Достапни линкови

logo-print

Трите „Т“ на СЈО ја даваат сликата за прислушувањето


Кој, како и на кој начин неовластено прислушувал во земјава и како аудио записите стигнале во рацете на лидерот на СДСМ, Зоран Заев станува појасно по трите истраги на СЈО поврзани токму со незаконското следење на комуникациите.

Со трите истраги на СЈО, Таргет, Тврдина и Трезор стана појасно кој, како и на кој начин неовластено прислушувал во земјава и како аудио записите стигнале во рацете на лидерот на СДСМ, Зоран Заев по што тој ги објави во таканаречените бомби.

Во истрагата Таргет на СЈО, 10 лица од УБК се осомничени дека од 2008 година до 2015 година незаконски прислушувале најмалку 5187 телефонски броеви и ако на нив се надоврзат и телефонските броеви на лицата со кои тие комуницирале, се доаѓа до бројката од над 20 илјади броеви. Прислушувани биле политичари, бизнисмени, новинари и други лица. Дел од осомничените тоа го правеле за да ги прислушуваат личностите блиски до нив и самите ставале телефонски броеви кои сакале да бидат прислушувани.

Но, уште поважно, СЈО соопшти дека тоа не го правеле странски служби, како што упорно тврдеше ВМРО-ДПМНЕ, туку токму УБК на штета на државата ги прекршила основните човекови права на незаконски прислушуваните.

„Досега ние не поседуваме докази во насока на тоа дека од страна на странски служби, жолти комбиња е вршено незаконското следење на комуникациите“, рече обвинителката Ленче Ристоска, која наведе и дека поранешниот премиер Никола Груевски не бил таргет на прислушувањето, а слушало раководно лице во УБК, во кое може да се препознае екс-шефот на тајната служба и негов братучед Сашо Мијалков, кој веќе е на листата на обвинети лица од СЈО.

„Вакво масовно прислушување може да спроведат само домашни државни служби“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев при објавувањето на првата бомба.

Поранешниот премиер и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски тврдеше дека зад прислушувањето стои странска разузнавачка служба, при што никогаш не кажа која.

„Во изминатиот период Македонија била таргет на снимање на телефонски разговори на странска разузнавачка служба потпомогната од нивни соработници во Република Македонија“, изјави Груевски.

Се прислушувало со три системи за следење на комуникациите, од кои едниот е сè уште во употреба и како што посочи СЈО се користи повторно за незаконско прислушување.

„Доказите кои ги поседуваме покажуваат дека процесот на злоупотреба на системот за следење на комуникациите продолжил и во 2016 година“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.

Двата системи, како што покажа истрагата Тврдина, биле уништени во минатата година од УБК и со амин на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, со што државата била оштетена за 10 милиони евра. Целта, според СЈО, била токму да се прикрие како се вршело прислушувањето. Но, приказната не завршува тука. Буџетот на државата со Трезор се покажа дека бил оштетен за дополнителни 862 илјади евра повторно од лица од УБК кои преку фирмата „Финзи“ за набавка на опремата за прислушување и за нејзино одржување.

За скандалот немаше да се дознае доколку еден од вработените во УБК, според доказите на СЈО, не одземал дел од аудио записите и транскриптите кои потоа завршиле кај Заев, кој пак се товари за неовластено прислушување, шпионажа и насилство спрема највисоките државни органи во случајот Пуч. Тука се испреплетуваат истрагите на СЈО со „Пуч“, кои како што очекуваат од СЈО ќе влијаат врз судскиот процес, кој постојано се одложува.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG