Достапни линкови

Граѓаните обесхрабрени да се борат против корупцијата


Мапа на Транспаренси интернешнал за стапките за поткуп во Европа и Централна Азија. 16.11.2016

Мапа на Транспаренси интернешнал за стапките за поткуп во Европа и Централна Азија. 16.11.2016

Загрижуваат податоците дека бројот на граѓани коишто искажуваат подготвеност да пријават корупција е намален, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнал. Повеќе од една третина од испитаниците сметаат дека корупцијата е еден од трите најзначајни проблеми со кои се соочува државата.

Корупцијата е значаен проблем во Европа и Централна Азија. Владите во овие земји не прават доволно во борбата против нејзиното сузбивање, бидејќи функционерите од тоа имаат корист. Ова се дел од заклучоците од Глобалниот барометар за корупција на Транспаренси интернешнал направен врз основа на мислења и искуства на над 60 илјади граѓани од 42 држави.

Во Македонија, повеќе од една третина од испитаните граѓани сметаат дека корупцијата е еден од трите најзначајни проблеми со кои се соочува државата. Дванаесет отсто од нив рекле дека морале да платат поткуп за да обезбедат некаква јавна услуга, а најголемо искуство со тоа тие имале во јавниот здравствен систем, во сообраќајната полиција, во службите за издавање на службени документи и во јавното образование. Исто така тие сметаат дека богатите имаат многу силни влијанија над политичарите.

„Според граѓаните меѓу најкорумпираните во Република Македонија се смета дека се пратениците, но исто така еден од загрижувачките податоци на ова истражување во целина е дека бројот на граѓаните коишто искажуваат подготвеност да пријават корупција е намален“, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнал.

Повеќе од една третина од испитаниците се изјасниле дека Владата и Кабинетот на Претседателот во Македонија се вклучени во корупција. Зголемен е бројот на граѓани кои сметаат дека тие не може ништо да направат во борбата против корупцијата и дека е неопходно да се јакне заштитата на лицата кои се подготвени да пријават корупција. За да се прекине врската меѓу парите, моќта и корупцијата властите мораат да обезбедат поголема транспарентност, сметаат граѓаните.

Ситуацијата не е многу охрабрувачка ниту во земјите на Европската унија и во Централна Азија. Половина од граѓаните во овие држави сметаат дека корупцијата е најголем проблем во нивните држави; една третина велат дека владите не прават доволно да се сузбие проблемот и дека владата и законодавците дека се многу корумпирани. Во земјите членки на ЕУ многу граѓани гледаат како богатите и оние во власта го извртуваат системот во нивна корист.

„Во најбогатите држави од региониот, во европските држави, 65 проценти од граѓаните сметаат дека богатите имаат преголемо влијание во политиката, споредено со 44 отсто во земјите кандидати за членки во ЕУ“, вели Тасева.

За да се прекине ваквата состојба освен транспатрентност на власта, треба да се обезбеди и транспарентност за сопственоста и контролата над компаниите преку обезбедување на јавни податоци, се вели во заклучоците на Глобалниот барометар.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG