Достапни линкови

Македонија земјоделска само на хартија


Премиерот Никола Груевски на жетва во Пелагонија, 2012.

Премиерот Никола Груевски на жетва во Пелагонија, 2012.

И додека нашата земја е окарактеризирана како земјоделска, податоците покажуваат дека во земјава има поголем увоз отколку извоз на храна. Секоја година расте помошта од државата за земјоделците, но нема анализа како сè одразуваат тие пари и зошто и покрај се нема соодветни резултати.

Доматите, пиперките или цвеклото од македонските ниви се преработуваат во соседните земји и се враќаат во македонските продавници како вкусна зимница или кечап. Смокви, вишни и сливи од јужните делови на земјава по краток пат до соседството ни се враќаат во тегла како мармалад, компот или слатко. Преспанските јаболка ни се враќаат во тетрапак пакување. Ниту третина од асортиманот на негазирани сокови во македонските маркети не е од домашно производство, иако овошје имаме во изобилие. На рафтовите покрај македонскиот ајвар, лутеница, корнишони, стојат и увезени од Србија, Хрватска и други земји, каде што Македонија најмногу извезува зеленчук.

Увезуваме сокови, шеќер, месо, кафе, сурово сончогледово масло. Некои производи, како на пример јаболка, колкава количина увезуваме, толку и извезуваме.

Поголем увоз отколку извоз на храна

Традиционално, на странските пазари најмногу се пласираат македонски домати, пиперки, зелка, како и јаболка, грозје, бостан. Но годинава традицијата беше нарушена, Владата го прифати барањето на земјоделските индустриски производители за намалување на увозните давачки за индустриска пиперка и доматно пире. Земјоделските индустриски производители досега плаќаа 50 отсто од овие давачки, а сега ќе плаќаат нула. Одлуката важи до крајот на оваа година.

Увезуваме сокови, шеќер, месо, кафе, сурово сончогледово масло. Некои производи, како на пример јаболка, колкава количина увезуваме, толку и извезуваме.

Секоја година расте помошта од државата за земјоделците, но нема анализа како се одразуваат тие пари и зошто и покрај се нема соодветни резултати.

И додека нашата земја е окарактеризирана како земјоделска, податоците покажуваат дека во земјава има поголем увоз отколку извоз на храна, па поради тоа епитетот земјоделска останува само на хартија. Во услови кога може да се произведува и извезува квалитетна храна, благодарение на географската местоположба и благодатите што ги дава климата, Македонија е зависна од увоз на прехранбени производи и пијалаци.

Домашното производство на жита, месо, масло за јадење, млеко или шеќер, ниту оддалеку не ги задоволува потребите на населението. Од странство не се купуваат само егзотични овошја, кафе или морски плодови. Купуваме пченица за да имаме доволно леб, смрзнато месо за да може да работи преработувачката индустрија, како и сончоглед, кој одамна го нема на македонските ниви. Увезуваме и риби и преработки од риби, чај, какао и зачини, јајца и додатоци за исхрана. Од странство се купува и добиточна храна и ѓубрива.

Ако се зголеми финализацијата на земјоделските производи, ние ќе имаме многу поконкурентен извоз и ќе имаме намалување, некаква супституција ќе направиме, а тоа е голема зависност од жита, од масло за јадење, од шеќер.

Зголемен е увозот на речиси сите прехранбени производи, од земјоделска до разна готова храна, а главна причина за тоа е македонското дефицитарно производство. Опаѓањето на обработливи земјоделски површини, лошото планирање на проносите и произведените вишоци, расцепканите и нефункционални парцели, старата механизација се само дел од проблемите кои што го следат земјоделството.

Драстично намалено обработливото земјиште

За 20 години во Македонија драстично е намалено обработливото земјоделско земјиште, се намалува производството на некои од главните земјоделски култури, а сè повеќе се зголемува увозот на храна. Секоја година расте помошта од државата за земјоделците, но нема анализа како се одразуваат тие пари и зошто и покрај се нема соодветни резултати. Недостасува дебата на тема земјоделство во земјава, вели пензионираниот професор Борис Анакиев од Земјоделскиот факултет. Тој објаснува дека Македонија не може да се ослободи од зависноста на увозот на храна.

Субвенциите во земјоделството многу придонесуваат, бидејќи земјоделството спаѓа во ниско продуктивни гранки, непрофитабилни, затоа субвенциите практично ги надополнуваат загубите, ако ние сакаме да постигнеме некој поголем и поатрактивен и квалитетен сток во самото производство, субвенциите треба да бидат малку повисоки.

„Ние имаме голем дефицит меѓу увозот и извозот на храна, главно затоа што ние имаме лоши природни услови за конкурентно производство на жита, добиточна храна, а со тоа оди и целото сточарство базирано на ниски приноси, скапа добиточна храна, неконкурентно, и не се заинтересирани земјоделците да произведуваат добиточни производи.“

Анакиев вели дека дефицитот во трговијата со храна е голема болка на Македонија. Не можеме да си ја задоволиме потребата од жито, затоа што имаме релативно неповолни услови и затоа увозното е поевтино. Скапото жито, повлекува и скапа добиточна храна и со тоа и месото станува скапо и неконкурентно. Освен житото и месото, најголем дел од дефицитот се должи и на маслото за јадење и на шеќерот додека во земјава има суфицит во производството на овошје и зеленчук.

„Тука ни фали уште многу за финализација, ако се зголеми финализацијата на земјоделските производи, ние ќе имаме многу поконкурентен извоз и ќе имаме намалување, некаква супституција ќе направиме, а тоа е голема зависност од жита, од масло за јадење, од шеќер. Сето тоа се континентални култури, кај кои приносите во Македонија не можат да бидат конкурентни.“

Оние земјоделци кои имаат своја земја од дедо, прадедо, тие и да немаат субвенции, тие ја работат, ако нема сметка оваа година, ќе има другата, не се откажуваат, произведуваат храна за себе, а нешто ако малку стане да го продадат.

Милиони за субвенции, а фајде?

Во споредба со пред 10 години во земјава има 20 отсто помалку посеви со пченица, 15 отсто помалку јачмен, 10 отсто помалку домат, има помалку посеви со тутун. Слична е и состојбата и во сточарството. И покрај милионските субвенции, статистиката покажува дека во изминатите 10 години има помалку говеда, речиси двојно помалку овци, помалку свињи и сериозно помалку живина. А за 20 години драстично се намалило обработливото земјиште.

Во последната изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за 2014-2018 е наведено дека партијата покажала како се дава поддршка на земјоделците и дека во следните четири години се планира инјекција од 600 милиони евра, односно по 150 милиони евра годишно.

Најмногу пари даваме за месо и преработки од месо, 125 милиони евра, за жито 90 милиони, за кафе, чај, какао, зачини околу 60 милиони евра. Исто толку трошиме и за увоз на овошје и зеленчук.

Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за периодот 2011-2015 на тема земјоделство тие ќе напишат дека и понатаму ќе бидат „земјоделско влада“ и ќе продолжат со зголемувањето на финансиската поддршка за аграрот и руралниот развој. Па оттука се наметнува и прашањето колку субвенционирање на земјоделството придонесува за намалување на цената на храната и колку тоа помага за да се зголеми извозот на македонскиот земјоделски производ.

Земјоделци чекаат да поднесат барање за субвенции

Земјоделци чекаат да поднесат барање за субвенции

Земјоделието не може да опстои без субвенциите

Да не се субвенциите земјоделците одамна ќе се откажеа од производството, вели Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци.

Јас имам информации, бидејќи сум често на терен, дека голем дел од земјоделците, ќе посеат, ќе побараат субвенции и не се ни враќаат на површините, дали со пченка, дали со други земјоделски производи, тоа не е добро, и нешто треба да се направи во таа насока.

„Субвенциите во земјоделството многу придонесуваат, бидејќи земјоделството спаѓа во ниско продуктивни гранки, непрофитабилни, затоа субвенциите практично ги надополнуваат загубите, ако ние сакаме да постигнеме некој поголем и поатрактивен и квалитетен сток во самото производство, субвенциите треба да бидат малку повисоки“, вели Шаклев.

За споредба во регионот земјоделство двојно повеќе се субвенционира да за може со таа мерка да се поттикне поголемо производство и извоз, објаснува Шаклев.

Статистиката покажува дека четири години домашното производство на месо е намалено за една петтина. Кај производството на говедско месо има пад од 13 отсто, а на пилешкото од 50 отсто. Годишните потреби на Македонија од 22 илјади тони за телешко месо исто толку за пилешко месо во голем дел се задоволуваат од увоз.

„На пример во Словенија зимаат околу 250 илјади евра годишно, а ние имаме околу 150 милиони, а развиеноста и големината на земјата е скоро иста, значи тие зимаат скоро дупло повеќе од Македонија и сега за да го постигнеме тоа ниво на раст, словенското, ќе ни требаат малку поголеми вложувања.“

Тоде Лазаревски, кој се занимава со садење житни култури, вели дека земјоделието не може да опстои без субвенциите.

„Оние земјоделци кои имаат своја земја од дедо, прадедо, тие и да немаат субвенции, тие ја работат, ако нема сметка оваа година, ќе има другата, не се откажуваат, произведуваат храна за себе, а нешто ако малку стане да го продадат“, вели Лазаревски.

Она што сè уште е голем недостаток кај субвенционирањето во земјоделството е тоа што голем дел од субвенциите се користат како социјална мерка,

Додека земјоделците кои што имаат земјиште под концесија ќе се откажат од производство ако не се субвенциите, вели Лазаревски.

„Едвај се излегува на крај со субвенциите. Луѓето секогаш ни префрлаат, викаат –вие земате субвенции, не земаме ние, земаат граѓаните – потрошувачите, за да ние произведеме поевтина храна и да ја продадеме, ни даваат субвенции и тоа на производите им се дава, за да произведеме поевтино, ако не се субвенциите храната ќе биде многу поскапа, не ќе може населението да ја купува.“

На пример кога станува збор за пченицата македонските земјоделци не можат да им бидат конкуренција на српските.

„Србија и Бугарија имаат од 8 до 10 тона по хектар, ние имаме едвај по три тона и тие имаат сметка да ја даваат пченицата по 10 денари и под таа цена, ние не можеме под 15 денари, еве оваа година со по 7, 8 денари не можеме да опстанеме, за да влеземе во игра. Армија луѓе се вработени во земјоделието, ако запреме ние, ќе запрат и други со работа, ние купуваме репро материјали, ѓубрива, заштитни средства, ќе оставиме се и ние ќе бараме работа“, вели Лазаревски.

Субвенциите помогнаа само во неколку гранки за зголемување на извозот но се уште не сме на ниво да произведување на вишоци кои ќе може редовно и во големи количини да се извезува.

„Кај нас тешко оди ова зголемување на производстовот, имаме вишок на производи во полјоделството, во лозарството, во овоштарството, во градинарството имаме најмногу резултати, меѓутоа се уште е рано, да се каже дека одиме во побрз чекор напред, ни треба уште време. Додека субвенциите што се даваат за руралниот развој, навистина имаме добри ефекти, во голем дел механизацијата е променета, имаме нова механизација, и тоа нормално дава добри резултати“, вели Шаклев.

Најмногу пари даваме за месо и жито

Од извозот македонските производители во првите девет месеци од годинава заработиле речиси 400 милиони долари што е за 20 милиони долари помалку од истиот период лани. Во 2012 та од извозот е заработено 264 милиони евра.

Најмногу пари даваме за месо и преработки од месо, 125 милиони евра, за жито 90 милиони, за кафе, чај, какао, зачини околу 60 милиони евра. Исто толку трошиме и за увоз на овошје и зеленчук. Од нивниот извоз, пак, најмногу и заработуваме, речиси половина од вкупниот прилив на средства од извозот на храна, или 136 милиони евра отпаѓа на овошјето и зеленчукот. Заработуваме и од месните преработки, околу 30 милиони евра, како и од житата и преработките.

Од сегашниот македонски извоз на храна, две третини отпаѓаат на два производа - тутунот и пијалаците.

Според податоците од Државниот завод за статистка, околу 25 до 30 отсто од суровината за месни преработки е од домашно производство, останатото се увезува.

Статистиката покажува дека четири години домашното производство на месо е намалено за една петтина. Кај производството на говедско месо има пад од 13 отсто, а на пилешкото од 50 отсто. Годишните потреби на Македонија од 22 илјади тони за телешко месо исто толку за пилешко месо во голем дел се задоволуваат од увоз. Сумите на девизи кои се одлеваат за увоз на месо секоја година се зголемуваат и според Државниот завод од 71,7 милиони евра во 2007 година во 2011 година пораснале до 93,9 милиони евра.

До неодамна Македонија располагала со околу 8 илјади тони домашно производство на говедско месо. Претходната година производството се намали на околу 5 илјади тони, а останатите 14 до 16 илјади тони се увезуваат од Полска, Австрија, Аргентина и други земји. А за да биде парадоксот поголем земјава располага со преку 600 илјади хектари неискористено земјиште, што е одлична подлога за производство на говедско месо. Што се однесува до субвенциите за овој сектор, експертите посочуваат дека не се доволни. За споредба во Србија се дава 185 евра субвенции за грло говеда, додека во Македонија 2.800 денари по грло и плус оние субвенции за заклано во кланица сумата достигнуваоколу 4.000 до 5.000 денари, а тоа е релативно недоволно споредено со регионот. Значи треба сумите да се зголемат, и ефектот ќе биде видлив посочуваат експертите.

За свинското месо од странство пак годишно се трошат околу 33 милиони евра, пари што можат да завршат во џебовите на македонските фармери.

Злоупотреба на субвенциите

Професор Илија Каров од Земјоделскиот факултет вели дека субвенциите придонесуваат за зголемување на квантитетот и квалитетот на македонскиот земјоделски производ, но мора да се обрати внимание на неколку клучни работи. Прво треба да се внимава на злоупотребата на субвенциите, посочува Каров.

„Јас имам информации, бидејќи сум често на терен, дека голем дел од земјоделците, ќе посеат, ќе побараат субвенции и не се ни враќаат на површините, дали со пченка, дали со други земјоделски производи, тоа не е добро, и нешто треба да се направи во таа насока.“

Каров додава дека треба да се овозможат механизми со кои ќе се надгледува спроведувањето на добра земјоделска практика.

„Тоа значи дека субвенции ќе добијат оние кои ќе применуваат добра земјоделска пракса, тоа значи дека ќе добијат и поголеми приноси и поквалитетно производство, ако само се стимулираат, се даваат субвенции, а несе води сметка дали тој земјоделец има сериозно производство, квалитетно, дали ги применувал сите современи агро-технички мерки.“

Тој смета дека е потребно поголема контрола и промена на начинот на субвенционирање за да се избегне злоупотребата. Дополнува дека проблем е и неискористеноста на државното земјиште.

Каров вели дека имаме можности, имаме ресурси, но малку недостасува за да се зголеми целокупното македонски земјоделско производство. Само со цена и квалитет може да се надмине проблемот со зависноста од увоз на храна, заклучува Каров.

Она што земјоделците го бараат од Владата, се големи и конкретни вложувања како изградба на патишта, откупни центри каде што ќе ги пласираат своите производи, заштита со договори за минимални откупни цени за сите видови производи.

Субвенции за социјален мир

Подобрувањето на патната инфраструктура, на водоводната и канализациската мрежа, здравствена заштита во селата, полесен пристап до локалните пазари се неколку мерки што се во насока на подобрување на условите за живот во рурална средина. Покрај ова и субвенциите кои ги нуди Владата треба да стигнуваат до вистинските земјоделци велат експертите.

Габриела Димовска од Центарот за економски анализи во својот труд „ Осврт на развојот на земјоделството по Македонија во последните десет години“ посочува дека она што сè уште е голем недостаток кај субвенционирањето во земјоделството е тоа што голем дел од субвенциите се користат како социјална мерка, иако би требало да придонесат за зголемување на конкурентноста, за создавање на крупни носители на производствениот процес кои потоа ќе придонесат за зголемување на извозот. Субвенциите кај земјоделските производители создаваат привиден мир.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG