Достапни линкови

Основен суд тврди дека се воведени дежурства за издавање на уверенија


Архивска фотографија- Основен суд Скопје 1

Архивска фотографија- Основен суд Скопје 1

Основниот суд Скопје 1 со соопштение попладнево информира дека веќе се воведени дополнителни дежурства за издавање Уверенија за неосудуваност и како што пишува, непотребно се политизирала работата на судот и се злоупотребувала ажурноста на судските служби со наводи дека преку судот се опструираат изборите.

Во дописот од Врховниот суд, според соопштението од Основниот суд Скопје 1, се вели дека до нив била „ испратена ургенција од шефот на Изборниот штаб на СДСМ, Дамјан Манчевски, со која се бара првостепениот суд да овозможи уредно и благовремено издавање на Уверенија за неосудуваност за кандидатите на листите за пратеници за потребите на престојните вонредни парламентарни избори“.

Врховниот суд на основниот му укажува да организира навремено издавање на потребните уверенија.

Дополнително во текот на денешниот ден, како што се наведува во соопштението од Основниот суд Скопје, Судот од медиумите бил известен дека и Државната изборна комисија побарала поажурно да ги изготвува уверенијата за неосудуваност.

Основниот суд Скопје 1 – Скопје, уште во текот на вчерашниот ден, преку две соопштенија им укажала на барателите навреме да поднесат барање за потребните уверенија, како и за начинот како се аплицира за нив и им појаснила на барателите за ажурноста на судот со цел, како што се наведува, кандидатите да го запазат законскиот рок.

„Ги известуваме сите инволвирани дека, ова е вообичаена процедура по која постапува судот и по која постапувал на сите претходни изборни процеси, а во однос на дежурствата истите се организирани, уште од вчера, Уверенијата од Казнена евиденција, кои порано се викаа Уверенија за неосудуваност, веќе се издаваат навремено, и доколку рокот за пријавување од страна на ДИК биде продолжен, секако дека ќе се воведат дежурства и за дополнителните денови“ соопшти Основениот суд Скопје 1 – Скопје.

Ова, како што стои, важи за сите кандидати кои треба да добијат соодветно Уверение во предвидениот рок, а не само за тие кои испратиле ургенции преку повисокиот суд.

XS
SM
MD
LG