Достапни линкови

Јанева - Не се плашам, парламентот е нелегитимен


Специјалната обвинителка Катица Јанева рече дека нема да го користи правото на контра-реплики, дека ги запишува сите прашања и оти ќе одговори на крај. Не се плашам да ви одговорам зашто ја имам поддршката од поранешниот премиер Никола Груевски, рече таа.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева попладнево во Собранието рече дека останува на својата изјава за нелегитимноста на Парламентот затоа што, како што кажа, во прислушуваните разговори се утврдиле основи за кривични дела за изборите. Според Јанева, доведени се во прашање сите изборни циклуси во периодот од 2012 до 2014 година.

Ова искажување на Јанева пред Комисијата за политички систем доведе до бројни реакции на пратениците, а координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, побара таа да се повлече од Специјалното обвинителство. Таа рече дека не планира да се повлече и оти ќе ја истера работата до крај.

Седницата на собраниската Комисија за политички систем на која се разгледува вториот шестмесечен извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство почна тензично, со деловнички надмудрувања, многу процедурални забелешки и довикувања од место. Комисијата треба да го разгледа и извештајот за работата на Основното јавно обвинителство за 2015 година. На седницата се присутни и специјалната обвинителка Катица Јанева и јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Јанева на почетокот имаше само кусо триминутно излагање во кое ги замоли пратениците да ги донесат измените на Законот за заштита на сведоците, да го продолжат рокот од 18 месеци за покренување обвинение или запирање на истражна постапка и да ги имплементираат препораките од Венецијанската комисија за може да утврди кој, кога и за какви цели прислушувал. Јанева рече дека излагањето ќе биде кратко, затоа што очекува прашања од пратениците на кои ќе одговори.

„Спремна сум да ви одговорам и да ви кажам не се плашам да ви одговорам на ниедно прашање. Најмногу поради тоа што ја имам поддршката од поранешниот премиер на Република Македонија, господинот Никола Груевски, и знам дека целосно стои зад мојот извештај“, рече Јанева.

Опозицијата реагира зошто прво се разгледува извештајот за Специјалното јавно обвинителство, а не тој за Основното јавно обвинителство кој е пристигнат претходно.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ упати низа прашања до обвинителката Јанева во кои алудира на нејзина пристрасност. Тој рече дека Собранието нема расположение за продолжување на рокот за работа на СЈО, но оти може да се разговара за зголемување на бројот на обвинители. Димовски праша дали со прес-конференциите на СЈО не се нарушува презумпцијата на невиност, дали Јанева ги координира настапите со СДСМ и дали градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко бил малтретиран при апсењето.

„Госпоѓо Јанева, дали не мислите дека дозволивте целата македонска јавност да има впечаток дека работите пристрасно, дека напаѓате една политичка партија и претставници на една политичка партија, а заштитувате друга политичка партија? Како е возможно, госпоѓо Јанева, да имате постапка против градоначалникот на Битола, господинот Владимир Талески, а да немате во ист момент постапка против градоначалникот на Општина Струмица, господинот Зоран Заев“, праша Димовски.

Пратеничката Рената Десковска од СДСМ рече дека опозицијата дава поддршка на барањата на Јанева, особено, како што рече, зашто има сомнителна смрт на еден од сведоците на СЈО. Таа рече дека ова обвинителство направило „херојски исчекор“, но оти сепак судството сè уште останува доминантно под партиска контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Десковска се осврна на случаите што ги отвори тимот на Јанева.

„Пред воспоставувањето на СЈО немаше јавен обвинител којшто ќе се обиде да покрене постапка против врвните функционери на власта коишто наредуваа и спроведуваа вакви монструозни активности“, рече Десковска.

Димовски реагира зашто Јанева не одговара на прашањата на пратениците и оти со тоа се нарушува парламентарната демократија и обвини дека СЈО и СДСМ е „горе-долу исто“.

Специјалната обвинителка Јанева рече дека нема да го користи правото на контра-реплики, дека ги запишува сите прашања и оти ќе одговори на крај.

Пратеникот Рафиз Алити од ДУИ праша дали СЈО ќе ги преземе случаите Монтрум, Сопот, Диво Насење и Ѓорче Петров и рече дека кај пратеничката група на ДУИ постои расположение за продолжување на рокот на работа на СЈО, ако Јанева образложи зошто е потребно пролонгирање.

Седницата продолжува утре.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG