Достапни линкови

logo-print

Медиумите покажаа дека знаат да известуваат побалансирано


Предадена во употреба опрема за мониторинг на медиумите обезбедена од ЕУ на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Предадена во употреба опрема за мониторинг на медиумите обезбедена од ЕУ на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Медиумите знаат како професионално се известува, но некои од нив тоа не го правеле затоа што не сакале, велат аналитичарите по извештајот за мониторинг на медиумите.

Последниот извештај за мониторинг на медиумското известување на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не ја изненади стручната јавност. Според дел од медиумските експерти, податокот дека е забележан напредок во квалитативниот баланс во известувањето во третиот десетдневен период од предизборието, покажува дека медиумите знаат како професионално се известува, но некои од нив тоа не го правеле затоа што не сакале.

„Анализата на телото покажува дека нашите медиуми можеа да работат избалансирано и дека морало нешто да се направи за да се натераат да работат така. Дали тоа се казните или другите предвидени санкции не знам, но важно е што се покажа дека можат, дури и тие медиуми кои до вчера работеле непрофесионално“, вели Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите.

И професорот Сефер Тахири вели дека подобрувањето на начинот на известување на медиумите се должи на санкциите кои ги предвидува ад-хок телото за мониторинг.

„Мислам дека се покажува дека санкционирањето на небалансираноста, на необјективноста, на говорот на омразата, може да дава резултати, особено кога се работи за медиуми и новинари коишто условно кажано се скарани со етиката и професионалноста, односно не почитуваат кодекс на новинарите и професионални стандарди во текот на своето известување“, вели Тахири.

Ваквата позитивна тенденција, Тахири очекува да продолжи и во периодот на изборната кампања.

„Сметам дека овој тренд ќе се задржи, бидејќи медиумите не се плашат толку од изречените казни туку од судот на јавноста, бидејќи не е сеедно кога јавноста знае дека одредени медиуми известуваат балансирано и дека има и такви медиуми кои служат само како канали за пренесување на пропагандни пораки од страна на политичките партии“, изјави Тахири.

Регулацијата може да дава резултати кога е во функција на медиумското известување, се согласуваат нашите соговорници. Адамчевски сепак не ја исклучува можноста медиумите да го сменат тонот на известувањето кога ќе се заостри политичката борба, односно за време на изборната кампања, зошто како што вели, тогаш влоговите на партиите во телевизиите ќе бидат многу поголеми.

„Имаше укажувања дека казните што се предвидени се минимални во однос на она што може да го заработи медиумот. Да речеме некоја казна од четири-пет илјади евра, а медиумот може да заработи милион евра, не е проблем тогаш, ќе си ја плати казната. Меѓутоа, не е работата до казните, работата е до професионалноста да се покаже дали знаеме или не знаеме, се покажа дека знаеме, значи не сакаме", вели Адамчевски.

На последниот извештај на Агенцијата, која пак, изрече прекршочни постапки за две телевизии, реагираше Македонската агенција на новинари. Во соопшение до јавноста се оценува дека Агенцијата за медиуми се однесува како цензор, а не како самостоен регулатор и оти протежира и заштитува една политичка страна на сметка на друга.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG