Достапни линкови

logo-print

Ајварката се продава за бадијала


Откуп на црвена пиперка

Откуп на црвена пиперка

Цената на црвената пиперката е многу ниска, се жалат производителите. Цената е за просечно осум денари пониска од ланската, која достигнала и до 22 денари за килограм. Од Министерството за земјоделство соопштуваат дека состојба се должи на хиперпродукцијата на оваа култура.

Љупчо Тодески од крушевското село Бучин има 50 години, а цел живот се занимава и егзистенцијата на своето петчлено семејство ја обезбедува од земјоделство. Но, се жали дека сѐ потешко живее, сѐ потешко врзува крај со крај. Има посадено 10 декари со пиперка за ајвар, но околу 40 отсто од производството, поради обилните дождови, останале по нивите. Освен со овие штети, како што вели, се соочува и со дополнителна загуба. Цената на пиперката е многу ниска, просечно за осум денари пониска од ланската, која достигнала и до 22 денари за килограм.

„Со толку многу работа не можеме сметките кон државата да ги намириме, а камо ли да остане нешто, за деца да школуваш. Трошоците се големи, не остануваат чисти пари. Излез има, зависи од другите, од нас, не! И од Министерство доаѓаат обично само кога има избори, пред избори, тогаш доаѓаат, инаку тука не доаѓа никој. Тогаш доаѓаат, ветуваат ридови и долини, заминаа изборите - замина сѐ! Треба да се менува менталитетот на луѓето, треба да си бараат правата, ама треба да ги сослуша некој“, вели Тодески.

На истите проблеми се жалат жители и на соседните кривогаштански села. Револтирани се од власта и од ресорното Министерство, зашто тврдат не покажуваaт никаков интерес за нивните проблеми, коишто се повторуваат речиси секоја година.

„Неделна цена, кај ќе се пазариме ние со неделна цена? Не му одговара денеска тоа на откупувачот. Ова не трпи неделни цени. Еве ни пука пиперката на корен, Владата му вели оваа цена ќе ја држиш ти цела недела. Овој оваа недела не ја зема, утре, други ден тој знае оти нема каде да ја носиме и ќе рече за 12 денари од килограм ќе ја земе пиперка и ние ќе ја однесеме за 12 денари“, велат жители од селата, кои инсистираат на своја анонимност.

Откупните фирми не кријат, откупната кампања е на штета на земјоделците. Некои откупни фирми ги затвориле пунктовите, иако има села каде и во вакви услови со динамика од 40 тони дневно се презема пиперката за ајвар. Цените се движат меѓу пет и 14 денари за килограм.

„Побарувачката за надворешен пласман е многу слаба, моменталните цени се катастофални, разочарувачки. Не само ние како откупувачи, туку и земјоделците се многу разочарани. Исплатата е некаде во март или април следната година“, вели Рубин Шефтероски, кој има откупен пункт во селото Бела Црква.

Рубин Шефтероски, сопственик на откупен пункт за црвена пиперка.

Рубин Шефтероски, сопственик на откупен пункт за црвена пиперка.

На овие реакции на земјоделците од Министерството за земјоделство соопштуваат дека ја следат состојбата со откупот на црвената пиперка и дека оваа состојба се должи на хиперпродукцијата на оваа култура на зголемени површини и пораната берба.

Откупот, како што соопштуваат од Министерството, се одвива според капацитетите на преработувачката индустрија, која што во моментов не е во можност да прифати зголемени количества. Но, преработувачите ги почитуваат договорите со градинарите, во однос на цената, количествата и препорачуваат постепена берба во договор со откупувачите.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG