Достапни линкови

Реакции во светот за победата на Доналд Трамп


Веста дека Доналд Трамп победи во трката за иден претседател на Соединетите Држави предизвика реакции во светот. Оние првичните од Европската унија главно беа претпазливи. Официјална Москва го поздрави успехот на Трамп.

Само мал број анкети и политички аналитичари предвидуваа дека Доналд Трамп ќе го победи својот демократски кандидат Хилари Клинтон и ќе биде 45 претседател на САД.

Овој резултат покрена низа прашања со оглед на тоа што овој бизнисмен никогаш немал јавна или политичка функција. Главно околу тоа каква ќе биде улогата на Вашингтон во светот.

Во Брисел, шефот за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини изјави дека САД и Европската унија ќе продолжат да работат заедно.

шефот за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини
шефот за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини

„Врските меѓу ЕУ и САД се подлабоки од каква било промена во политиката. Ние ќе продолжиме да работиме заедно, за враќање на силата на Европа“, напиша Могерини на Твитер.

Европски функционери и дипломати оценија дека европските влади можеби ќе треба да ја зајакнат сопствената соработка, ако администрацијата на Трамп почне да се повелкува од меѓународните обврски.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека „Американското лидерставо е важно како и секогаш... Силно НАТО е добро за САД, и добро за Европа“.

Шефот на француската дипломатија Ајро оцени дека Франција останува сојузник на САД, додавајќи дека Париз ќе треба да види каква ќе биде политиката на Трамп.

Во Германија, министерот за одбрана Урсула фон дер Лајен изјави дека резултатот бил „огромен шок“ и се запраша дали е во опасност „Пакс Американа“, односно мирот меѓу големите сили кои беа водени од САД по Втората светска војна.

рускиот претседател Владимир Путин
рускиот претседател Владимир Путин

Во Москва, рускиот претседател Владимир Путин му честиташе на Трамп за неговата победа, соопшти Кремљ.

„Путин изрази надеж за заедничка работа за враќање на руско-американските односи пред нивната кризна состојба, како и за решавање на националните и меѓународни прашања и за барање ефективни одговори на предизвиците во врска со глобалната безбедност“, се наведува во телеграмата.

Путин, исто така, изрази уверување дека конструктивниот дијалог меѓу Москва и Вашингтон ќе им служи на интересите на двете земји.

Веста за изборната победа на Трамп беше поздравена, главно меѓу десничарските и екстремно десничарските лидери во Европа.

„Ова е одлична вест. Демократијата се уште е жива“, напиша на Фејсбук унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тој во јули изјави дека плановите на Трамп за миграцијата и надворешната политика биле од „витално значење“ за Унгарија, додека оние на Клинтон биле „смртоносни“.

Во Франција, лидерот на екстремно десничарската партија Национален фронт Марин Ле Пен му честиташе на Трамп, а исто тоа го стори и австрискиот десничарски лидер Хајнц Кристијан Штрахе.

Иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф рече дека Трамп треба да остане посветен на меѓународниот нуклеарен договор со Иран.

Во Турција, премиерот Бинали Јилдирим изјави дека победата на Трамп е можност за продолжување на билатералните односи.

Тој додаде дека е можна „нова страница“ во односите меѓу САД и Турција, ако Вашингтон го екстрадиран турскиот свештеник Фетула Ѓулен, кој Анкара го обвинува за за организирање на неуспешниот државен удар на 15 јули.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG