓаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство имаа можност да се пријават за гласање во дијаспората. Со самото пријавување овие граѓани се издвојуваат од избирачкиот список, односно од изборните единици во кои се запишани во Република Македонија и се ставаат во изборната единица седум. Треба да почекаме, во моментов избирачкиот список е на методолошка обработка во државниот завод за статистика, да се заврши целата обработка и тогаш може да дадеме краен суд во однос на избалансираноста на бројот на запишани избирачи по изборни едници“, вели тој.

Дел од аналитичарите стравуваат дека нерешавањето на овој проблем може да биде искористен од страна на политичките партии на 12 декември да не ги признаат изборните резултати. Неизбалансираноста на изборните единици во поглед на тежината на гласовите постои речиси 15 години и ако некој сега сака да игра на таа карта на неуставна ставка на законот, тогаш ќе треба да се поништат и сите досегашни изборни циклуси, вели Соња Стојадиновиќ, магистер по меѓународна политика.

„Ако тоа некој го направи на 12 декември тоа ќе биде злоупотреба за политички интереси за да ги поништи изборите и тоа ќе биде уште едно лицемерие на политичките играчи на македонската сцена. Ова треба да се промени, но тоа треба да се направи по овие избори“, додава таа.

Партијата Унитети поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на решението за распишувањето на изборите. Тогаш, пратеникот на Унитети Зуљфи Адиљи рече дека со оваа иницијатива се оспорува Решението за предвремени парламентарни избори закажани за на 11 декември бидејќи без балансирање на изборните единици се кршел Уставот, односно загарантираната еднаквост на избирачкото право. Од партијата тврдат и дека оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ намерно ја оставила Шестата изборна единица да има огромни отстапувања во бројот на гласачите. Државната изборна комисија во мај, пред изборите тогаш договорени за петти јуни, испрати допис до Собранието за небалансираноста на бројот на гласачите во неколку изборните единици. Тогаш и ДУИ најави иницијатива до Уставниот суд, а и сега од партијата тврдат дека се доведува во прашање легитимитетот на изборите по основ на законитоста која што е определена со Закон и Устав.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG