Достапни линкови

Русија се труди да го истисне Западот од Балканот


Рускиот новинар и публицист Борис Камчев

Рускиот новинар и публицист Борис Камчев

Москва се обидува да ги истисне западните земји од Балканот, но не затоа што е заинтересирана за регионот, туку за да може да ги користи како карта во повисоките политички игри на светската сцена.

Руското влијание од година в година се зголемува на Западниот Балкан, а целта е истиснување на Европската Унија и САД од овие простори, вели рускиот новинар и публицист Борис Камчев на конференцијата на Македонскиот центар за европско образование на тема „Дали Русија е вистински конкурент на ЕУ на Балканот и други места?“. Руските власти своето влијание го внесуваат на мала врата во земјите од Западниот Балкан, но не со цел да влијаат на развојот на овие земји, туку да ги злоупотребат внатрешните случувања во овие земји како карта во повисоки политички игри на светската сцена. Камчев вели дека руските власти немаат конкретна стратегија на делување, особено не во инвестирање во развој на западнобалканските земји, но делуваат исклучиво во задоволување на сопствените интереси.

„Истиснување на американското влијание беше главната задача на руската иницијатива на Балканот пред година-две, а сега и истиснување на европското влијание. Бидејќи со војната во Украина и со анексијата на Крим и Европа се приклучи кон санкциите на САД, и Европа е доста критична кон режимот во Москва, едноставно Русија ги смета за опасност Европјаните и Европа и САД и сака што е можно повеќе да ги истисне од своите граници“, објаснува Камчев.

Во основа, руските власти не им веруваат на балканските лидери поради нивното дволично однесување кон нив, додава тој.

„На пример, поранешниот премиер Никола Груевски во Македонија, кога се организираа контрапротести на протестите на опозицијата, кои бараа промена, ние видовме на тие контрапротести многу руски знамиња, проруски пораки, слики и постери од Путин и една година подоцна го гледаме Груевски како оди во Вашингтон како бара начин да се сретне со Хилари Клинтон која се претпоставува дека ќе биде наредниот американски претседател. И тоа е таа дволичност што ја гледаат, таа превртливост што тие ја гледаат и затоа не настапуваат многу сериозно Русите овде во однос на тоа“, додава Камчев.

Во своето излагање тој укажа дека руската скепса кон балканските народи потекнува уште од 19 век.

"Големите писатели и филозофи како Фјодор Достоевски или Константин Леонтјев биле резервирани околу идејата за некакво 'братство' помеѓу балканските народи и Русија. Балканските земји се повикувале на тоа братство кога Русија ги ослободувала од завојувачи, за потоа редовно да и заријат нож во грб," вели Камчев.

Затоа влијанието што го спроведува на Западниот Балкан не е на официјално ниво, вели Камчев.

„Таа влијае преку андерграунд канали, преку подземни врски, преку бизнис врски кои потплаќаат групи, кои се настроени против Европската унија во Македонија, Србија и Црна Гора. Тоа се такви антизападни групи или организации кои постојано работат во полза на руската кауза“, вели тој.

Од друга страна, не постои суштествен милионски проект кој е финансиран од Русија со цел развој на Балканот, на пример во изградба на патишта или изградба на инфраструктура која е од насушна потреба за Македонија или останатите земји од Балканот, вели Камчев.

Токму поради таквото однесување на Русија и дволичноста на западноевропските лидери кои честопати и намигнуваат се созадаваат услови во Македонија и останатите балкански земји за раст на евроскептицизмот на оваа територија, а со тоа Русија е вистински и опасен конкурент на Западот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG