Достапни линкови

Македонскиот „дуинг бизнис“ е реалност само на хартија


Владиниот врв во посета на белгиската компанија „Ван Хол“ во ТИРЗ Скопје. јануари 2016.
Владиниот врв во посета на белгиската компанија „Ван Хол“ во ТИРЗ Скопје. јануари 2016.

Македонија на хартија нуди добра услови за водење бизнис, но во реалноста не е баш така, велат економистите. Велат дека разочарувањето ќе биде големо кога тој што се повикал на извештајот на Дуинг бизнис ќе дојде да инвестира.

Македонија има напредок за две места во извештајот на Дуинг бизнис на Светска банка во кој се истражуваат законите што ја зголемуваат бизнис активноста, но тоа не се чувствува во реалноста. Македонија е рангирана на 10 место и е најдобра од земјите во регионот, но еконимистите се децидни дека во услови на непостоење на системска предвидливост во политиката и во економскиот ситем не може да се каже дека државата има добри услови за водење економија.

Поранешниот гувернер на НБРМ Петар Гошев оценува дека критериумите на Светска банка се формални и не ја одразуваат суштината и укажува оти тоа најдобра се гледа од примерот со Македонија.

„Со сите политички мешање на државата во бизнисот на лош начин, со сета корупција што владее, со целата политичка криза да се соопштуваат такви резултати повеќе е срам за Светската банка отолку придонес за изготвување некаква реална информација за луѓето внатре и надвор“, вели Гошев.

Луѓето што работат во Македонија, како што посочува Гошев, знаат дека има политички притисоци на власта, пречки за доаѓање до нормална комуникација со државата и знаат дека има корупција на сите нивоа. Во прилог на тврдењето дека во Македонија има лоши услови за водење бизнис тој укажува дека има речиси секојдневни измени на законите и непредвидливост на условите за стопанисување.

„Затоа што знаеме дека во една година донесоа 500 закони, знаеме дека некои закони во овие 15 години се изменети 15 пати и тоа не може да бидат добри услови. Критериумите на СБ на примерот на Македонија покажуваат дека се несоодветни и треба да ги послушаат критиките дека критериумите се целосно несоодветни“, вели Гошев.

Инаку ова е 14 извештај на СБ. Во него се наведува дека Македонија треба да продолжи со реформите за го задржи рангирањето во врвот. Авторите од Дуинг бизнис оценуваат дека државата постигнала одлични резултати заради намалувањето на бирократските пречки при почнување на бизнис. Во изештајот се оценува дека стопанственик кој има документи може да почне бизнис за само два дена и оти тоа е одлично.

Според бизнисменот Мендерес Кучи, Светска банка ги зема предвид општите услови за водење бизнис. Тој се согласува дека Македонија формално ги исполнува условите, но дополнува дека разочарувањето ќе биде големо кога тој што се повикал на номинирањата во Дуинг бизнис ќе дојде да инвестира.

„Ќе наиде на неликвидност на компаните, на слаб пазар, на нестабилност во смисла на закони, на проблеми доколку сака некоја работа да ја оствари според законот. Ако се земе предвид колку е потребно да згаснеш компанија ќе види кои се потешкотиите. Добро е што имаме таков имиџ надвор и убаво да се видат отстапките што државата им ги дава на странските ивеститори, но ќе се разочараат во однос на тоа што ќе го видат тука“, истакана Кучи.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG