Достапни линкови

logo-print

Лидерите се менуваат, сојузништвата траат


САД и Македонија имаат партнерство кое трае веќе четврт век и не се очекува тоа да се промени по изборот на Доналд Трамп за нов американски претседател.

Претседателот Ѓорге Иванов упати честитка до новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Во неа се наведува дека Македонија придава исклучително значење на стратегиското партнерство со Соединетите Американски Држави, а заложбата за негово натамошно зацврстување претставува посебен интерес за земјава и за нејзините граѓани.

„Во нашите 25 години независност и сувереност, Република Македонија долго време се соочува со неправедна и непринципиелна блокада на нашиот европски и евроатлантски пат. И како што на светот му треба поредок, така нам ни треба консолидирање на мирот, поголема стабилност, безбедност и демократија во регионот. За постигнување на овие цели потребна е интеграција на Република Македонија и целиот регион во НАТО и во Европската Унија, но и почитување на меѓународното право. За постигнување на овие цели посебно значајна е поддршката од САД“, наведува Иванов во честитката до Трамп.

Победата на Трамп му ја честиташе и македонското министерство за надворешни работи. Во нивната писмена реакција е наведено дека граѓаните на САД го остварија своето гласачко право и ја избраа за нив најдобрата опција на фер и демократски начин.

„За Република Македонија тоа значи продолжување на досегашната соработка со нашиот стратешки партнер и можност за отпочнување нови проекти во областите од заеднички интерес“, е наведено во писмената реакција на МНР.

Претходно, американската амбасада во Скопје организираше следење на изборните резултати во хотелот Алексанар Палас. Македонски политичари, странски амбасадори во Скопје, економски и политички аналитичари, бизнисмени, членови на академската заедница и претставници на невладините организации и медиуми беа гостите кои рано утринава по македонско време, нестрпливо ги очекуваа резултатите од американските избори. Најчестата првична реакција на гостите беше дека изборната трка за претседател на САД беше неизвесна до крај, но изборот нема да влијае на македонско-американските односи.

Откако беше прогласена победата на републиканскиот кандидат за претседател Доналд Трамп, американскиот амбасадор во Скопје, Џес Бејли, во своето обраќање истакна дека оваа претседателска кампања предизвика доста врева, но најважно од сето тоа е дека американските граѓани излегоа да го остварат своето право на глас и нивниот глас ќе биде слушнат. Што се однесува до нашата земја, амбасадата во Скопје и американската администрација ќе се вратат на својата работа, а тоа е градење на добри односи меѓу Македонија и САД, истакна Бејли.

„Јас служев 15 години под републиканска администрација и 16 години под демократска администрација. Ве уверувам дека предизвиците со кои се соочуваме во светот немаат партиска припадност, тие предизвици не се менуваат од 8 до 9 ноември, како што не се менуваат ниту нашите партнерства или интереси. Соединетите Држави се партнер на Македонија 25 години, во кое време се сменија четири различни американски администрации. И нашата посветеност на успехот на Македонија, не беше и не се очекува да биде залудна“, посочи Бејли.

Без разлика кој ја води американската администрација, САД и Македонија се партнери со децении, велат македонските политичари. Сепак, тие не заборавија да повлечат паралела, секој во своја корист, меѓу американските и претстојните избори во Македонија.

Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ вели дека Македонија и САД се партнери повеќе децении и дека таквата соработка и натаму ќе продолжи.

„Македонија и САД имаат добри односи кои се базираат на заемна почит. Без разлика на тоа која е администрацијата во САД, дали републиканска или демократска, и без разлика на тоа која е владата и гарнитурата во Македонија. Она што можеме да го заклучиме од сите најави и проценки, тоа е дека после изборите на 11 декември во Македонија ќе имаме континуитет на владата, значи горе-долу ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја раководи или предводи владата и одговорно ќе пристапиме кон односите и кон меѓународната политика со сите држави, независно дали е тоа Вашингтон, Брисел, Берлин или некој од клучните главни градови“, вели Ѓорчев.

Од опозицијата, пак велат дека досега немаше големи разлики во однос на партијата која ја види администрацијата, без разлика дали беа републиканци или демократи.

„Македонија навистина имаше сериозна и политичка и финансиска поддршка, меѓутоа претседателот Трамп ќе биде различен претседател, кој нема да биде толку првиот човек на републиканската партија, туку најверојатно ќе внесе голем дел и од своите лични заложби и затоа е прерано да се процени. Многу е важно да видиме кој ќе биде државниот секретар и јас мислам дека тоа ќе испрати порака каква надворешна политика ќе имаат Соединетите Американски Држави. Она што е јасно е дека сојузништвата никој нема интерес да ги нарушува и од нив да се откаже. Сè додека Македонија стои на страната на вредностите на демократија, на човекови права, може да се надева на поддршка од САД“, вели Радмила Шеќеринска од СДСМ.

Од ДУИ не очекуваат промена на американската политика кон Балканот.

„Ние ќе останеме силни пријатели и заедно ќе чекориме кон интеграција кон интеграција на земјата во НАТО и Европската унија. ДУИ, Албанците, а верувам и цела Македонија и сите политички партии во земјава ќе останат во близок контакт со властите во Вашингтон и ќе продолжат со градењето на заеднички политики, кон остварување на заедничката цел, а тоа е целосна интеграција на земјава и регионот во евроатланските структури“, вели Артан Груби од ДУИ.

Политичарите беа внимателни во однос на тоа кој бил нивниот фаворит на американските избори. Шеќеринска вели дека ова беа едни од најинтересните и најнепредвидливи избори во САД.

„Како жена не можам да кажам дека не жалам што една од најмоќните држави во светот не ја доби првата жена - претседател, но американските избори покажаа две важни работи, а тоа е дека дури и големата медиумска поддршка на одредени кандидати и одредена политичка партија не е доволна, кога граѓаните бараат промени и јас сум убедена дека таа порака ќе ја испратат и македонските граѓани на 11 декември“, изјави Шеќеринска.

Груби, пак, резултатите од американските избори ги опиша со цитат од поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски.

„Има еден политичар во Македонија кој некогаш изјави по едни избори една многу интересна изјава дека и кога народот греши, сепак е во право“, рече Груби.

Ѓорчев, пак, само додаде дека изборот на американски претседател е одлука на американскиот народ.

„Секоја држава ги бира своите претставници, ние тука во Македонија ќе имаме избори, на 11 декември ќе гласа и Македонија. Граѓаните ќе излезат и граѓаните се тие кои што се врховниот арбитер“, изјави Ѓорчев.

Републиканскиот кандидат Доналд Трамп ќе биде 45-тиот американски претседател, откако извојува победа над кандидатката на демократите, Хилари Клинтон.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG