Достапни линкови

Вести

ОБСЕ:Грузискиот закон за „странски агенти“ негативно ќе влијае врз граѓанското општество

Поддржувачите на грузиската опозициска партија присуствуваат на протест против нацрт-законот за „странски агенти“ во близина на Парламентот на Грузија во Тбилиси, Грузија, 28 април 2024 година.
Поддржувачите на грузиската опозициска партија присуствуваат на протест против нацрт-законот за „странски агенти“ во близина на Парламентот на Грузија во Тбилиси, Грузија, 28 април 2024 година.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) предупредува дека нацрт-законот што владата на Грузија го турка во Парламентот, таканаречениот предлог-закон за „странски агенти“, ќе ги етикетира граѓанските организации и активистите за заштита на човековите права создавајќи атмосфера на „недоверба, страв и непријателство“.

Директорот на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) при ОБСЕ, на 30 април за грузиската служба на РСЕ изјави дека нацрт-законот, кој предизвика огромни протести во главниот град Тбилиси, ќе има „негативни последици за граѓанското општество.

„Доколку се одобри суштината и содржината на предлог-законот, влијанието врз граѓанското општество сепак ќе биде негативно“, додаде тој.

Грузискиот парламент требаше да гласа на 30 април за второто читање на контроверзниот нацрт-закон, за кој критичарите дома и во странство, велат дека го отсликува законодавството на Кремљ што се користи во Русија за да се замолчат критичарите и несогласувањата.

Протести и контрапротести во Тбилиси за Законот за „странски агенти“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:23 0:00

Десетици илјади луѓе веќе две недели излегуваат а улиците на Тбилиси во знак на протест против законот предложен од владејачката грузиска партија.

Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Европската унија, кои на Грузија и доделија кандидатски статус во декември, сите го критикуваа законот. Официјални претставници на ЕУ рекоа дека тоа би можело да го запре напредокот на Грузија кон интеграција во блокот.

„Разбирам дека поголемиот дел од граѓанските организации во Грузија добиваат финансиска поддршка од меѓународни донаторски институции, (и навистина речиси сите поголеми организации доброволно ја откриваат листата на нивните донатори)“, рече Мекачи во писмената забелешка на прашањата на РСЕ.

Доколку биде усвоен, законот ќе бара од организациите и групите да се регистрираат како „странски агенти“ доколку добиваат повеќе од 20 проценти од финансирањето од странство.

„Овој предлог-закон, доколку биде усвоен, ќе го претвори огромното мнозинство од институциите на граѓанското општество преку ноќ во „странски агенти“ или „претставници на странски сили“, што е спротивно на духот на меѓународната соработка“, вели Мекачи.

Иако грузиската претседателка Саломе Зурабичвили вели дека ќе стави вето на законот доколку парламентот го усвои во трето читање, владејачката партија може да го отфрли ова со собирање 76 гласа. Потоа претседателот на парламентот може да го потпише во закон. За финалното читање на законот е предвидено да се расправа на 17 мај.

види ги сите денешни вести

Осомничениот за двојно убиство Љупчо Палевски - Палчо дава исказ во суд

Љупчо Палевски, осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски
Љупчо Палевски, осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Љупчо Палевски Палчо попладнево е однесен пред судија на претходна постапка. Палевски е осомничен дека за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Пред новинарите кои го чекаа пред зградата на Кривичниот суд Скопје, негираше дека ги извршил убиствата. На прашањето дали ги извршил убиствата на Вања и Панче, кусо одговори „не“. Исто така рече дека нема да се брани со молчење, туку дека има докази дека тој не е сторителот.

Тој е првпат изведен пред судија на претходна постапка по екстрадицијата од Турција, каде побегна и потоа беше фатен од тамошната полиција.

Истрагата за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Жежовски (74) се очекува да заврши наскоро. Првоосомничен во случајот е Љупчо Палевски – Палчо кој на 15 мај со авион беше екстрадиран од Турција во Северна Македонија.

Тој директно беше однесен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари бидејќи имаше определен 30-дневен притвор, а од затворот утрово испратиле официјално известување и до Основниот кривичен суд дека Палчо е кај нив.

Тој се гони за две грабнувања и две убиства на свиреп начин. Осомничени се и тројца соизвршители за овие дела, како и таткото на Вања кој се товари за помагање во грабнувањето на девојчето. За помагање во бегството, обвинителството сомничи уште едно лице.

ЕУ го одобри планот за користење на замрзнатите средства на Русија за Украина

Заеднички состанок на Владата на Украина и Европската комисија, Киев, 2 февруари 2023 година
Заеднички состанок на Владата на Украина и Европската комисија, Киев, 2 февруари 2023 година

Европската унија даде официјално одобрение за користење на приходите од замрзнатите средства на руската централна банка за зајакнување на одбраната на Украина, објави Европскиот совет на 21 мај, што би можело да достигне 3 милијарди евра пренасочени за војската на Киев, оваа година.

Веста доаѓа кога Украина продолжува да ги повикува своите западни сојузници да ја зголемат и забрзаат воената помош за нејзините војници, кои се борат да ја спречат офанзивата на исток од многу побројните и подобро вооружени руски сили.

Одлуката беше објавена во Брисел од белгиската влада, која во моментов претседава со 27-члениот блок.

„Европскиот совет го потврди својот договор да користи неочекувани профити од имобилизираните средства на Русија за поддршка на воената самоодбрана и реконструкција на Украина во контекст на руската агресија“, се вели на мрежата X.

Околу 210 милијарди евра (225 милијарди долари) од средствата на руската централна банка беа замрзнати од страна на ЕУ по неиспровоцираната инвазија на Москва на Украина во февруари 2022 година - износ што се проценува дека ќе генерира камата од околу 3 милијарди евра (3,23 милијарди долари) годишно.


Околу 90 отсто од приходите ќе бидат ставени во Европскиот мировен фонд што го користат повеќето членки на ЕУ за да добијат надомест за воената опрема испорачана во Украина.

Одделно, Ројтерс објави, цитирајќи неименуван извор, дека Германија најголемата економија во блокот планира да ја зголеми својата воена помош за Украина за уште 3,8 милијарди евра (4,13 милијарди долари) оваа година, потврдувајќи го извештајот на германскиот весник Билд.

На крајот на минатиот месец, Германија и достави на Украина нов пакет воена помош, вклучувајќи оружје и муниција.

Во меѓувреме, регионалните власти известија дека четири лица се ранети и дека е оштетен објект на транспортна инфраструктура во серија напади со беспилотни летала врз североисточниот украински град Харков рано на 21 мај, објавија регионалните власти.

Претходно на 21 мај беше прогласена општа тревога за воздушен напад на целата територија на Украина.

Забрана за комуникација со медиуми на „Токсикологија“, ЗНМ со осуда

Илустрација
Илустрација

Организациската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази забрани комуникација на вработените со медиумите без нејзина дозвола. Во известувањето истакнато на огласна табла на Клиниката се наведува дека средби со медиуми се дозволени само со претходно известување до в.д. организацискиот директор.

„Се забранува неовластено свикување на конференции за печатени и електронски средства за информирање, давање интервјуа и слично со што би се нанело штета на интересите и на угледот на клиниката. Средби со новинари, други медиуми само со претходно известување до в.д. организацискиот директор. Непочитувањето на оваа наредба, подлежи на санкционирање“, се вели во известувањето потпишано од Иљази.

Од Министерството за здравство велат дека секоја здравствена установа која врши дејност од јавен интерес е должна да функционира организирано во согласност со правилата кои се уредени со актите кои се уредуваат прописите од областа на здравствената заштита.

Најновата одлука на Иљази ја осуди Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и го нарече обид за цензура.

„Ваквата наредба претставува грубо прекршување на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот. Цензурата во Македонија е забранета со член 16 од Уставот на РСМ. Сите јавни институции во државата треба да обезбедат јавност во своето работење и да информираат за своите одлуки и работа, а не да забрануваат информирање за теми од јавен интерес“, велат од ЗНМ.

Иљази во изјава за дел од медиумите вели дека таа не може да биде обвинета за ништо, затоа што работи транспарентно и професионално, почитувајќи ги законите.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат следните денови најавуваат нов инспекциски надзор на Клиниката.
Минатиот месец беше извршен надзор по што беше издадено решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа им се забрани пристап на Клиниката.

Демири: Изборите завршија, да се вратиме во реалноста
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:58 0:00

Клиниката функционира само со организацискиот директор откако на 14 мај, министерот за здравство Илир Демири го разреши медицинскиот директор на Клиниката, Данил Петровски поради „неправилности во работата“, но дека тој ќе продолжи да работи на Клиниката.

Превирањата на Клиниката започнаа минатиот месец откога вработени на Клиниката реагираа дека организациската директорка Иљази инсистира да се вработат 18 лица на кои им се истечени договорите за дело. Вработените се пожалија и дека не можат да комуницираат со Иљази бидејќи таа не го говори македонскиот јазик.

Кинескиот министер за надворешни работи даде поддршка за независност на Казахстан

Казахстан, Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, 20 мај 2024 година
Казахстан, Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, 20 мај 2024 година

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ја повтори подготвеноста на Пекинг „цврсто да ги поддржи напорите на Казахстан да ја одбрани својата независност, суверенитет и територијален интегритет“.

Говорејќи по состанокот со казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев во Астана на 20 мај, Ванг повтори неколку слични изјави дадени од кинескиот лидер Кси Џинпинг во последниве години за поддршката на Кина на нејзиниот сосед на североисток.

„Кина ќе поддржи серија стратегии за развој и важни мерки иницирани од казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев, со решителност против какви било надворешни сили кои се обидуваат да се мешаат во внатрешните работи на таа земја“, рече Ванг.

Екс казахстански министер прогласен за виновен за смртта на сопругата
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:02 0:00

Откако Москва ја започна својата тековна инвазија на Украина во февруари 2022 година, многумина во Казахстан и на други места сметаа дека изјавите на кинеските лидери во врска со Казахстан и другите земји од Централна Азија се порака до Русија, каде што во последниве месеци, многу про-Кремљ политичари и политички набљудувачи навестија дека Казахстан е цел за преземање на Москва.

Токаев, пак, ги пофали кинеско-казахстанските врски, нагласувајќи дека гигантскиот сосед на неговата земја „ќе остане сигурен партнер на Казахстан“.

„Кинеската дипломатија игра важна улога во светските политики. Иднината на казахстанско-кинеските односи е значајна“, рече Токаев за време на неговите разговори со Ванг.

На собирот на министрите за надворешни работи одржан на 21 мај беше најавено дека лидерите на земјите-членки на ШОС повторно ќе се состанат во Астана на 3 и 4 јули.

Финска предлага нов закон со кој ќе се блокира влез на мигранти

Затворената финско-руска граница
Затворената финско-руска граница

Десничарската влада на Финска на 21 мај предложи нов закон со кој ќе им се овозможи на граничарите да ги одвратат барателите на азил на границата. Овој предлог доаѓа во време кога има напливот на мигранти, за кој Хелсинки смета дека е оркестриран од Русија.

Финскиот премиер Петри Орпо изјави дека на земјата и се потребни нови правни механизми по пристигнувањето на речиси илјада мигранти без визи на нејзината 1.340 километри (830 милји) источна граница со Русија во текот на минатата есен.

Хелсинки обвини дека порастот на, како што вели, инструментализираната миграција е се должи на оркестрирана операција од Русија, обвинение што Кремљ го негираше.

Нордиската земја ја затвори границата со Русија во средината на декември по напливот на мигранти.

Неколку пати го продолжи затворањето пред да објави во април дека границата ќе остане затворена на неодредено време.

Предложениот закон има за цел да управува со инструментализираната миграција и да се спротивстави на притисокот што се врши врз Финска“, изјави финскиот премиер.

Ограничувањето за „приемот на барања за меѓународна заштита“ би можело да се примени во ограничени области долж границата со Финска за фиксни периоди од максимум еден месец, спречувајќи ги барателите на азил да влезат во земјата.

Во овие ограничени области, според предлогот, ќе им биде дозволено да бараат заштита само на барателите на азил на кои им е потребна посебна заштита, како што се децата или лицата со посебни потреби.

Нивната шанса за да аплицираат ќе зависи од проценката на нивниот случај од страна на граничарите.

Критичарите на предлогот велат дека тој ги прекршува меѓународните договори и обврските за човекови права содржани во финскиот устав.

За да стане закон, предлогот бара гласови од пет шестини во парламентот.

Белоруска активистка втор пат задржана во притвор по одлежување на затворската казна

Архивска фотографија од белоруската активистка Павлина Шаренда-Панасјук приведена поради навреда на белорускиот претседател Александар Лукашенко
Архивска фотографија од белоруската активистка Павлина Шаренда-Панасјук приведена поради навреда на белорускиот претседател Александар Лукашенко

Белоруската активистка за заштита на човекови права Палина Шаренда-Панасјук, остана во затвор иако се се очекуваше да биде ослободена на 21 мај по одлежувањето на 3 години и 5 месеци. Таа останува во притвор и може да се соочи со дополнително неодредено обвинение, изјави нејзиниот сопруг Андреј Шаренда за Радио Слободна Европа.

Засега не е позната конретната причина за продолжениот притвор.

Панасјук која е активист на европското белоруско движење, првично беше уапсена во 2021 година и осудена на две години затвор за навреда на авторитарниот владетел Александар Лукашенко, како и за наводен напад врз полицаец.

Таа требаше да биде ослободена во август 2023 година, но наместо тоа беше обвинета за „прекршување на внатрешните прописи во казнено-поправен дом“ и нејзиниот затвор беше продолжен до 21 мај 2024 година.

Белорусија беше потресена од серија протести по изборите во август 2020 на кои Лукашенко тврдеше дека освоил шести мандат. Опозицијата и многу западни влади и меѓународни организации тврдеа дека гласањето било наместено и дека опозициска лидерка во егзил Свјатлана Циханускаја, која се вклучи како кандидат на местото на нејзиниот сопруг, всушност е вистинскиот побединик. По масовните протести голем дел од демонстрантите се соочија со затворски казни.

Еден загинат откако авион на „Сингапур ерлајнс“ принудно слетал во Банкок

илустрација
илустрација

Авион на „Сингапур ерлајнс“ од Лондон во вторник (21 мај) принудно слета во Бангкок поради силни турбуленции. Притоа еден патник загинал, а локалните медиуми јавуваат за неколку повредени.

Засега не е јасно во кој момент од летот настанале повредите и смртта на патниците, пишува Ројтерс.

На социјалните мрежи се објавени неколку видео снимки на кои се прикажани возила за итни случаи на аеродромот. Тајландските медиуми јавуваат дека 30 патници биле повредени.

Официјален претставник на аеродромот Суварнабхуми во Бангкок потврди еден смртен случај, но не го потврди вкупниот број на повредени.

„Авионот Боинг 777-300ER со 211 патници и 18 членови на екипажот бил на пат за Сингапур кога принудно слетал. Наш приоритет е да им обезбедиме секаква можна помош на патниците и членовите на екипажот“, велат во соопштението од компанијата.

Во октомври 2000 година, авион на Сингапур Ерлајнс се урна на затворена писта за време на полетувањето во Тајван. Тогаш загинаа 83 лица. Според Мрежата за безбедност на воздухопловството, оваа компанија имала седум несреќи.

Словачкиот премиер Фицо е во свесна состојба

Премиерот на Словачка Роберт Фицо
Премиерот на Словачка Роберт Фицо

Премиерот на Словачка Роберт Фицо е свесен и комуникативен, а последователно му беше извршена томографија, соопштија денеска неговите лекари.

„Истовремено се преземаат натамошни чекори за подобрување на неговото здравје“, соопштија од болницата во словачкиот град Банска Бистрица, каде што премиерот се заздравува по атентатот.

Вицепремиерот Роберт Калинак пред два дена изјави дека Фицо е надвор од животна опасност, иако сè уште е во премногу сериозна состојба за да биде префрлен во болница во Братислава.

Словачкиот премиер Роберт Фицо беше застрелан додека се движел меѓу толпа луѓе во градот Хандлова откако претходно бил одржан состанок на владата, објавија локалните медиуми на 15 мај.

Тој беше погоден со неколку куршими, по што итно беше однесен во болница и му беа извршени неколку операции.

Министерството за внатрешни работи инцидентот го квалификуваше како „обид за атентат“, а осомничениот беше приведен.

Во Полска уапсени деветмина осомничени за саботажа

Доналд Туск, премиер на Полска
Доналд Туск, премиер на Полска

Деветмина осомничени за саботажа поврзани со руската разузнавачка служба се уапсени во Полска, изјави премиерот на оваа земја, Доналд Туск.

Тој за ТВН24 изјави дека осомничените, кои се државјани на Белорусија, Украина и Полска, планирале саботажа во Полска и Литванија.

Полскиот премиер ја нарече ситуацијата „многу сериозна“, пренесува РСЕ на англиски јазик.

Туск тврди дека вмешаноста на руските разузнавачки служби во саботажата е „несомнена“ и дека некои од обвинетите се „луѓе од светот на криминалот“.

Тој додаде дека Полска тесно соработува со своите сојузници по ова прашање и дека е задоволен од ефективната работа на разузнавачките служби.

Претходно полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека во последните денови во земјата имало неколку сериозни пожари кои најверојатно биле подметнати пожари.

Тој рече дека тоа би можело да биде „обид за дестабилизација на ситуацијата во Полска“.

Двојно зголемен бројот на претставки против дискриминација

Прес конференција на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација
Прес конференција на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација

Сексуалната ориентација, родовиот идентитет, националната и етничка припадност, како и политичкото уверување остануваат најчестата основа за пријава на дискриминација, покажува Годишниот извештај за работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за 2023 година (КСЗД).

Претседателот на КСЗД Игор Јадровски, вели дека, иако се забележува зголемена видливост на Комисијата како адреса на која граѓаните бараат заштита на своите права, степенот на запознаеност на граѓаните за надлежностите на КСЗД е низок.

„Комисијата работеше на 523 претставки, што е повеќе од 100 отсто зголемување во однос на претходната година, што веројатно говори дека Комисијата добива на видливост, дека граѓаните се поинформирани и дека институцијата можеби добива уште повеќе на доверба. Забележуваме тренд на поистоветување на истите области на дискриминација претходната година, па така медиумите, јавното информирање, работата, работните односи, образованието и пристапот до добра и услуги, во 2023 година, исто како и во 2022 година, остануваат најчести области во кои што се пријавува дискриминацијата“, истакна Јадровски.

ЛГБТИ сигурна куќа - засолниште од општеството што не прифаќа различности
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:24 0:00

Во споредба со 2022 година, вели Јадровски, има тренд на намалување на дискриминацијата врз национална и етничка припадност, но пораст на случаите на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и етничкиот родов идентитет.

Предизвиците со кои се соочува Комисијата се намалените човечки капацитети. Јадровски упати апел до законодавниот дом, како и останатите надлежни институции, да имаат слух за лимитираниот буџет на Комисијата и континуираното прекршување на нејзината финансиска независност.

Комисијата и натаму ќе врши притисок за вклученост во закони и политики кои значат подобрување на принципот на еднаквоста, унапредување на еднаквоста и заштитата од дискриминација. Во следниот период очекуваат повторно да се активираат процесите за носење на законот за родова еднаквост и измените на законот за матична евиденција во делот за признавање на родот и чекаат Комисијата да биде препознаена како тело кое треба да боде вклучено во работните групи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG