Достапни линкови

Не треба младите да се оттргнуваат, напротив треба да се мотивираат и да учествуваат во сите можни политички процеси, активно, како и сите граѓани, бидејќи други млади нема, други граѓани нема, а и оние што ги имаме ги губиме, пишува претседателот на УМС на ВМРО-НП во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Секоја година, секој изборен циклус во Македонија се менуваат само годините, сè друго останува навидум исто. Истите актери, исти проблеми, ист начин на игра со тежнеење кон ускратување или додавање на нови услови за „достојна и фер“ завршница, онака како што наликува на една „демократска“ држава.

Не треба младите да се оттргнуваат, напротив треба да се мотивираат и да учествуваат во сите можни политички процеси, активно, како и сите граѓани, бидејќи други млади нема, други граѓани нема, а и оние што ги имаме ги губиме.

Но, за сагата наречена избори во Македонија да биде што посложена, а притоа интересна за широките маси, тука се европските учители кои скоро секоја изборна година ги гледаме на своите катедри како се обидуваат да донесат некоја свежина или да ни го доловат всушност она што требаше да го играме години наназад, како демократска држава, се разбира.

Па, бидејќи провевот од ветерот на промените, инициран од мнозина неочекувани актери во овие 10 години, иста и веќе здодеана власт дува, де со зголемен, де со намален интензитет, а и по некое непишано правило се налага да се сконцентрираме на проблемите кои десет години не мачеа, а притоа не им се најде чаре.

Еден од најважните проблеми, ако не и главниот камен на сопнување во моментов е избирачкиот список кој според некои кажувања не е допрен ниту еднаш иако во последниве десет години имавме ни помалку ни повеќе туку седум изборни циклуси. Во еден од тие седум циклуси се изврши таканаречено „прочистување“ кое гледано од денешен аспект не прочисти, туку вметна нови фиктивни гласачи кои оперираа на целата територија на нашата (а не неговата) Македонија.

И сега го поставувам прашањето дали партиските лидери сметаат дека може и доколку може дали ќе биде ефективно прочистувањето на избирачкиот список без претходно да се направи попис на населението? Чисто се сомневам во тоа дека некој ќе најде за сходно да го одговори ова прашање кое е можеби и клучот за проблемот наречен избирачки список.

Настрана од проблемите со медиумите кои се исто така важен услов за фер игра, ме мачи друго прашање кое во зародишот од преговарачкиот процес во Пржино беше само пренесено, но не и чесно одбрането, како што на пример се бранеа предлозите за техничките министри. Да, станува збор за промената на веќе постоечкиот изборен систем, односно укинување на шесте изборни единици и воспоставување на само една изборна единица. Имено, кога дел од партиите излегоа со свој став за промена на ваквиот систем другиот дел како да не го разбра бенефитот од таквиот процес, а СДСМ во случајов толку глатко помина покрај ваквиот предлог, што воопшто не се ни почувствува дека партиите имаат некакво гледиште во поглед на изборниот модел и систем. Ме интересира од што се исплашија СДСМ и ДПМНЕ што толку тивко поминаа покрај предлогот на партиите кои се вон пржинските преговори во Македонија да се воспостави една единствена изборна единица?

И, како и секогаш, на крајот сепак останува простор за што требаше и што не се успеа да се смени, а имаше реални шанси за промена. Бидејќи веќе сфативме дека Собранието, односно скоро сите пратеници патат од синдромот „што се направило, а што не“ пред годиништа наназад, бидејќи веќе сфативме дека ни е потребна суштинска промена во Македонија иницирана од „ветерот на промените“, кој пак за волја на вистината го раздвижија токму младите ќе кажам дека тие суштински промени треба да се бараат токму во идејата и енергијата на младите.

Не треба младите да се оттргнуваат, напротив треба да се мотивираат и да учествуваат во сите можни политички процеси, активно, како и сите граѓани, бидејќи други млади нема, други граѓани нема, а и оние што ги имаме ги губиме. Секоја промена почнува од нас самите, не дозволувајте некој друг да ја пишува нашата иднина, самите одговараме и самите решаваме за неа.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG