Достапни линкови

За да ги платат сметките го продаваат житото по ниска цена


Земјоделците мораат да ги подмират трошоците, па не можат да чекаат со месеци да се подигне центата и тогаш да го дадат родот.

Иако беше најавено дека земјоделците ќе го складираат житото заради ниските цени, дел од нив решија да го продадат за да ги подмират трошоците од производството и за живот. Продажната цена на житотото се движи меѓу шест и девет денари во зависност од квалитетот. Земјоделците кои произвеле жито со помала хектолитарска тежина добиваат по шест денари, а оние со екстра квалитет и до девет. Мерките што ги даде државата за да им помогнена со субвенционирање на складирањето на лебното зрно ќе дадат резултати, но, како што велат земјоделците, за поимашливите и поголемите земјоделци. Оние поситните мораат да ги подмират трошоците, па не можат да чекаат со месеци да се подигне центата и тогаш да го дадат родот.

„Земјоделците беа договорени да не ја продаваат пченицата зашто цените се ниски. Но, кога на врата им тропнаа извршители за сметки за струја неплатени за пет-шест месеци, за вода, комуналии, мораа да го пордадат родот и по шест денари“, вели Марјан Атанасовски, претставник на земјоделското здружение „Спас“ од Пелагонија.

Земјоделците посочуваат дека годинава производната цена е изедначена со продажната. Заработка ќе имаат оние земјоделци кои собрале род над четири тони од хектар, а оние кои одгледуваат жито во ридести и сушни краишта, не ќе можат да се надеваат на повеќе пари.

„Годинава производната цена со продажната се скоро исти. Имаше земјоделци кои не извадија четири тони од хектар. Тоа е минималниот род кој треба да го произведете за да ги покриете трошоците. За да обработите и добиете род од еден хактар, трошоците со сите агро-мерки, прскања, семенски материјали се 24 илјади денари. Aко произведете четири тони од хектар и ги продадете по шест денари, тоа е 24 илјади денари. Заработка е можна доколку имаш над четири тони од хектар. Во повисоките места кон Гермијан, Бач, Живојно, таму од хектар имаат по 3 тона. Тие земјоделци работат со загуба, односно продажната цена им е пониска од производствената“, велат од „Спас“.

Ваквата состојба предизвика појава на диви откупувачи кои житото го креваат од магацините по селата. Им даваат на земјоделците по шест денари во готово од килограм откупена пченица.

„Диви отклупувачи има, а на откупните пунктови стои цена по 8 денари. Кога ќе ти намалат влага и хектоликарска тежина ќе земите по шест денари. Дивите окупувачи ја земаат пченицата од по магацини, а земјоделците го користат тоа зашто немаат транспортни трошоци. Ако, пак, ја превезуваат самите пченицата до мелничките капацитети, цената ќе им дојде по четири денари од килограм“, вели Атанасовски.

Надлежните, пак, велат дека редовно ја контролираат ситуацијата на терен и нема да дозволат диви откупувачи да им го земат житото на земјоделците по ниски цени. Од млиновите објаснуваат дека цената е пазарна категорија која се формира врз основа на побарувачаката и потрошувачката на житото.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG