Достапни линкови

Млади, охрабрете се!


Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија
Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија

Летниот период како и секогаш ја спласнува бунтовничката идеја кај младите па излегува дека сценскиот настап наречен „политичка криза“ како да ја оствари својата цел, ги маргинализира младите и нивните проблеми, пишува Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Се прашувам дали навистина вредеше сето ова за на крај буквално за еден месец да се „исполнат“ наводно условите од „пржинскиот“ и Македонија излезе на избори (ако дочекаме избори, бидејќи тука ама баш ништо не се знае однапред).

Ако беше толку едноставно, зошто тогаш не се реши оваа политичка криза уште на почетокот? Зошто несовесни политичари оставија Македонија да потоне во фекалиите кои се таложеа последниве десет години, а притоа знаејќи дека еден ден сè ќе избие на површина исто како и фекалиите до зградата на МНР. Знам дека овие прашања заслужуваат, но нема да бидат одговорени, барем не од оние, компетентните.

Туку, што прави Власта во поглед на младите. Летниот период како и секогаш ја спласнува бунтовничката идеја кај младите па излегува дека сценскиот настап наречен „политичка криза“ како да ја оствари својата цел, ги маргинализира младите и нивните проблеми. Само што пак како на почетокот, среќа не е вечно летото, па наталожените проблеми излегуваат и го бодат окото на младиот човек, инаку разочаран од неможноста да преземе нешто околу тоа.

Зошто бараме младите да се вклучуваат активно во политичките процеси? Токму поради ваквите пристапи на власта во Македонија, но и поради должноста која ја има секој млад човек како дел од ова општество. Зошто цело време овие десет години поттикнуваме младинско учество? Токму поради нас и Вас, со заедничка сила и енергија, но и идеја да поттикнеме промена, односно решение на проблемите со кои се соочуваме.

Изминатиот период во Македонија се сменија многу работи, настрана лошата политика и водство на државата. Младите се обединија, подмладоците проговорија, а младинскиот граѓански сектор го руши стереотипот за младите и политиката. Токму овие конкретни чекори беа иницијалните каписли за подигањето на младите во државава, за повишување на тонот и гласно изразување на револтот настанат од нерешавањето и тлеењето на проблемите со кои се соочуваме.

Овие партиско-политички процеси не треба во ниеден момент да ве поколебаат ниту пак премислат, тие се природни процеси во кои се унапредува слободната мисла, но и се ослободуваат партиско-политичките организации од прангите на минатото.

Затоа, што поголема застапеност на млади во партиско-политичките организации, поголема можност и простор за видливост на проблемите но и борба и поттик за нивно решавање. Ако пред дваесет и пет години тогашната генерација млади Македонци успеа да изгради независна и суверена држава, денес токму оваа актуелна генерација на млади е спремна да ја врати Македонија слободна и на вистинскиот пат. Иднината зависи токму од нас/Вас, младите!

За крај би сакал да им укажам на сите млади, без разлика на национална и верска припадност, дека нашето/нивното време доаѓа, дека младите, што и да се случи, на крајот ќе ја преземат работата во свои раце и ќе покажат дека се зрели за предизвикот наречен „подобра иднина за Македонија“.

П.С: Би сакал да го замолам невладиниот сектор во блиска иднина да обезбеди средства за организирање семинари наменети за моменталните министри од Владата на Република Македонија за правење разлика помеѓу политички и партиски цели. Жално е да се чита изјава или соопштение на некое министерство каде се изедначуваат партиските и политичките цели кои се два различни поими во суштина.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG