Достапни линкови

По победата на Трамп повеќе инциденти од омраза во САД


Анти-геј навреди, нацртани свастики и заканувачки пораки на социјалните медиуми против малцински групи. Ова е само дел од 400 случаи на инциденти од омраза откако Доналд Трамп победи на претседателските избори во Соединетите Држави минатата недела, соопштија групите за заштита на човековите права во таа земја.

„Саутерн паверти центарот“ кој ги следи групите што шират омраза наведува дека имало драматичен пораст на ваков вид инциденти само во текот на една недела.

Марк Поток, виш научен соработник во Центарот, вели дека нападите биле фокусирани врз сите што не се белци или христијани.

„Најголемиот дел од овие кривични дела се насочени против имигрантите и муслиманите. Исто така, има многу, многу злосторства од омраза против црното население“, вели тој.

Поток и други претставници од групите за заштита на човековите права сметаат дека кампањата на Трамп ги охрабри некои од неговите приврзаници да шират расистички пораки.

„За 18 месеци, човекот ги напаѓаше малцинствата низ земјата, велејќи неверојатно грди работи за нив и, всушност го поттикна насилството против демонстрантите на своите митинзи“, вели тој.

Стивен Бенон, шеф на изборната кампања на новоизбраниот претседател Доналд Трамп

Стивен Бенон, шеф на изборната кампања на новоизбраниот претседател Доналд Трамп

Поток го критикува Трамп за неуспехот да се справи со оние што стоеле зад ваквите инциденти.

Тој вели дека проблем е и одлуката на Трамп да го наименува шефот на неговата кампања Стивен Бенон за негов главен стратег и советник.

Пред да му се приклучи на тимот на Трамп, тој беше на чело на десничарската веб страница „Брајтбарт њуз“.

Таа стана своевиден форум на таканаречената „алт десница“, односно лабава онлајн конфедерација на неонацисти и антисемитисти.

Уште ангажирањето на Бенон како шеф на изборниот штаб, според критичарите, ја покажала намерата на сега новоизбраниот претседател да работи надвор од нормите на Вашингтон.

Сенаторот Берни Сандерс во средата, обраќајќи им се на студентите на Универзитетот Џорџ Вашингтон изјави дека „претседател на САД не би требало да има расист покрај себе“. Притоа го повика Доналд Трамп да ја приспита кандидатурата на Бенон.

„Му кажувам на господин Трамп од дното на моето срце и знам дека зборувам од името на милиони сограѓани Американци, господине Трамп нема да одиме назад во врска со предрасудите, ние ќе треба да одиме напред во создавањето недискриминаторско општество“, рече Сандерс.

Активистите за човекови права и малцинските групи сметаат дека наименувањето на Бенон ќе значи широко отворање на вратата за зголемување на бројот на кривични дела од омраза во Соединетите Држави.

Во годишниот извештај за кривичните дела од омраза во САД што деновиве го објави Федерално истражно биро се наведува дека лани имало 5,850 случаи што е за 7 отсто повеќе од претходната година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG