Достапни линкови

Борбата со корупцијата може да започне со кандидатските листи


Евроамбасадорот Сaмуел Жбогар и германската амбасадорка Кристине Алтхаузер.
Евроамбасадорот Сaмуел Жбогар и германската амбасадорка Кристине Алтхаузер.

Политичарите првата можност да ја покажат нивната заложба за нулта корупција ќе ја имаат при формирањето на кандидатските листа за следните избори, рече евроамбасадорот Жбогар.

Институциите, а особено Специјалното јавно обвинителство да се остават да бидат независни, а политичарите да покажат нулта толеранција кон корупцијата, ако сакаат државата успешно да се бори против ова негативна појава, порачаа дел од амбасадорите во земјата на завршната конференција на проект „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата“.

За време на проектот се обучени стотици службеници, обвинители, судии, полицајци, како треба ефикасно да се борат против корупцијата.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар вели дека колку една земја е покорумпирана, толку е посиромашна и понестабилна, а корупција поттикнува незадоволство и конфликти. Токму затоа Европската унија вложува напор во подобрувањето на правниот систем, а тоа го бараат и од земјите кандидатки за членки. Евроамбасадорот нагласи дека некои скорешни извештаи покажувале оти земјите кандидатки страдаат од слаб капацитет да се борат противи корупцијата, бидејќи судството е слабо, а и другите институции за спроведување на законите не се доволно независни. Тој се надева дека после проектот земјата ќе биде подготвена да се бори со корупцијата.

„Затоа најпрво е неопходно е антикорупциските случаи да бидат спроведувани во судскиот систем. Напредок е можен само ако сите и кажат не на корупцијата. Напредок е возможен само доколку политичарите објават нулта толеранција кон корупцијата, на корупциските практики. А првата можност да ја поддржат нивната заложба за нулта корупција ќе биде кога ќе ја формираат кандидатската листа за следните избори“, рече Жбогар.

Германската амбасадорка Кристине Алтхаузер ја истакна важноста од добар судски систем во борбата со корупцијата. Амбасадорката вели дека Македонија долго време се соочува со политичка криза, која, според неа, може да се реши само со владеење на правото.

„Судскиот и Обвинителскиот систем треба да работат во интерес на граѓаните, а тоа значи да ги санкционираат сторителите и да се заплени незаконски стекнатиот имот. Сега на крајот на проектот време е локалните институции да ги применат во пракса сите овие препораки за да го зајакнат владеењето на правото. Ги охрабрувам претставниците на граѓаните во Парламентот да ги поддржат напорите на Специјалното јавно обвинителство и да овозможат еднаква правда за сите. Во оваа насока е важно политичкото лидерство да одлучи“, вели амбасадорката Алтхаузер.

Претседателот на Државната комисија, Игор Тантуровски.
Претседателот на Државната комисија, Игор Тантуровски.

Проектот кој се спроведува од јули 2014 е вреден 1, 42 милиони евра. На него работеле околу 50 експерти од Германија, Полска и Словенија. Државната комисија за спречување на корупцијата во рамките на проектот соработувала со Агенцијата за конфискување имот и со уште 17 институции. Претседателот на Државната комисија, Игор Тантуровски, вели дека сите институции имале бенефит од овој проект. Тој вели дека тие постапуваат и ќе постапуваат по предметите на Специјалното јавно обвинителство. А на прашањето дали ќе отворат постапки по сомнежите за корупција што се отворија со опозициските „бомби“ , Тантуровски одговори:

„Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) не може да отвори предмети и да работи по сите наводи што стигнуваат до неа. Работи и постапува, пред сè, по предмети кои укажуваат дека има вистинска корупција во државните органи“, вели Тантуровски.

Тој додава дека во моментов Комисијата има многу предмети кои се однесуваат на предизборниот и изборниот период и сите се работат паралелно и во континуитет.

Експертите вклучени во проектот работеле за подобрување на антикорупциската легислатива, на подобрување на компјутерскиот систем на Државната антикорупциска комисија за прибирање на податоци за анкетните листови на функционерите, а се работело и за подобрување на методологијата при прибирање податоци за финансирањето на изборните кампањи.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG