Достапни линкови

logo-print

Обвиненија од СЈО - Уништување документи во МВР и „шамарите“ за Жерновски


Првото обвинение се однесува на незаконско уништување на документација од системите на прислушување, а второто за нарачаното насилство врз градоначалникот на Центар Андреј Жерновски.

Незаконско уништување на документација од системите на прислушување и демолирањето на Oпштина Центар се првите две обвиненија на Специјалното јавно обвинителство кои денеска ќе бидат поднесени во Кривичниот суд.

Специјалното јавно обвинителство денеска до Собранието и до Советот на јавни обвинители ќе го достави и годишниот извештај за работата на институцијата. Специјалната обвинителка Катица Јанева изрази и подготвеност, за разлика од претходниот пат, да присуствува на расправата по извештајот доколку биде поканета.

Првиот предмет за кој ќе биде покренато обвинение, како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, произлегол од преземањето дејствија за тоа кој, со какви средства и зошто е вршено неовластеното прислушување. За разлика од предметот Тврдина, кој се однесуваше на уништување на системите за прислушување, ова обвинение се однесува на уништување на документацијата за уништувањето на опремата. Биле прибавени докази и за други кривични дела вршени со цел да се спречи токму откривањето на претходно наведеното. Од доказите, според Фетаи, произлегло дека првообвинетиот вработен во петтата управа незаконски формирал комисија во која членувале останатите шест обвинети лица со цел да се уништат службени списи.

„Целта на ништењето на службената документација била да бидат уништени списите поврзани со работата на системите за следење на комуникациите покрај уништувањето на самите системи кое беше елаборирано во предметот Тврдина“, рече Фетаи.

Обвинетите, според неа, се товарат за кривично дело фалсификување на службена исправа. Вториот предмет, како што наведе таа, е поврзан со еден од прислушуваните разговори помеѓу двајца поранешни високи носители на извршната власт од која произлегло сомнение за поттикнување кривично дело. Обвинети се 14 лица за кривично дело насилство врз градоначалникот на Општина Центар и спрема советниците од спротивната политичка партија.

„Анализите кои ги направи ова јавно обвинителство на прибраниот доказен материјал упатуваат на тоа дека мотивите на првообвинетиот за ваквото барање се чисто лукративни, заради опстојување на бизнис интересите на партискиот врв и нивните блиски бизнис партнери“, рече таа.

Како што можеше да се слушне од таканаречените бомби на опозицијата, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески разговара за ситуацијата во Општина Центар и како да се справат со градоначалникот Андреј Жерновски.

Машки глас 1: Може да договориме сценарио мислам, ја планирав овие нашиве да излегуваат да протестираат.

Машки глас 2: Во петок ќе му собереме едно 2000 луѓе пред Центар. Дел ќе си влезат внатре, пошто граѓани нели имаат право да влезат. Па да видиме да размислиме дали еден да стане и едно три, четири шамари јаки да му врзе. Не може ништо да му се направи. Нема тешка телесна повреда тука за кривична има прекршочна само.

На прашањето на новинарите дали токму Груевски и Јанакиески се меѓу обвинетите, обвинителката Ленче Ристоска рече дека не може да потврди такво нешто.

„Значи, кажавме веќе еднаш за начелото на пресумпција и зошто нема да кажуваме кои лица се инволвирани. Ние спомнавме телефонски разговор, не кажавме директно на кој телефонски разговор мислиме“, рече таа.

Двете обвиненија ќе се поднесат по скратена постапка, a oд СЈО велат дека очекуваат осудителни пресуди и дека за нив се предвидени казни до 5 години затвор. За обвинетите нема да биде побарана мерка притвор. Јанева апелираше и законодавниот дом да ги донесе измените за заштита на сведоци за да може СЈО да навлезе во сржта на предметите, како што се Мартин Нешкоски, Монструм и Сопот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG