Достапни линкови

Скап зеленчук, помалку зимница


Илустрација.

Илустрација.

Повозрасните жителките на Куманово велат и годинава ќе прават зимница, но во помали количини поради скапиот зеленчук, додека помладите претпочитаат да си купат.

Градинарските култури на пазарот барани за подготвување зимница секоја година се поскапи или пак куповната моќ на граѓаните се намалува, но традицијата сепак треба да се одржува, велат неколку запрашани кумановки. Додека повозрасните од објективни причини во намален обем од претходната или годините пред тоа, размислуваат и планираат да наполнат тегли со ајвар и други македонски специјалитети, поголем број од младите велат дека или немаат време, немаат услови или, пак, полесно им е да купат во маркетите. За нив традицијата може да „почека“ некои други времиња.

Јас правам. Само чекам да поевтини пиперот. Сега е многу скап.

„Не правам сега, купувам готово.“

„Јас правам. Само чекам да поевтини пиперот. Сега е многу скап.“

„И да и не. Многу е скапо. И напорно е, но парите се во прашање. Јас сум социјален случај. Од каде? Кој има примања и така и така, а кои се социјални случаи како јас, за нив е тешко. Порано сме правеле.“

Скапо е, 70 денари пипер е премногу за наши услови, но ако не може 20, барем десет тегли. Традиција е, децата навикнале.

„Јас имам мое. Произведувам на село.“

„Скапо е, зашто, како што народот нема пари, вистина е скапо.“

„Скапо е, 70 денари пипер е премногу за наши услови, но ако не може 20, барем десет тегли. Традиција е, децата навикнале.“

„Оваа година помалку. Сè е скапо и пипер и патлиџани. И везени пиперки се скапи. Само колку традицијата да не се изгуби“, велат анкетираните граѓани.

Некои кои се во подобра финансиска состојба, велат дека традицијата не ја напуштаат, а количеството ќе го намалат. Сепак, ќе подготвуваат ајвар, сос од патлиџани, компоти, сокови.

„Цените се за пет до десет денари повисоки. Може. Но, ние традиционално правиме, така што и оваа година нема да изостане“, вели една граѓанка.

Иако подготвување зимница одамна не наликува на некои стари времиња, не само по цените на градинарските производи и сè потенкиот семеен буџет, туку новото време и преполните рафтови во маркетите за младите кумановки по сè изгледа традицијата и нема некое големо значење.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG