Достапни линкови

Широк опозициски фронт - разумот пред страстите?


Илустрација

Илустрација

Како да настапи опозицискиот фронт за да се порази власта сè уште е отворено прашање. Засега сè е во игра, а партиите, опозициските активисти и противниците на власта размислуваат и договараат како да се настапи на изборите закажани за во декември.

Левица предлага настап на избори со заеднички непартиски листи кои би ги поддржале сите антирежимски партии.

„Македонија сè уште не е демократизирана. Режимот може повторно да се обиде да презема активности кои ќе го нарушат изборниот резултат. Затоа ни е потребна најефективната стратегија за поразување на режимот, па макар била таа и неортодоксна и невообичаена за старите политички партии“, велат од Левица.

Најголемата опозициска партија, пак, на Конгресот на 2 октомври ќе реши како ќе настапи на изборите, дали како партиска коалиција или како широк фронт.

Дел од помалите партии веќе коалицираат, дел размислуваат што ќе прават, некои остануваа на ставот да настапат сами. Неодамна во Коалиција за промени и правда се вклучија Демократскиот сојуз, Фродем, Демос и МОРО-Работничка партија.

Политичкиот аналитичар Алајдин Демири вели дека власта создаде многу непријатели, па затоа тој се надева дека широк опозициски фронт ќе се формира и покрај тоа што станува збор за широк спектар на партии и опозициски настроени субјекти.

„Тие имаат различни програми, едните се леви, едните се десни, меѓутоа реално тие имаат заеднички соперник- тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Јас сметам дека овие партии можат и ќе се спојат, ќе направат еден фронт и не мора некоја јака платформа и некоја јака програма да ги обединува, туку ќе ги обедини тоа зло наречено власт“, вели Демири.

Политичарот Тито Петковски вели дека во Македонија е многу тешко да се дојде до разумна варијанта која ќе биде во интерес на граѓаните.

„До таа мера е продлабочен јазот меѓу политичките партии, до омраза, нетрпеливост, нихилизам, отсуство на елементарна, не само политичка култура, што мислам дека во една таква политичка ситуација тешко може да се обе динат политичките партии од разни политички провиненции, и они кои што се леви и оние кои што се десни, центристички, така што страстите надвладуваат над разумот и едноставно не е можно да се дојде до решение кое ќе биде најблиску до интересните на граѓаните“, вели Петковски.

Тој вели дека императив е сè што мисли поинаку од власта да се стави на една страна, да има отворени листи со квалитетни луѓе, една изборна единици, прагот на излезност да биде низок 2 или 3 отсто, за да се победи оваа власт на избори и земјата а тргне напред, но како што вели, засега е далеку од тоа.

Дел од партиите се разочарани од власти, но не би го поддржале СДСМ, па прашањето е дали треба да се формира сојуз на опозициски блокови, наместо фронт што би го предводел СДСМ. Демири вели дека сепак тој фронт доколку се формира треба да го предводи СДСМ, оти, како што вели, помалите партии не се доволно моќни и мора некаде да се приклучат. Тој очекува на крај и помалите албански партии, кои сега не се дел од парламентот, да се обединат и да настапат заедно.

Владејачката коалиција за подобра Македонија пак остана покуса за ДОМ и за Демократскиот сојуз кои излегоа од коалицијата по објавувањето на бомбите.

Владејачките парти досега на избори настапувале одвоено, многу често во предизборието користеле непријателска реторика, но на првиот дел од изборите повторно коалицираат во име на непишаното правило победниците во двата блока да градат влада. ДУИ пред некое време ја поздрави изјавата на Заев за воведување на албанскиот јазик за службен. Она што не можеше да го направи ДУИ, Заев го изговори, вели Демири.

„Дали климата е за сериозно коалицирање меѓу албанските и македонските партии во принцип на измена на Уставот, во принцип на стабилизирање на Македонија, во принцип на реализирање на одредени барања на Албанците, за да се почувствуваат како рамноправни граѓани. Заев тоа го започна, а дали ќе успее? Јас сметам дека имал одредени сигнали, дека не би се впуштил во таква погубна варијанта ако нема некој репер“, вели Демири.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG