Достапни линкови

Право


Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија.
Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија.

Токму елементите на недореченост, намалена видливост и застапеност на широките интереси на младите на политичката сцена го отсликуваат процесот на исклучување на младите од процесите на одлучување, пишува Дино Блажевски, претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-Народна партија во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

И овој пат наместо да ја коментирам кризата во криза како последица или производ на Пржинскиот договор ќе го пополнам овој простор со мислења за вториот по важност проблем кај младите, а тоа е младинското учество.

На Македонија не и се потребни револуции, но мислам дека се неопходни огромни промени во самата перцепција за младите во Македонија.

Во почетокот на деведесеттите години на минатиот век на македонската сцена никна фактор кој доста долго време влијаеше на ставовите на младите – транзицијата. Огромен број на анализи во светски рамки покажуваат дека младите претставуваат доста сензитивен сегмент од популацијата на кој уште на почетокот можат да се детектираат и видат промените што се случуваат во целото општество. Претпоставка е дека младите за разлика од возрасните процесот на социјализација го чувствуваат далеку поспоро со што стануваат мета на разни влијанија од страна на општествената околина.

Врз основа на ваквите анализи и претпоставки преку младите се добива јасна слика за постојните процеси во целото општество, истовремено се откриваат и трендовите што ги наговестуваат можните и идни придвижувања и состојби.

Денешната младина сакајќи да го избегне општественото наследство од времето на своите родители се упатува кон радикални општествени промени. И во Македонија тие промени ги иницираат и носат токму младите, кои би требало да бидат едни од главните носители на нужните општествени промени. Зошто треба да се стави акцент на младите? Едноставно е.
Како прво, младите претставуваат огромна општествена група која во поново време не се преоптоварува со идеологии, а како второ младите се најкреативниот сегмент од популацијата врз основа на своите образовни достигнувања, вештини и искуства, енергичност и флексибилност. Токму коктелот од сите овие елементи насочува кон тоа младите да го добијат приматот како најсоодветна општествена група за општествените промени кои пак преставуваат нужен дел од демократската трансформација на македонското општество. Ваквите анализи всушност ја вклучуваат потребата од разгледување на нивните политички ставови и активности.

Но меѓу другото во овие анализи за состојбата на младите во Македонија потребно е да се искажат и нивните основни потреби за да се добие целосен увид за нивните проблеми при интеграцијата во политичкиот и општествен живот во својата заедница.

Треба да се истакне дека политиката е една од најзначајните активности преку која се одредува рационалното дејствување се со цел поуспешно општествено уредување. И доколку исклучувањето од политиката значи исклучување од процесот на одлучување, може слободно да се заклучи дека младите во Македонија се исклучени од тој процес.

Токму елементите на недореченост, намалена видливост и застапеност на широките интереси на младите на политичката сцена го отсликуваат процесот на исклучување на младите од процесите на одлучување.

На Македонија не и се потребни револуции, но мислам дека се неопходни огромни промени во самата перцепција за младите во Македонија.

Во насока на тие промени сметам дека во моментов ни е потребно воспоставување на механизам или процес на заедничко консензуално решавање на младинските проблеми, пред се од страна на партиските подмладоци и младинските организации.

Само со решителност, конструктивност и волја за работа токму ние младите можеме да се избориме за местото кое го заслужуваме во процесите на одлучување.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG