Достапни линкови

Излегува дека сепак има „фантомски гласачи“


Од околу 40 илјади спорни гласачи досега се пријавиле нешто над 1.200. Експертите велат дека не може да се очекува голем одѕив зашто овие граѓани веројатно не постојат.

Во екот на процесот на пријавување на спорните гласачи, Државната изборна комисија почна јавна кампања со која ги повикува граѓаните да се пријават за да го регулираат своето избирачко право. Целта на кампањата е поголема информираност на граѓаните, велат од ДИК.

„Се работи за класична медиумска кампања. Ќе ги таргетира точно спорните гласачи преку веб банери на порталите, на електронските медиуми, на сите весници, ТВ и радио станици, исто така е поставен тој веб банер кој е директно поврзан со нашата веб страница каде што се пријавуваат граѓаните, потоа ТВ спотови, радио спотови, флаери, постери итн. Целта е да се информираат граѓаните дали се на тој список и ако се, да се пријават“, објаснува Љупка Гугуческа од ДИК.

До вчера до ДИК од 39.502 спорни се пријавиле само 1.224 граѓани. Аналитичарите велат дека каква било кампања на ДИК за информираност на граѓаните може да вроди со плод само за малкуте лица кои случајно се нашле на тој список поради одредени грешки во информацискиот систем на ДИК. Но, она што според професор Никола Дујовски е проблематично е фактот што најголемиот дел од тие луѓе на списокот не постојат.

„Најголем дел од тие се луѓе коишто воопшто не постојат, коишто едноставно ги нема. Тоа се луѓе коишто можеби одамна се иселени, никогаш немале имиња и презимиња кои им се доделени во избирачкиот список. Но, за тоа сега е рано. Очекувам дека ако се продолжи со ова темпо, ќе се пријават таман толку колку што навистина е грешка од страна на ДИК, а сите други воопшто ги нема. Со каква и да е кампања, тие луѓе нема да ги најдете“, смета Дујовски.

Според него, ваквиот начин на прочистување на избирачкиот список нема да ја врати довербата на јавноста во изборниот процес.

„Ова е политичко договарање помеѓу четири партии коешто ниту е поткрепено со соодветни статистички анализи, ниту пак може да предизвика реално зголемување на довербата кај граѓаните. Многумина заговараат дека нам прво ни е потребен попис на населението, па дури потоа избирачки список“, изјави Дујовски.

Рокот на пријавување на граѓаните кои се ставени на списокот на спорни гласачи е 19 август до 19 часот. Граѓаните, доколку сакаат да го задржат правото на глас, ќе мора да се пријават лично во ДИК или во нејзините подрачните одделенија или дополнителни канцеларии во општините. При пријавувањето, ќе мора да носат важечка лична карта или пасош. Тие исто така ќе може да се пријават и преку интернет, односно преку посебна апликација поставена на интернет страната на Државната изборна комисија. На посебен извод на Избирачкиот список, пак, ќе се стават 171.500 гласачи за кои се претпоставува дека подолг рок живеат во странство, но нивното гласачко право не е оспорено.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG