Достапни линкови

Еколозите се надеваат дека ќе најдат рис-женка


Илустрација: Балкански рис на Баба Планина во 2013

Илустрација: Балкански рис на Баба Планина во 2013

Еден од главните предизвици на Македонското еколошко друштво во оваа фаза е заловување на женка за да се збогатат податоците за ова шумско животно кое е на работ на исчезнување.

Шеста година трае програмата за закрепнување на балканскиот рис на Македонското еколошко друштво, а еден од главните предизвици во овие фази е заловување на женка со цел да се збогатат податоците за ова шумско животно кое е на работ на исчезнување. Друштвото од 2010 досега има најдено четири риса мажјаци на кои им се ставени околувратници и со помош на технологијата радио-телеметрија се следени како живеат, пред сè на подрачјето на националниот парк Маврово.

Диме Меловски од Македонско еколошко друштво вели дека женките помалку се движат и затоа потешко е да се најдат.

„Секако женките имаат подруг простор, подруго искористување на просторот, бидејќи треба да се грижат за опстанокот на нивните млади. Исто така тие помалку се движат, имаат помали територии. Тоа од литература го знаеме од други истражувани подрачја во Европа и со самото тоа имаат и помала шанса да бидат фатени. Статистички гледано, бидејќи помалку се движат, и помали шанси имаат. Овој метод којшто ние го практикуваме, во Швајцарија на пример околу 70 отсто се фаќаат мажјаци, 30 отсто женки. Така што се надевам дека следната, со цел да се задржи таа некоја статистика, ќе биде женка“, објаснува Меловски.

Значајно за наредните фази во програмата која има за цел да се одржи рисот како вид на Балканот е соработката со колегите од земјите од соседството.

„Почнавме да работиме со неколку невладини организации од Црна Гора и Косово. Ќе гледаме нашите активности барем да ги почнеме и во северна Грција, зборувам главно за тој преспански регион и планините Пелистер и Галичица од албанска и грчка страна. Тој дел - Пелистер и Галичица претставува значаен коридор за населување на одредени површини на југ на балканскиот рис“, смета екологот.

Инаку, рисот Деки кој бил заловен годинава на еколозите им дал повеќе податоци од претходните.

„Испаднаа многу интересни резултати поради тоа што е рис којшто има најголема територија досега. Опфаќа околу 600-700 километри квадратни што нè изненади и позитивно и негативно. Позитивно е што наидовме на новости околу екологијата на балканскиот рис, а негативно, знаејќи дека тоа се територијални животни, испаѓа дека на таа територија не би требало да има повеќе од најмногу еден мажјак што би се преклопувал со таа територија делумно. И поради тоа испаѓа дека можеби и густината на рисови на тоа подрачје надвор од националниот парк Маврово е дури и помала отколку што сме мислеле“, вели Диме Меловски.

Балканскиот рис го имало на целата територија на Македонија, но сега е целосно исчезнат од планините од истокот на земјата. Поради опасноста од истребување, трајно е забрането рисот да се лови. Важи за национален симбол на Македонија и се наоѓа на монетата од пет денари.

XS
SM
MD
LG