Достапни линкови

Владејачкото мнозинство остро по Јанева, таа не остана покусо


Пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ остро ја критикуваа специјалната обвинителка Катица Јанева на комисијата за политички систем. Таа им одговараше со не помала жестина.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на денешната расправа во Собраниската комисија за политички систем и ја предаде иницијативата за донесување на законот за заштита на сведоци на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Светлана Јакимовска за таа да ја поднесе во Парламентот. На тоа му претходеше маратонскиот говор на Јакимовска од 50 минути во кое освен неколку прашања, на Јанева таа и упати и лекции, препораки и свои видувања за вториот шестмесечен извештај на Специјалното јавно обвинителство кој се разгледува во комисијата. Јакимовска рече дека е запрепастена од иницијативите на Јанева, бидејќи очекувала да го образложи извештајот, а не да ги моли оние кои, според неа, се избрани нелегитимно. Таа и порача на Јанева дека иако поднела иницијатива, пратениците не може да се изјаснат без предлог текст.

„Вие нормално, според Деловникот, не може да бидете предлагач, но оние колеги кои упатуваат апел само до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, дали сте упатени, дали знаете ако толку се грижат дека не поднеле и тие никаков предлог закон во оваа насока“, рече таа.

please wait

No media source currently available

0:00 0:07:32 0:00
Директен линк

Јанева најпрвин и се заблагодари на Јакимовска за информацијата како се носат закони во Собранието и и ја даде иницијативата што наиде на одобрување од опозициските пратеници.

„Затоа еве ја замолувам госпоѓата и иницијативата ја давам и нека ја поднесе она до Собранието и нека се донесе законот за заштитени сведоци“, рече Јанева.

„Браво. Дали ќе добие поддршка од сите пратеници. Да, да од сите ќе добие“, довикуваа пратениците од место.

Јакимовска ја праша Јанева и дали лидерот на СДСМ, Зоран Заев и кажал кој му ги предал аудио снимките со преслушуваните разговори. Јанева истакна дека нема такви информации и ќе го праша Заев за време на судењето за случајот Пуч. За финансискиот извештај Јанева порача дека пратениците може да прашуваат колку сакаат, но повеќе информации таа не им дава. Таа побара и да се избрише членот од законот со кој се ограничува временскиот рок на работата на специјалното јавно обвинителство.

„Барам да се избрише членот“, рече таа.

„Доживотно, доживотно“, извикуваа пратениците.

„Да се избрише додека имаме работа и согласно кривичниот законик“, рече Јанева.

Таа истакна и дека не е оптоварена од каде протекуваат информациите за работата на СЈО, на што се вмеша и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

„Тие се во интерес на Република Македонија и на нејзините граѓани“, рече Јанева.

„А законот за кривична постапка што забранува“, дофрли Димовски.

„Слободно поднесете кривична пријава ако го најдете сторителот“, му порача Јанева.

На крајот на расправата пред паузата Димовски побара да се јави на говорницата процедурално и и порача на Јанева дека мора да достави прецизен финансиски извештај и уште еднаш истакна дека според Законот за кривична постапка протекувањето на информации е негово кршење.

„Не може јавен обвинител дека не му е гајле што од неговата институција протекувале информации, тоа е загрозување на уставните човекови права на граѓаните. Тоа е прекршување на презумпцијата на невиност“, рече таа.

По паузата расправата продолжи и е предвидено да трае до 23 часот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG