Достапни линкови

logo-print

ВМРО-ДПМНЕ станаа сини, СДСМ црвени


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на промоција на кандидати за пратеници на коалицијата „За подобра Македонија“.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на промоција на кандидати за пратеници на коалицијата „За подобра Македонија“.

ВМРО-ДПМНЕ оди со слоганот „Еден за сите, сите за еден!“ кој е напишан со бели букви на небесно сина позадина. СДСМ на црвена позадина, порачува „За живот во Македонија“. Упатените велат дека со сината боја ВМРО-ДПМНЕ алудира на невиност, а СДСМ со црвената дека важни и се националните интереси.

Со изборот на светло сина боја ВМРО-ДПМНЕ сака да покаже невиност, а со црвената боја, која е и национална, СДСМ сака да порача дека за нив националните интереси се пред сè. Вака упатените накратко ја коментираат смената на боите на двете најголеми партии во македонскиот блок.

За овие избори владејачката партија оди со слоганот „Еден за сите, сите за еден!“ кој е напишан со бели букви на небесно сина позадина. СДСМ пак на црвена позадина, порачува „За живот во Македонија“.

Според Жанета Трајкоска, доктор по политички науки од Институтот за комуникациски студии, ВМРО-ДПМНЕ со изборот на сината боја која асоцира на небо, сака да порача дека нема никаква вина без разлика на тоа што се случуваше последниве две години, а СДСМ која игра со граѓанскиот концепт, преку црвената боја сака да каже дека иако ќе работи за сите граѓани националните интереси ќе и бидат најважни.

„Сите за еден, еден за сите, иако е неинвентивна, мускетарска порака, сепак алудира на она цврсто гласачко тело на ВМРО-ДПМНЕ и порачува дека треба да бидат сите заедно и уште еднаш да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ од друга страна, пак, се обидува да се обрати до сите граѓани, има силна граѓанска порака која се однесува на секој, односно за живот во Македонија“, вели Трајкоска.

Аналитичарот Џељаљ Незири на слоганот на СДСМ гледа како на повик за оставање на големите идеали и враќање кон индивидуалните вредности, а на ВМРО-ДПМНЕ смета дека е порака за сплотеност и монолитност во партијата. Пораката на ДУИ, пак е „заедно одлучуваме“ и таа се толкува и во контекст на појавата на новите партии во тој блок, но и на обидот на СДСМ да освои гласови од таа етничка заедница.

„Заедно одлучуваме е порака до сите гласачи на ДУИ да останат внатре во партијата и да гласаат за партијата со цел да ја задржат позицијата на прва партија кај Албанците”, вели Незири.

Новата партија БЕСА настапува со слоган „Преродба со БЕСА“ или со чесен збор што е и очекувано за нов политички субјект. Со почетокот на изборната кампања се очекува и сите партии да ги објават своите изборни програми. На ВМРО-ДПМНЕ програмата за овие избори им се вика „Реално“, а на СДСМ „План за живот“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG