Достапни линкови

logo-print

Бројот на пријавени „спорни“ гласачи под очекувањата


До петок во 19 часот треба да заврши граѓанската проверка на спорниот дел од избирачкиот список. Експертите не се задоволни од начинот на кој партиите се решија да ги прочистат фантомските гласачи и велат бројот на пријавените е под очекувањата. Како и да е, на 31 август четирите партии треба да оценат дали има услови за избори во декмври.

Граѓаните кои се ставени на списокот на спорни гласачи имаат уште само пет дена да се пријават во Државната изборна комисија. Рокот за пријавување на спорните гласачи истекува на 19 август во 19 часот. Од ДИК соопштија дека досега се пријавиле над пет илјади граѓани чиишто записи во Избирачкиот список по извршените вкрстени и теренски проверки се спорни. Ваквата бројка на пријавени не ги задоволува очекувањата на домашната јавност.

Професор Темелко Ристески вели дека проценките на ДИК се погрешни, а тоа го покажува малата бројка пријавени.

„Некому да се одземе избирачкото право со бришење од избирачкиот список, а со непотполно утврдена фактичка состојба, лично мислам дека се работи за повреда на Уставот. Кога се луѓе во прашање, мора прецизно да се утврди фактичката состојба и врз основа на неа да се донесуваат одлуки за бришење од избирачкиот список“, вели тој.

ДИК мора да најде начин до истекот на рокот за пријавување на граѓаните таа бројка да ја сведе на минимум, а не да брише луѓе од списокот. Ристески вели дека прочистувањето на избирачкиот список на начин на кој го договорија политичките партии, не е најдобриот.

„Очигледно е дека не беше добро искористен методот на утврдување на фактичката состојба со вкрстени податоци. Во институциите на системот може да се најдат податоци за граѓаните, за тоа дали се живи и каде живеат и можеше да се искористи тоа за бројката на фантомски гласачи да се сведе на минимум“, изјави Ристевски.

На посебен извод на Избирачкиот список се ставени 171.500 гласачи за кои се претпоставува дека подолг рок живеат во странство, но нивното гласачко тело не е оспорено.

Покрај прочистувањето на избирачкиот список и ад хок телото за мониторинг на медиуми чиј состав треба да се докомплетира најдоцна до 23 август. Од спроведувањето на договорените решенија ќе зависи одлуката на четворицата партиски лидери, кои на 31 август треба да седнат на маса и да кажат дали ќе има избори во декември. Ако одлучат да има избори на 11 декември, ќе остане формирањето на преодна влада 100 дена пред избори и именувањето на главен и одговорен уредник на МРТВ на предлог на опозицијата. И мандатот на привремената комисија за мониторинг на медиумите ќе трае до завршувањето на изборниот процес. Собранието би требало да се распушти на 11 октомври.

Договорот во Пржино беше постигнат на 20 јули. Осум дена подоцна, Собранието ги донесе измените на законот за Влада, МВР и медиуми.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG