Достапни линкови

Партијата ќе каже што треба јавноста да знае


Голем дел од медиумите не се занимаваат повеќе со проблемите кои ги мачат граѓаните, туку со успесите на власта или, пак, на опозицијата.

Јавноста има право да знае, е основното новинарско начело, кое очигледно низ годиниве во поголемиот дел од медиумите се претвори во „партијата ќе каже што треба јавноста да знае“. Информациите за суштинските проблеми и потреби на граѓаните станаа пропаганден материјал во кој се прикажува како партијата носи спас и решение. Медиумското огледало кое треба да ја рефлектира вистинската слика на земјава, ја прикажува како фотошопиран супер модел од модните списанија.

Изминативе неколку дена на поголем дел од телевизиите гледаме како претседателот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој пред неколку месеци беше во извидничка проверка на терен, сега им нуди системски решенија за подобар живот на младите, на професионалните војници, на пензионерите и неколку ранливи социјални групи. Од фалби не е помилуван ниту опозицискиот лидер Зоран Заев, кој на неколку интернет портали добива лик на спасител од режимот.

Голем дел од медиумите не се занимаваат повеќе со проблемите кои ги мачат граѓаните, туку со успесите на власта или, пак, на опозицијата.

Сервирана медиумска вистина

Другата страна на сервираната „медиумска вистина“ е црната пропаганда. Додека во едните се опејува ликот на Груевски и се оцрнува Заев како најголемиот криминалец, истото правопропорционално се случува и во дел од опозициските медиуми. Прислушуваните разговори кои минатата година ги објави опозицијата само ја допрецизираат сликата на каков начин се врзани моќниците со медиумите. Заев тврди дека во еден од разговорите се слуша како поранешниот директор на УБК во разговор со уредникот на Сител Драган Павловиќ Латас изразува незадоволство за потрошените владини пари во медиумите.

please wait

No media source currently available

0:00 0:05:26 0:00
Директен линк

Машки глас 1: И која е користа? Лапа, лапа, лапа и Горан да ти кажам пари. Извини молим те, со 2 милиона еура поддршка годишно и ја ќе направам телевизија.

Машки глас 2: Он тоа си го одработуе. Канал 5 не го одработуе. Значи Канал 5 у ниеден кризен момент, они се фини, они се културни, они се…само кога се срчкаа со Велија лично. Тогаш имаше 3-4 дена, кога нив Велија ги прозва за, БС кога го спомна, го исплука, тоа вредеше, на настани ги нема, на емисии…

Чест на исклучоци, се уште постојат мал број на медиуми кои се обидуваат до јавноста да донесат вистинската информација.

Слободата на печатот во слободен пад

Досегашниот обид за реформи во медиумската сфера резултираше со отворање на вратите на владините медиуми за опозициските претставници во кои со прашања се деградира нивниот лик. И од друга страна дел од владините политичари станаа скромно поотворени за соработка со сите останати медиуми кои не се дел од продолжената рака на власта.

Цензура, смртни закани за новинари, пристрасни медиуми, притисоци, синдикати и контрасиндикати, поделба на новинари и нивните здруженија, ниски плати и економски зависни новинари, медиуми кои наместо да известуваат - шират пропаганда, напади врз новинари, ова се само дел од причините за долгогодишното константно влошување на состојбите во медиумите и слободата на печатот.

Долгогодишниот новинар и уредник Теофил Блажевски, кој е член на Комисијата за жалби при Совет за етика во медиуми во Македонија, вели дека етичките и професионални новинарски стандарди се заборавени со години.

„Нема про-владини и про-опозициски медиуми, туку веќе зборувавме за директни владини и партиски медиуми, имаме потценети новинари, уплашени новинари кои работат под закана и поради тоа се подложни на автоцензура, што покажуваат и истражувањата. Главната причина за ова е што сопствениците на медиуми, барем на електронските, но веќе имаме примери и во печатените, е што медиумскиот бизнис не им е главен бизнис, туку медиумите им служат за преговори со политичките елити и успешноста на другите бизниси што ги водат“, вели Блажевски.

Новинарот Ерол Ризаов, уредник во „Утрински весник“ вели дека состојбите во земјава се полоши и од периодот на еднопартискиот систем.

„Ако некогаш во социјализмот, во еднопартискиот систем беше подвиг да се критикуваат злоупотребите на власта, денеска е подвиг да се фали власта. Такво нешто нема ни во најрудиментираните општества.“

Политичките партии ја преземаа улогата на редакции

Дел од политичките партии ја преземаа улогата на редакции, тие формулираат и прават вести 24/7 и повеќе имаме продукција на вести од некои центри за комуникации, отколку од одредени медиуми, вели директорката на Институтот за комуникациски студии, Жанета Трајкоска, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„Потребно е тоа што со години наназад сите го зборуваме – политичките партии да ги тргнат рацете од институциите кои што се занимаваат со медиумите, како што е Агенцијата за медиуми, да се направи начин на селекција на избор на тие членови во таа Агенција коишто нема да бидат партиски послушници и само ќе креваат рака така како што ќе им каже лидерот. “

Трајкоска - Политичките партии станаа медиумски редакции
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:53 0:00

Од друга страна да реагираат и да си го имплементираат законот така како што треба, па да реагираат на говор на омраза, да реагираат на непрофесионално известување во смисла на недоволен плурализам, не само во јавната радио телевизија, туку и во приватните телевизии, затоа тие треба да го штитат јавниот интерес во Македонија, објаснува Трајкоска.

Медиумите испаднаа жртва на партиските договори тврди претседателот на здружението на новинари Насер Селмани. Тој смета дека е јасно оти политичките партии не сакаат сериозни медиумски реформи, а тоа го потврдија во последните неколку месечни преговори кои се водеа во клубот на пратениците.

„Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ инсистира да ја задржи контролата врз медиумскиот систем во Македонија, лажеа кога тврдеа дека има договор со ЕУ и САД да нема реформи пред избори и да нема нова оценка на меѓународниот фактор за исполнувањето на условите за фер и демократски избори“, вели Селмани.

Новинарски фронт

Новинарскиот фронт кој се залага да се вратат медиумските реформи назад на преговарачката маса бараат лидерите на четирите големи партии да објаснат зошто пропаднаа преговорите за медиумските реформи во посредство на преговарачот Питер Ванхауте. Одговор не добија, освен кратката оптимистичка изјава на евроамбасадорот во Скопје Аиво Орав кој посочи дека преговорите за медиумите ќе продолжат.

Според него, постојат отворени канали на комуникација меѓу партиите и во моментот се разгледува на кој начин ќе се реши прашањето. Претходно Орав на својот твитер-профил на Интернет ја спомена саморегулацијата на медиумите, односно самите да најдат начин како да си ја средат сферата на работа.

Селмани вели дека за да се обезбедат слободни и професионални медиуми потребно е да престане владиното рекламирање со кое Владата ги корумпира и ги контролира медиумите. Тој додава дека за ослободување на МРТВ од партиските спреги е потребно стабилно финансирање. Но неопходна е и реформа во приватниот медиумски сектор, вели Селмани.

Европската комисија за прв пат минатата година без дипломатски ракавици конкретно ги посочи негативните состојби во медиумите.

„Оваа област останува сериозен предизвик во земјата во сегашната медиумска култура и политичка клима, а земјата во текот на минатата година продолжила да назадува,“ се вели во Извештајот за напредокот.

Во него се наведува и загриженост на Комисијата поради обидите да се ограничи известувањето за работи кои се од јавен интерес.

Извештајот забележува дека повеќе новинари изјавиле дека нивни телефонски разговори биле содржани во илегално направените снимки, што укажува дека биле изложени на незаконско следење. Забележано е и дека дел од снимените разговори укажуваат дека медиумите биле под директен или индиректен притисок од власта во нивното известување.

А, оваа слика е слична со онаа што ја посочуваат и организациите што го мерат степенот на медиумските слободи. Според последното рангирање на „Репортери без граници“, Македонија се наоѓа на 123. место на листата на индексот за медиумски слободи во светот со што е многу блиску до дното на овој список.

Слободата на медиумите под закана во Европа

Во Европа, особено во нејзиниот источен дел, според добрите познавачи на приликите, постојано се зголемува ерозија на слободата на медиумите. Тоа, како што сметаат, е поради неподготвеноста на властите да ги прифатат демократските принципи и вредности, но и да се справат со корупцијата.

Гоце Атанасов

Слободата на медиумите под закана во Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:51 0:00

Турската полиција пред извесно време упадна во канцелариите на весникот „Заман“, чии новинари критички беа настроени спрема турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговата авторитарна политика. Веднаш потоа тој весник почна да објавува билтен на активностите на Ердоган. Ова е само еден од примерите како во оваа НАТО земја и претендент за членка на ЕУ властите во стравот од јавната критика се справуваат со сè што не ја дели нивната воодушевеност за сопствените потези. Од друга страна, тука е стравот дека би можело ширењето на таквото јавно мислење да се претвори за некакво организирано движење и улични протести. Во многу земји прашањето на сопствениците на медиумите влијае врз слободата на печатот. Во Русија, Украина и во Западен Балкан, медиумите станаа политичка алатка на елитите и олигарсите.

„Можете де видите како граѓанското општество во Русија е сериозно ослабено. Независните медиуми исчезнаа. Но, тоа не е знак за сите нас само да слегнеме со рамената. Ние имаме договор со луѓето кои имаат желба да ја заштитат професијата“, вели Дуња Мијатовиќ која шест години беше претставник на ОБСЕ за медиумите.

Во Украина, како што претседателот Петро Порошенко дојде на таа функција во 2014 година, тој, според Мијатовиќ, и покрај нејзините инсистирања дека тоа треба да го стори, не се откажал од сопственоста на Канал 5 телевизијата.

„Киев се уште ништо не прави кога ќе дојде до напади врз новинари“, додава таа.

Слично е и во Унгарија и во последно време и во Полска, земји кои се бореа да се откачат од комунизмот, но чии влади сега се свртија кон медиумите. Според Мијатовиќ, најмногу загрижува ситуацијата на Балканот. Според неа, транзицијата тука е далеку од завршена работа.

„Дваесет години по војната, многу работи беа постигнати. Можете да видите напредок. Но, повторно има уназадување и стагнација“, вели таа, додавајќи дека една од причините е и неподготвеноста на лидерите да ги прифатат демократските вредности.

Тука секако се и неконтролираната корупција, заканите изрекувани кон истражувачките новинари и начинот на кој јавната радиодифузија треба да биде ремонтирана.

„Државната телевизија во Западен Балкан не се трансформира во вистински јавен сервис. Регионот има добри закони, но кога доаѓа до нивно спроведување тогаш тоа е нула. Се е поврзано со недостигот на политичка волја“, вели Мијатовиќ која верува дека транзицијата во Западен Балкан нема да биде завршена без притисок од Европската унија.

Настрана сегашната бегалска криза која може да го дестабилизира Балканот, според Мијатовиќ, не постои доволно меѓународно внимание за Западен Балкан, дали поради недостиг на интерес или поради тоа што тој интерес сега е насочен врз конфликтите во Сирија и Украина.

Медиумите се финансираат со сомнителни пари

Влијанието на медиумите е клучно во креирањето на јавното мислење, па оттука е битен и изворот на парите. Финансиската „поддршка“ на медиумите со буџетски средства им е добро познат модел на сите власти во Македонија во изминативе години. Резултатите од неговата експлицитна злоупотреба се особено видливи на медиумскиот пазар во последниве години.

Со буџетска поддршка, Владата го помага одржувањето во живот, но и подемот на многу медиуми на национално и на регионално ниво, создавајќи нелојална конкуренција и нарушувајќи го економскиот баланс на медиумскиот пазар.

Финансирањето на голем дел од медиумите во Македонија на директен или индиректен начин е поврзано со власта, дел од нив изворите на пари им доаѓаат директно од даночниот рај Белизе. Токму поради тоа на голем број од сопствениците на медиумите не може да им се влезе во траг.

Истражувањето „Индекс на клиентелизам во медиумите: Мерење на реалноста“, покажува дека транспарентноста во медиумската сопственост е најголема во Србија, додека Македонија се наоѓа на четврто место, но пред Хрватска и Босна и Херцеговина, додека, пак, монополистички практики се бележат во сите земји во регионот. Во поглед на достапните документи за транспарентноста во финансирањето на јавните медиуми, Македонија и Хрватска се наоѓаат на ист ранг, односно во овие две земји е невозможно да се добие увид во комерцијалните договори со кои се финансираат медиумите во јавна сопственост.

Македонија, заедно со Босна и Херцеговина, е последна во регионот, со дури негативна вредност на индексот за целокупниот систем за справување со клиентелизмот во медиумите.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG